Откриен ензим што е „клучот во бравата“ за влез на коронавирусот во клетките од телото
Чекор по чекор, медицинските стручњаци низ светот го стеснуваат фронтот во борбата против коронавирусот. Речиси нема ден, а да не биде пласирана некоја нова информација поврзана со постигнат напредок во откривањето нешто значајно поврзано со пандемијата, која целосно ја смени сликата на планетава во изминативе неколку месеци од почетокот на годината.
Ензим одговорен за губењето на чувството за мирис
Температура, болки во грлото, кашлица, болки во градите, слабост, ова се најчестите симптоми на пациентите заболени од коронавирусот. Многу од заразените ги губат и сетилата за мирис и вкус.
Еден ензим би можел да биде одговорен за ова: научниците при универзитетот „Џонс Хопкинс“ од Балтимор успеаја да докажат, во тестови на екстремно високи дози на ензимот АЦЕ-2 (Agniotensin Converting Enzyme II), и тоа точно во носната област, дека овој ензим е одговорен за губењето на чувството за мирис.
Овој ензим, наводно, би требало да ја игра улогата на влез преку кој коронавирусот би навлегол во клетките од телото. На тоа укажуваат и други студии. За нивната студија, истражувачите ги испитувале ткивата на 23 пациенти, кои ги отстраниле за време на оперативниот зафат. Пациентите што не биле заразени со коронавирусот биле оперирани од тумор или синуситис.
Нови опции за лекување?
Резултатите од нивното истражување дури би можеле да послужат и како нов пристап кон лекување на заразените, истакнуваат експертите во научното списание „Јуропиан респиратори џрнал“.
Резултатите, сепак, треба да бидат потврдени со натамошно истражување, вели Ендру Лејн од универзитетот „Џонс Хопкинс“: „Ако ова се покаже како точно, тогаш би можеле да ја победиме инфекцијата со антивирусна терапија, која би се давала директно во носот“.
Тобиас Велте, од Клиниката за белодробни заболувања при Медицинскиот факултет во Хановер, кој не бил вклучен во истражувањето, вели дека станува збор за „паметна студија“, која не само што го објаснува губењето на чувството за мирис кај многу пациенти туку им овозможува и нови терапии. Но и тој исто така верува дека се потребни дополнителни истражувања.