Парламентот на Летонија го усвои законот со кој се ратификува Протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО. Со тоа, Летонија е тринаестта земја членка која даде зелено светло за пристапување на нашата држава во Алијансата.
Од владејачката СДСМ велат дека истовремено, Владата на Естонија го одобрила протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, а во наредната фаза тој ќе биде ратификуван и во Парламентот на Естонија.
Од СДСМ оценуваат дека процесот на ратификација на Протоколот се одвива со добро темпо, а откако ќе биде усвоен од останатите земји членки Република Северна Македонија станува 30 членка на НАТО.
-Се остварува децениски државен и национален интерес за полноправно членство во најмоќниот безбедносен сојуз во светот. Членството во НАТО покрај безбедност и стабилност со себе носи и повеќе инвестиции, економски раст и развој, а сето тоа значи повеќе пари кај граѓаните. Како одговорна, државотворна партија остануваме посветени на реализација на врвните стратешки интереси и обезбедување на сигурна, безбедна иднина за сите граѓани- велат од СДСМ.