Фото: Игор Бансколиев

Претставниците на новинарските здруженија со кои се консултиравме велат дека иако земјата напреднала за две скалила на ранг-листата на „Репортери без граници“ за слобода на медиумите, тоа во суштина не значи многу бидејќи има долга листа на задачи што треба да се исполнат за да се постигне посакуваниот европски просек во оваа општествена област

НАЈНОВО РАНГИРАЊЕ НА „РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ“

Во најновиот светски индекс за слободата на печатот што го објави организацијата „Репортери без граници“, Македонија е на 90-то место на табелата, со индекс 31,67. Со тоа земјата е рангирана во портокаловата зона, односно во групата земји што имаат проблематична средина за слободата на печатот. Во претходниот извештај на „Репортери без граници“, нашата држава беше на 92-то место. Од регионот најдобро е пласирана Хрватска, на 56-то место, потоа Босна и Херцеговина е на 58-то, Косово на 78-то, Унгарија на 92-то, Србија на 93-то, Црна Гора на 104-то и Бугарија на 112-то место.
Во делот на истражувањето што се однесува на нашата земја се истакнува дека 2020 година беше вонредна година за Македонија.
– Парламентот беше распуштен, привремената влада ја презеде власта, а потоа предвремените парламентарни избори мораа да бидат одложени поради пандемијата на ковид-19 и вонредната состојба. Ситуацијата во медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, додека сајбер-малтретирањето и вербалните напади врз новинарите се зголемија на социјалните мрежи. Сево ова служеше за зајакнување на добро вкоренетата култура на неказнивост. Во исто време, пандемијата го усложни известувањето – наведуваат од „Репортери без граници“ за слободата на медиумите во нашата земја.
Во образложението за Македонија потсетуваат и дека организациите што ги застапуваат медиумите остро се спротивставија на различните предложени измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои би овозможиле повторно државно рекламирање во медиумите.

Наедно, во извештајот за земјава се споменува и дека Министерството за правда подготвува нов кривичен законик што треба да ја направи работата на новинарите и медиумските работници побезбедна.
За потсетување, Македонија беше најлошо рангирана на индексот за слобода на медиумите во 2014 година, кога се најде дури на 123-то место. Дополнително, подобрувањето на медиумските слободи во земјава започна во 2017 година, а од 2016 година до годинава Македонија се искачи за вкупно 26 места на индекс-рангирањето на „Репортери без граници“.
Во меѓувреме преставници на новинарски здруженија и медиумски институти во Македонија имаат свое видување на актуелните случувања. Тие велат дека иако земјата напреднала за две скалила на ранг-листата на „Репортери без граници“ за слобода на медиумите, тоа во суштина не значи многу бидејќи има долга листа на задачи што треба да се исполнат за да се постигне посакуваниот европски просек во оваа општествена област.
Младен Чадиковски, првиот човек на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), за „Нова Македонија“ вели дека двете места погоре на рангирањето на индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ говори дека нашата држава не напредува многу во овој процес.

– Јас би оценил дека две позиции погоре не е значаен напредок туку сето е своевидно тапкање во место. За да се подобрат состојбите, иако за сето има волја во нашата земја, сепак има уште многу работи што треба да ги направиме здружено. Дополнително, сличната позиција на Македонија во овој и во изминатиов извештај се должи на неказнивоста на лицата што ги извршуваат нападите врз новинарите во нашата земја – вели Чадиковски.
Тој резимира дека иако имаме благ напредок, состојбата би била многу подобра во некое од наредните рангирања ако се извршат неопходни измени и реформи на медиумската новинарска сфера, кои би ја поттурнале земјата во позначајни поместувања нанапред.
Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), смета дека подобрувањето во рангирањето е охрабрувачко, но не е доволно.
– Тоа е напредок за две места во однос на минатата година и највисоко рангирање од 2013 година досега. Од земјите во регионот, пред С Македонија се Словенија, Хрватска, БиХ, Албанија и Косово, додека зад неа се најдоа Унгарија, Србија, Црна Гора и Бугарија. Подобрувањето на нашето рангирање на оваа листа е охрабрувачко, но далеку од доволен индикатор дека работите во медиумската сфера во земјава се добри – вели таа.

Петковска подвлекува дека имаме долга листа со домашни задачи што треба да се сработат за да бидеме задоволни од квалитетот на новинарството што граѓаните го добиваат и условите во кои тоа се создава.
Во приоритетите, според Петковска, се голем број задачи, како усогласувањето на медиумските закони со европските правила, економската средина во која функционираат медиумите, новинарските права и условите за работа, транспарентноста на институциите, справувањето со информацискиот неред и дезинформациите предизвикани од социјалните медиуми и злоупотребите на интернет-просторот за пропаганда и хибридни закани.
Според Петковска, сето тоа е само дел од проблемите што мора да се адресираат низ структурен дијалог на сите општествени чинители.
– Колку порано започне тој процес, толку подобро ќе биде за сите, вклучувајќи и за имиџот на државата преку ваквите меѓународни рангирања – нагласува таа.

[email protected]