Фото: Маја Јаневска-Илиева

Голем број светски политичари веќе најавија дека тие ќе бидат меѓу првите што ќе ја примат вакцината против ковид-19, а меѓу нив се споменуваат и британската кралица Елизабета, рускиот претседател Владимир Путин, новиот американски претседател Џо Бајден, како и голем број европски политичари. Какви се размислувањата на македонските функционери и политичари

И СО ЛИЧЕН ПРИМЕР ПРОТИВ КОВИД-19

Дали по речиси една година исчекување на светот за вакцината против коронавирусот, надежта за стивнување на пандемијата се претвора во страв и скептицизам, овој пат токму од вакцината? Ќе успее ли јавноста во светот, а и во Македонија, да одолее на антивакциналните кампањи или, пак, државите ќе треба да ги подготват граѓаните преку кампањи за потребата од вакцинирање? Дали и како политичарите и јавните личности може да придонесат во мотивирање на граѓаните за вакцинација и преку лични примери да влијаат на издигање на јавната свест?
Овие дилеми остануваат отворени сѐ повеќе откако во некои од европските држави веќе почна примената на вакцината, а паралелно со тоа почнаа и вестите за некакви последици од вакцината.
И додека многумина низ целиот свет едвај го чекаат вакцинирањето, една група од населението стравува дека „ќе биде принудена да биде вакцинирана“.
Антивакциналните кампањи одат дотаму што шпекулираат и дека смртноста од вакцината е дваесет пати поголема од смртноста од ковид-19. Најчесто како поткрепа на таквите вести се споделуваат некакви извештаи и ставови на теоретичари на заговори.

Светските политичари најавија кампањи

Сите овие состојби дополнително ја збунуваат јавноста, а во многу ситуации и предизвикуваат конфузност кај граѓаните. Токму поради тоа некои од државите во светот веќе сериозно размислуваат да почнат со кампањи во кои научно и медицински ќе ги направат достапни фактите за полезноста од вакцинирањето. Идеите се во тие кампањи да бидат вклучени политичари, јавни личности, спортисти и луѓе што имаат големо влијание, за да се поттикне јавната свест на општествена одговорност.
Голем број светски политичари веќе најавија дека тие ќе бидат меѓу првите што ќе ја примат вакцината против ковид-19, а меѓу нив се споменуваат и британската кралица Елизабета, рускиот претседател Владимир Путин, новиот американски претседател Џо Бајден, како и голем број европски политичари.
Во Македонија засега нема конкретни планови дали се размислува за некаква кампања со која ќе се поттикне јавната свест за вакцинирање, но сепак ќе се работи на разобличување на лажните вести. Во тој контекст и политичарите се подготвени да помогнат со свој личен пример.

И македонските политичари се подготвени

Државниот врв и политичките лидери се меѓу првите што јавно се изјаснија дека би учествувале во примање на вакцината за да дадат свој пример пред граѓаните за издигање на јавната свест. Иако истакнуваат дека вакцината треба да биде првично достапна за ранливите категории на граѓани, но, сепак, за да ги охрабрат, тие се подготвени меѓу првите да ја примат оваа вакцина. Тој став го делат речиси сите, без разлика дали станува збор за политичари од власта или од опозицијата.
Прв што го најави тоа беше претседателот Стево Пендаровски, кој изјави дека би сакал да биде прв што ќе ја прими вакцината против ковид-19.
– Не затоа што сум загрижен за моето здравје, зашто јас сум и доволно заштитен преку посебни протоколи, туку, напротив, за да ја издигнеме јавната свест. Видов некои анкети што покажуваат дека исклучително мал број луѓе се подготвени да ја примаат вакцината, која е тестирана и проверена и од најдобрите светски производители за вакцини. Иако јас не влегувам во ранливите категории на граѓани, ни по возраст, ни по статус, ни по професија, но ако е можно, па дури можеби и во некој видеоспот, не само јас туку и моето семејство би биле пример за граѓаните – посочи Пендаровски.
И претседателот на Собранието, Талат Џафери вели дека е подготвен да ја прими вакцината, не само како дел од кампања за издигање на свеста туку како човек што верува во науката и во тоа дека таа е решение за излез од оваа пандемија.
– Уште од почетокот на пандемијата сите очи беа вперени во наоѓање решенија за состојбата со вирусот. Вакцината е таа што ќе придонесе за тоа. Ако нема други здравствени пречки за да се вакцинирам, ќе го сторам тоа и заради определба и заради верување – посочува Џафери.

Премиерот Зоран Заев вели дека, според планот, штом биде достапна вакцината во земјава, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и другите на приоритетната листа.
– Потоа, како и многумина граѓани, ќе се вакцинирам и јас, зашто сакам со свој личен пример да дадам поддршка во напорите за сузбивање на ковид-19. Нашата држава го следеше процесот на развој од сите клинички студии за вакцината, верувам во нејзината безбедност и во тврдењата на научниците дека со неа ќе се подигне имунитетот на луѓето. Граѓаните треба да бидат спокојни, државата нема да штеди за оваа намена и денеска е платен авансот за набавка на 833 илјади вакцини. Јас, како и сите други, очекувам што поскоро животот да се врати во нормала и да нема потреба од ограничувања – изјави премиерот Заев.
И лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски е подготвен да се вакцинира.
– Последно се тестирав во ноември. Но се движам со луѓе и би се вакцинирал, зошто да не – рече Мицкоски.

Здравствена и научната јавност немаат дилеми

Лекарите, здравствените авторитети и научната јавност немаат никаква дилема дека вакцината е најсилното оружје против ковид-19. Истакнуваат дека јавноста треба да им верува на науката и на медицината, особено што, како што велат, на оваа вакцина работеле сите светски и релевантни научни центри, испитувајќи ја низ сите нејзини фази.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека и минатогодишната епидемија со морбили се соочиле со силна антивакцинална кампања.
– Вакцините се безбедни. Вакцините создаваат имунитет. Еве, сега гледаме што значи да имаме работа со болест за која немаме вакцина. Кога се јави епидемијата на морбили имавме вакцина, се вакцинираа многу деца, кои потоа не заболеа. Вакцините искорениле многу болести. Тие се придобивка на развојот на современата медицина. Нема простор за сомнеж во квалитетот на вакцините. Нема болест што е во некаква корелација со која било вакцина-посочи Филипче.
И епидемиологот Драган Даниловски јавно изјави дека ќе се вакцинира против ковид-19.
– Дефинитивно да, можете да ме држите за збор – истакнува Даниловски.
Според него, антивакциналното движење не е ништо ново, зашто тие секогаш се јавуваат кога некоја вакцина станува актуелна.
– Истото тоа се случуваше и со вакцината против морбили. Сега почнува антивакцинална кампања и за оваа вакцина против ковид-19. Пожелно би било да се вакцинира критичната категорија на граѓани, како здравствените работници, оние што се грижат за стари лица, секако и оние со хронични заболувања. Со напомена сите што ќе се вакцинираат прво да направат еден преглед кај својот матичен лекар – објаснува Даниловски.
Посочува дека една епидемија никогаш не се решила со природно стекнување колективен имунитет.

– Масовното вакцинирање секогаш било решение. Произведувачите на вакцини ветуваат дека ефикасноста во оваа вакцина е над 95 отсто, но и дека трајноста на имунитетот и заштитата ќе бидат подолги. Но колку подолги, тоа никој не го знае, тоа треба да се види дури откако ќе почне вакцинацијата – посочи Даниловски.
Свој придонес во издигањето на јавната свест се согласни да дадат и луѓето од науката. Така, претседателот на Македонската академија на науката и уметностите, Љупчо Коцарев, вели дека би се вакцинирал.

[email protected]