Професори по економија препорачуваат партиите здраво да се зафатат со проучување на Кластерот бр. 3 од новата методологија за проширување на ЕУ и тоа да биде тежиштето на кое треба да инсистираат партиите. Токму таму, како што тврдат, лежи формулата што треба да донесе вистински просперитет за граѓаните и за државава. А тоа е рапиден стопански раст, обезбедување вработувања во реалниот сектор (не во администрацијата), нова индустриска политика, вложувања во образованието и науката на долг рок, но и значајни промени во економската и монетарната политика
Иако до распуштањето на деветтиот собраниски состав има уште помалку од една недела, а до изборите не повеќе од два и пол месеци, политичарите веќе на големо отвораат и загатнуваат најразлични теми во обид да го привлечат вниманието кај граѓаните. Од она што е досега видено во настапите на политичарите во нивните говори пред јавноста, покрај тоа што истите тие се полни со политикантски калкулации и популизам, се добива впечаток дека се губи фокусот за тоа кои се клучните точки на кои партиите ќе ја претстават својата изборна програма.
Што сметаат политичките аналитичари дека би било успешна формула за една кампања
Неодамна „Нова Македонија“ направи и кратка анализа и ги запраша најголемите партии од македонскиот, но и од албанскиот блок, кои всушност ќе бидат нивните столбови и приоритети на кои ќе ја темелат и водат претстојната изборна кампања во земјава. Во одговорите што ги добивме главно преовладуваат веќе добро познатите теми – правосудството, екологијата, економијата и животниот стандард на граѓанинот.
Но што мислат аналитичарите? Дали ваквиот широк дијапазон на теми на политичарите што е присутен периодов во етерот, без посебен фокус во нивните говори што точно ќе направат по изборите, ќе донесе просперитет за обичниот граѓанин и ќе ги реши неговите проблеми. За овие прашања побаравме одговор од домашната експертска јавност. Нашите соговорници со кои се консултиравме во исто време ги запрашавме на што тие, всушност, како обични граѓани сметаат дека политичките партии најмногу би требало да се фокусираат во нивните излагања и програми за претстојните избори, со што би се придонело за вистински просперитет на општеството?
Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања вели дека партиите се постојано во кампања, но дека периодов допрва ќе земаат замав интензитетот на кампањите. Според него, главни теми со кои париите треба посериозно да се занимаваат во периодот што следува со сигурност ќе бидат економијата и правната држава, но и загадувањето.
– Во периодот што следува со сигурност партиите ќе излезат со посуштински предлози и понуди, во кои тие ќе бидат фокусирана на одредени теми, споредбено со сегашната состојба, која се сведува единствено на меѓусебни расправања, за да се опипа пулсот на граѓаните. Како и да е, очекувам и владејачката СДСМ, но и опозициската ВМРО-ДПМНЕ најмногу да се фокусираат на економијата. Едните поради слабите резултати за време за нивното сегашно владеење, а другите поради добрите постигнати цели во минатиот нивен мандат. Од друга страна, повеќе од јасно е дека јавно експлоатирана тема кај сите партии без исклучок ќе бидат судството и правосудството, бидејќи околу овие две работи се врти сѐ во последниот период во земјава и тука очекувам и сум убеден дека ќе видиме некакви конкретни концепти и кај двете најголеми партии – вели Божиновски.
Според политикологот Божиновски, загадувањето, но и борбата против корупцијата и проблемите во здравството, ќе бидат пресудните теми за кои партиите преку изнесување конкретни планови ќе се обидат да допрат до неопределените гласачи, кои, според него, и се најважни за овие избори.
Сепак, тој посочува дека иако овие избори ќе имаат мал одѕив токму поради разочараноста на граѓаните од оствареното на оваа власт, во исто време голем предизвик за политичките чинители ќе бидат и каналите преку кои ќе се пуштаат политичките пораки кон граѓаните.
– Главниот фокус допрва ќе се определува кај едните кои ќе се обидат да ги задржат гласачите, а кај другите да ги привлечат. Од она што е со сигурност јасно е дека аферите што излегоа во јавноста во последен период и се присутни во медиумите ќе имаат многу голема улога во формирањето на перцепцијата на граѓаните за кого да го дадат својот глас на претстојните избори – подвлекува Божиновски.
Што сметаат универзитетските професори дека треба да биде фокус на компетиторите за идната власт?
Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки Ана Чупевска вели дека сосема е легитимно партиите уште отсега да ги промовираат своите платформи врз кои ќе се темелат нивните изборни програми. Како што појаснува Чупевска, идната влада нужно треба да продолжи со почнатиот реформски процес во земјава, кој ќе биде неопходен за подобар живот на граѓаните.
– Легитимно е партиите да ги промовираат своите платформи кога се борат за заземање на власта. Она што е нужност, според мене, е продолжување на реформската агенда и по изборите. Имено, на земјава и на граѓаните им се потребни интензивно етаблирање на либерално-демократските вредности и системска и систематична консолидација во таа смисла. Во таа насока сметам дека поглавјето 23 треба да биде посебен приоритет (Кластер бр. 1 -Фундаменти) – кратко објаснува Чупевска.
Но повеќе универзитетски професори што се економисти имаат малку различна диоптрија за фокусот на претендентите за власт. Професорите по економија дури и силно препорачуваат партиите здраво да се зафатат со проучување на Кластерот бр. 3 од новата методологија за проширување на ЕУ и тоа да биде тежиштето на кое треба да инсистираат партиите. Токму таму, како што велат економистите, лежи формулата што треба да донесе вистински просперитет за граѓаните и за државава. А тоа е рапиден стопански раст, обезбедување вработувања во реалниот сектор (не во администрацијата), нова индустриска политика, вложувања во образованието и науката на долг рок, но и значајни промени во економската и монетарната политика. Тоа се, како што велат тие, длабоки промени и нов економско-финансиски курс, кој на прв поглед ќе ги одврати политичарите, бидејќи не носи сигурна победа, а носи „крв, пот и солзи“, но на долг рок, само таков фокус на работење носи просперитет и иднина за целата нација и државата, а се раѓаат вистински визионери и национални лидери.