Бугарското барање за „неименување на македонскиот јазик во документите на ЕУ“ го препозна германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, квалификувајќи го како апсурдно. Но и со една таква квалификација и идентификација, тоа е само „загребување по површината за импликациите и скриените намери“ што може да ги предизвика бирократската формулација „официјалниот јазик на државата“, како на надворешен, така и на внатрешен план за нашата држава
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ја буди меѓународната јавност за цената што им ја плаќаат Македонците на „добрососедите“
Хроничниот проблем што нашиот источен сосед одвреме-навреме го распалува во точно определен момент досега не беше толку привлечен за меѓународната јавност и странските медиуми. Меѓутоа, ирационалноста и апсурдните барања на Бугарија кон Македонија во процесот на нашето асоцирање во ЕУ во контекст на преговарачката рамка, овој пат привлекоа пошироко внимание. Дали тоа се должи на бесмислените, нелогични, смешни или глупави барања на една членка на ЕУ со кои се наметнува ултиматум, надвор од меѓународното право, кон една земја-кандидат за да стане член на европското семејство? Или тоа се должи на „слепоста и толерантноста“ на другите членки на ЕУ за преседанот што една нивна членка бара да биде направен од другите? Како и да е, наметнувањето на таквите услови за Македонија неодамна го привлече вниманието на угледниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Германскиот весник, со аналитички пресек на евроинтегративниот заплет во динамиката на односите меѓу Македонија и Бугарија, во текстот насловен „Вие не сте она што мислите дека сте“ предупредува дека Македонците се туркани од апсурд во апсурд на својот пат кон ЕУ.
– Секој што верувал дека во Европа не може да дојде до поапсурден конфликт од спорот за името на државата иницирано од Атина, а кој во меѓувреме е надминат, би можел наскоро да биде демантиран. Во секој случај, цената ја плаќаат Македонците! – пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, потсетувајќи на документот што Владата на бугарскиот премиер Бојко Борисов им го достави на своите партнери во ЕУ, со „условите“ што Македонија мора да ги исполни за Бугарија да се откаже од ветото на започнување на пристапните преговори.
Анализирајќи ја содржината на објаснувачкиот меморандум, авторот ги наведува клучните барања на бугарската страна, издвојувајќи ги спорните аргументи дека „македонскиот идентитет“,според Бугарите, постои само од 1944 година и е „создаден со диктаторски средства“ во Титова Југославија „за Македонците да заборават дека се Бугари“.
– Скопје мора да се согласи на тоа и на многу повеќе ако сака да влезе во ЕУ – е ставот на Бугарија – оценува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, но и забележува дека „Скопје досега реагираше воздржано на ваквите ставови“.
Франкфуртскиот весник не пропушта да го забележи и барањето на Бугарија изнесено во меморандумот, македонскиот јазик во документите на ЕУ да се именува како „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“.
– Широкораспространетата позиција во Бугарија е дека македонскиот јазик не постои и дека тој е западнобугарски дијалект. Така, Бугарите бараат за време на пристапните преговори во сите документи да смее само да се споменува „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ – наведува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Идентификувањето на апсурдноста на барањето за неименување на македонскиот јазик во документите на ЕУ, од страна на германскиот весник, само е загребување по површината на импликациите и скриените намери што може да ги предизвика бирократската формулација „официјалниот јазик на државата“, како на надворешен, така и на внатрешен план, поврзано со Законот за употреба на јазиците.
– Според Законот за употреба на јазиците и според начинот на кој го манифестираат политичарите во Македонија, албанскиот јазик ужива статус на втор официјален јазик во земјава. Доколку се дозволи да биде прифатено барањето на Бугарија од меморандумот, македонскиот јазик да биде претставен како „официјален јазик на државата“, освен што ќе бидат прегазени основните принципи на ЕУ, како што е и почитување на мултилингвалноста, се отвора патот на апсурдот, албанскиот јазик што го зборува 20 отсто од населението во Македонија да биде именуван како официјален, а јазикот на мнозинството да остане безимен во ЕУ. Обезименувањето на македонскиот јазик во ЕУ не смее никако да се дозволи, а политичарите треба да се сообразат со лингвистичката и социолингвистичката реалност. А реалноста во ЕУ е дека јазиците треба да се именуваат и на политичарите не треба да им падне на ум да го оспоруваат тоа, а уште помалку да размислуваат за некакви компромиси во тој поглед, наводно во интерес на некоја повисока цел – вели професорката Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Нејзината колешка од истиот институт Елка Јачева-Улчар исто така е категорична во однос на неприфатливоста на бугарското барање за описно именување на македонскиот јазик во процесот на преговори со ЕУ, всушност и понатаму во сите европски документи.
– Намерата на Бугарија со барањето за неименување на македонскиот јазик е јасна и отворено го кажува тоа – негово сведување на бугарски дијалект во целиот контекст на севкупна негација на македонската нација и Македонија како земја со автохтона државност. Но истовремено, барањето за формулацијата „официјален јазик на државата“ е јадица на која може да се фатат албанските политичари во Македонија, врз основа на Законот за употреба на јазиците, кој создаде една состојба во државата на официјалност на јазикот што го зборуваат 20 отсто од населението, т.е. на албанскиот јазик. Предложената бугарска формулација за македонскиот јазик, покрај нивните нескриени претензии спрема Македонија, може да претставува и отворена врата за легитимација на албанскиот јазик на меѓународен план, како втор официјален јазик. Притоа тој да биде именуван, додека македонскиот јазик, кој е јазик на конститутивниот народ, да биде обезимен. Тоа е едно од „невидливите“ искушенија на бугарскиот меморандум пред ЕУ, пред кој не смеат да потклекнат македонските политичари – вели професорката Елка Јачева-Улчар.
Поради сите предизвици што ги поставува бугарскиот меморандум пред Македонија, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изразува сомнеж дека иако земјите-членки на ЕУ во март годинава се согласија да почнат пристапни преговори со земјава, за Македонците преговорите би можеле да бидат завршени уште пред да почнат – поради блокадата на соседна Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007 година.