Фото: Игор Бансколиев

Колку и да ветуваат и да се колнат дека секоја лидерска средба е „последна“, политичарите, и од власта и од опозицијата, по одреден временски период повторно отвораат „неформална иницијатива“ за некое ново договарање од „лидерски вид“. Како да се излезе од овој опасен лавиринт, со кој се уназадува демократијата и се дерогираат институциите на државата

ФЕНОМЕНОТ ЛИДЕРСКА СРЕДБА ПОВТОРНО ВО КЛИНЧ СО ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

Официјално дефинирана како неформална политичка алатка за комуникација меѓу партиските фактори, лидерската средба во политичката практика на Македонија прерасна во инструмент без кој не се може. Иако и по својата природа и по суштина ваквите лидерски собиранки во четири очи се отворена девалвација на институциите во државата и пред сѐ на парламентот, Македонија никако да се оттргне од оваа опасна навика и замка за демократијата и државата.
Најконсеквентен и временски најблизок доказ за влијанието и улогата на лидерските средби во преформатирањето на македонскиот политичкиот систем, секако се т.н. Пржински договори, но и Охридскиот рамковен договор ја има речиси истата тежина (ако не и поголема) на аргументите за преуредување на државата. Воведена како форма на политичка комуникација во ситуација на безизлезност, посегнувањето по лидерските средби речиси постојано е критикувањето дека сѐ повеќе преминува во дерогација на институциите, па дури понекогаш и погрдно се нарекува „средба на племенски водачи“. Сепак, колку и да се колнат дека секоја лидерска средба е „последна“, политичарите, и од власта и од опозицијата, по одреден временски период повторно отвораат „неформална иницијатива“ за некое ново договарање од „лидерски вид“.

Актуелниот застој во работата на Собранието, кое нема кворум за гласање на закони и сѐ почестите амандмански блокади, за кои и позицијата и опозицијата си ја префрлаат вината, повторно во јавноста ги активираше најавите за можноста за лидерска средба. Освен собранискиот случај, како проблем за кој би требало да се разговара се наведува и набавката на читачи за отпечатоци од прст за локалните избори… Навистина, и премиерот Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, во јавноста потврдуваат дека немаат остварено контакт за договор за таква средба, но и двајцата се согласни дека по оздравувањето на Мицкоски, сите опции за дебата за отворените прашања се во игра.
Од друга страна, некои од политичките партии сметаат дека собраниските прашања треба да се решаваат токму таму. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја нарече лоша практиката со лидерски средби и увереноста дека решавањето на сите прашања треба да зависи од лидерите. Иста насока на размислување има и претседателот Пендаровски, кој се сомнева дека каква било лидерска средба ќе донесе резултати.
Повторувањето на ситуациите и на аргументите за и против лидерска средба го наметнува прашањето зошто и покрај критиките и противречностите на овој формат, политичарите и понатаму не се откажуваат од него.

– Концептот на лидерска средба во македонската политика се практикува од нужност, или народски кажано – од мака, не од алал. Поради устроеноста на изборниот систем, со затворени листи, односот на пратениците во Собранието е условен од политиката на лидерите на партиите. Односно, лидерите на партиите одлучуваат кој ќе биде на изборната листа, па пратениците на некој начин за својата функција им се должни на лидерите. На тој начин, потезите и одлуките на пратениците од партиите во Собранието, се всушност спроведување на партиската политика, креирана од лидерот на партијата. Во ситуација што ќе дојде до застој на работата на Собранието, поради условеното „право на свое мислење“ на пратениците, се поставува како нужност, лидерите преку „неформални средби“ да бараат излез од некој создаден политички ќор-сокак. Кога пратениците би биле избирани на отворени изборни листи во една изборна единица, влијанието на лидерите на партиите во одлуката за позицијата на изборната листа секако би се намалила. Со тоа избраните пратеници би имале поголема независност во изразување на сопственото мислење, а би се зголемил и легитимитетот на самите државни институции – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Професорот на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, за посегнувањето по форматот лидерски средби во последниве години, цени дека тоа е своевиден рецидив и на Пржинскиот договор. Сепак, Калајџиев смета дека тоа и не е толку лоша политичка алатка, иако не е пожелно по неа да се посегнува често. Главната слабост на нејзината примена во македонската политичка практика е во тоа што таа на некој начин се институционализира.

– Како помошна алатка во политиката, лидерската средба не мора да се исклучи сосема, но глупаво би било кога сите проблематизирани политички прашања би се решавале со неа. Во принцип, никој не ги спречува политичарите неформално да се среќаваат, да разговараат и да бараат решенија за одредени политички прашања. Оваа неформална алатка за политичка комуникација се проблематизираше во Македонија, зашто на некој начин се претвори во институционална форма, притоа дерогирајќи ги државните институции. Лидерската средба се претвори во начин на решавање на суштинските прашања во општеството: од уредувањето на етничките прашања, преку партиски договори до уредувањето на судството. Со оваа форма на одлучување се разголува вистината за партизираноста на општеството, односно дека одлуките зависат од партиите и лидерите, притоа се прескокнуваат институциите. Во суштина, лидерската средба не е лоша алатка, кога системот ќе заглави, но сѐ додека не ги маргинализира институциите, а пред сѐ Собранието – вели професорот Гордан Калајџиев.