Претседателот на МАНУ во својата анализа се осврнува и на моделите на владеење и поделбата на моќта во Македонија, при што нуди решенија за излез од проблемите со кои се соочува државата
„Везилке, кажи како да се роди /
проста и строга македонска песна /
од ова срце што со себе води /
разговор ноќен во тревога бесна?“
Во книгата „Алиса зад огледалото“, од Луис Карол (инаку, писател, математичар, свештеник, пронаоѓач, фотограф), продолжение на авантурите на Алиса во земјата на чудата, Алиса повторно влегува во фантастичен свет, во светот зад огледалото. Таму, таа открива дека сè е обратно, вклучувајќи ја и логиката, па така, на пример, трчањето на човекот му помага да остане неподвижен, додека оддалечувањето од нешто, всушност, го приближува човекот кон тоа нешто. Токму како и за Македонија. Во последните неколку години, Македонија отиде „зад огледалото“. Денес, во Македонија сè е обратно, вклучувајќи ја и логиката, па така, на пример, обидите да се приближиме до демократска и правна држава ја оддалечија Македонија светлосни години од демократијата и владеењето на правото, додека непромислените чекори за интеграција во ЕУ помогнаа Македонија да остане неподвижна, дури и да назадува.
Веќе повеќе пати пишував дека Македонија се соочува, во основа, со два проблеми, кои ги именував како „проблем на демократијата“ и „идентитетски проблем“. Во овој текст, со „проста и строга“ анализа на двата проблеми ќе предочам дека постојните решенија за нивно надминување направија Македонија да се оддалечи од посакуваните резултати, да се трансформира во антипод на посакуваното.
Првиот проблем, проблемот на демократијата, се состои во следното. Дефинирањето на демократијата, да го парафразирам Линколн, како „владеење од и за народот“ го отвора фундаментално прашање: Кој ќе владее и на чии интереси треба Владата да реагира кога луѓето не се согласуваат и имаат различни мислења/интереси/желби? Еден одговор на оваа дилема е: мнозинството од луѓето. Овој пристап се вика мнозински модел. Алтернативен одговор е: што е можно повеќе луѓе. Ова е суштината на моделот на консензуална демократија.
Тој не се разликува од мнозинскиот модел во прифаќањето дека мнозинското правило е подобро од малцинското, но го прифаќа мнозинското правило само како минимален услов: наместо да биде задоволен со тесни мнозинства за донесување одлуки, тој се обидува да ја зголеми големината на овие мнозинства.
Во книгата „Мотиви на демократијата, форми на влада и перформанси во триесет и шест земји“ (Arend Lijphart, Patterns of Democracy, Government Forms and Performance in Thirty-Six Countries, Yale University Press, 2012), авторот зборува за десет карактеристики на двата модела на демократија. Меѓу другото, тој напоменува дека „основна разлика меѓу двата модели е во тоа што мнозинскиот модел на демократија е ексклузивен, конкурентен и контрадикторен, додека моделот на консензуална демократија се карактеризира со инклузивност, договарање и компромис“. Од оваа причина, консензуалната демократија може да се нарече и „преговарачка демократија“. Понатаму, спроведувајќи анализи на триесет и шест држави (емпириски случаи на демократија) со текот на времето, авторот покажува дека: (1) повеќето од анализираните земји имаат стабилна демократија, (2) за широк спектар на индикатори за квалитет на демократијата, консензуалните демократии се значително повисоко рангирани од мнозинските демократии и (3) консензуалните демократии се подобри во однос на ефикасноста на управувањето.
Така, грубо зборувајќи, постојат два модела на владеење: мнозински и консензуален. Каква е поделбата на моќта во Македонија? Се разбира мнозинскиот модел не е добар – тоа ќе доведе до доминација на мнозинството над малцинството. По мое мислење, моделот на демократија во Македонија е хибриден, при што доминантната „етномнозинска демократија“ е дополнета со примеси на консоцијалната демократија. Уште повеќе, според мене, но за тоа на друго место многу подетално, во Македонија нема вистинска консоцијална демократија, иако некои од нејзините карактеристики се имплементирани во македонското општество.
Ваквиот хибриден модел составен од мнозинска и консензуална демократија (поточно, да бидам прецизен, етномнозинска демократија и консоцијална демократија), за што сме сведоци веќе со години, во Македонија доведе до: (1) еродирање на демократијата, (2) нестабилно владеење, (3) владеење што, всушност, се реализира преку два паралелни процеси, (4) етнодиференцијација, (5) доминација на малцинството над мнозинството, (6) фрагментација на општеството и (7) девалвација на системот на вредности.
Дали за Македонија има решение на овој проблем? Каква демократија треба да има во Македонија? Ќе понудам две решенија. Првото решение е консензуална демократија. Во погоре споменатата книга, првата, од десетте спротивставени карактеристики на двата модели, гласи: „Концентрација на извршната власт во кабинетите со еднопартиско мнозинство наспроти поделба на извршната власт со широки повеќепартиски коалиции“. Со други зборови, без разлика дали станува збор за мултиетничко општество или не, поделбата на извршната власт не се прави по еднопартиска и/или етничка основа, туку со широка повеќепартиска коалиција. Голем број примери на (доминантно моноетнички, но и мултиетнички) земји во коишто извршната власт се имплементира врз основа на консензуална демократија ќе најдете во веќе спомената книга. Да заклучам, во консензуалната демократија, партиите учествуваат во формирање на Владата процентуално со добиените изборни гласови. Ќе го илустрирам ова со пример: ако на изборите партијата А добие 35 отсто, партијата Б 34 отсто, партијата В 20 отсто и партијата Г 11 отсто пратенички места, во етномнозинскиот модел извршната власт се распределува меѓу партиите А и В, двете победнички партии меѓу доминантните етникуми. Притоа, заради остварување и задржување на власта од страна на партијата А, поделбата на извршната власт често се прави во приближен сооднос 50 отсто за А и 50 отсто за В. Од друга страна, во консензуалната демократија, извршната власт се дели меѓу сите четири партии (пропорционално на освоените пратенички места).
Второто решение е модел на уставна демократија со елементи на делиберативна демократија (воведување нови форми на директна демократија, на пример, народно вето, отповикување на избрани претставници, петиција, граѓанска иницијатива, референдум преку нови законски решенија). Би сакал да потенцирам дека ова е краток текст, колумна, потребна е подетална анализа за двете решенија, којашто се надевам брзо ќе ја направам во соработка со експерти од областа на изборни модели, демократија и политички науки.
Сржта на вториот проблем, оспорувањето на македонскиот идентитет, јазик, култура, црква, трае веќе од 19 век. Обидот тој проблем да се реши со Преспанскиот договор, а со намера интеграција во ЕУ, всушност, не само што не го реши туку нѐ врати многу години наназад, отворајќи ја Пандорината кутија. До 2018 година Македонија беше признаена како „Република Македонија“ од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). Елементарна алгебра покажува дека во 2018 г. нашата земја беше именуваа како Република Македонија од речиси 80 отсто од жителите на планетата Земја. Во еден ден, 17 јуни 2018 г., со еден потпис сето тоа беше избришано. Неколку години подоцна, во 2021 г. сме сведоци на почетоците на разнебитувањето, откажувањето, негирањето, од повеќето македонски институции, на сѐ што е поврзано со Македонија, дури и на придавката македонски. Така, на пример, МИА повеќе не значи Македонска информативна агенција, тука Медиумска информативна агенција. Од друга страна, за да биде апсурдот уште поголем, според спогодбата, може да се користи името Македонски народен театар (погодете зошто?), но не и, на пример, Македонска академија на науките и уметностите.
Да заклучам, со „проста и строга“ анализа предочив дека постојните решенија за двата основни проблеми во Македонија водат во нејзино распаѓање, деградирање, исчезнување. Во веќе споменатата книга „Алиса зад огледалото“, откако Алиса ќе ѝ соопшти на Белата Кралица дека никој не може да верува во невозможни нешта, Кралицата ѝ одговара дека таа понекогаш пред појадокот верува во шест невозможни нешта. Ќе го завршам овој текст со шесте нешта во кои верувам само затоа што други мислат дека тие се невозможни: (1) македонското општество ќе го реши проблемот на демократијата избирајќи едно од двете понудени решенија во овој текст, (2) македонските институции ќе дејствуваат така што Македонија ќе го зачувува повеќевековното минато и ќе има долгорочна и просперитетна иднина, (3) злото, што инаку не може да се поништи со отворањето на Пандорината кутија, ќе се поништи, (4) македонските политичари избрани од народот конечно ќе почнат да работат во интерес на народот, (5) недемократското дивеење на носителите на власта ќе се трансформира во демократско владеење, (6) македонската фудбалска репрезентација ќе игра во финале на некој голем настан.