Некои од медиумите во соседството јавија дека Скопје и Тирана се во центарот на вниманието на состанокот во Брисел, но нема некакви поконкретни информации за што се разговара и дали се бараат некакви модалитети за излез од ќор-сокакот за евроинтеграциите на нашата земја поради бугарското вето
Точката за одредување датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија до затворањето на денешното издание на весникот не се најде на дневниот ред пред министрите за европски прашања, кои вчера се состанаа во рамките на декемврискиот Совет за општи работи на ЕУ.
Македонија поради бугарското вето чека повеќе од година и половина на одржување на првата меѓувладина конференција, со што се означува формално почетокот на преговорите со Унијата, без оглед што претходно европските лидери дадоа зелено светло за изготвување на преговарачката рамка со земјава.
Во текот на вчерашниот ден, до доцните попладневни часови немаше никакви навестувања дека Бугарија би можела да го тргне ветото за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, а новиот бугарски премиер Кирил Петков најави дека проблемот меѓу двете земји може да се реши во следните шест месеци.
Некои од медиумите во соседна Албанија јавија дека Скопје и Тирана се во центарот на вниманието на состанокот во Брисел, но нема некакви поконкретни информации за што се разговара и дали се бараат некакви модалитети за излез од ќор-сокакот. Не се исклучува можноста решенија околу заклучоците да се бараат и денеска, како и на состанокот на 16 декември.
Во меѓувреме, додека Македонија и Албанија чекаат датум, Србија вчера отвори еден кластер во преговорите со ЕУ, кој вклучува четири поглавја што се однесуваат на транспортната политика, трансевропската мрежа, животната средина и енергетиката. С.Т.