Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најмасовна илегална сеча е забележана во шумите низ Кичевско, но ништо подобра не е состојбата ниту во Струшко, Гостиварско, Тетовско, Кумановско и Скопско. Според едно неодамнешно истражување на „Евротинк“, околу 60 милиони евра годишно губи државата од бесправната сеча на шумите, но загрижува фактот што наместо оваа појава да почне да се искоренува, таа од година на година зема уште поголем замав

Стравотно уништување на шумскиот фонд низ земјава

Целосна деградација им се случува на шумите низ земјава, најмногу поради дивата сеча, но и поради недомаќинското однесување од страна на шумските стопанства, кои сакајќи да обезбедат што повеќе огревно дрво на пазарот без вегетација оставаат цели планински масиви.
Најмасовна илегална сеча е забележана во шумите низ Кичевско, но ништо подобра не е состојбата ниту во Струшко, Гостиварско, Тетовско, Кумановско и Скопско.

Сериозни криминални групи со строга хиерархија и структура „владеат“
со планините

Според едно неодамнешно истражување на „Евротинк“, околу 60 милиони евра годишно губи државата од бесправната сеча на шумите, но загрижува фактот што оваа појава наместо да почне да се искоренува, таа од година на година зема уште поголем замав.
Во голем дел на раширената појава на пустошење на шумите влијаат сиромаштијата и неодговорноста на самото население, но најмногу неодговорниот однос на надлежните, кои долги години постојано се соочуваат со истиот проблем, а ништо не прават да го решат.
Покрај тоа, на сето ова влијае и раширената корупција кај поединци на клучни позиции, кои за одреден надомест овозможуваат нелегалната дрвна маса да мине незабележано и да дојде до илегалните пазари низ земјава.
– Нашите истражувања на терен покажаа дека станува збор за организирана криминална активност каде што сериозни криминални групи со хиерархија и структура успеваат да акумулираат големо количество нелегална дрвна маса преку дива сеча, но, за жал, и претставници на државни институции и на политички партии, одредени поединци, им овозможуваат полесно да ја прават оваа активност – вели Иван Стефановски од „Евротинк“.
Според него, станува збор за моќни луѓе на моќни позиции.

Масакрот на шумите резултат на организиран криминал?

Реакции за пустошењето на шумите стигнуваат и од обични граѓани, вљубеници во природата, но и од стручните лица, кои исто се сомневаат дека постои спрега меѓу дел од одговорните за спречување на овие појави и дивите сечачи.
– Над триесет години сум по нашиве шуми, речиси по сите планини во Македонија, но ваков масакр немам видено. Има ли во Македонија шумарски инспектори, а ако има, како го дозволиле ова? Нема да навлегувам во стручно објаснување што е направено и зошто. И за обичен лаик сè е јасно, а не за шумарски инженер – наведува на фејсбук-објава Јане Ацевски, професор на Шумарскиот факултет.
Според него, пустошењето на шумите е организирано до совршенство, а на апелите на јавноста дека шумите масовно се уништуваат, надлежните воопшто не реагираат.
– Станува збор за системска грешка. Кога системот не функционира, односно кога е направен така за да има луфт во него, одредени поединци го користат тоа. Сметам дека токму поединци од пониските ешалони се во спрега со оние што ги пустошат шумите и се плете една мрежа што добро функционира. Проблем е што оваа мрежа се шири – вели Ацевски.

Особено загрижува постојаниот пад на поведени кривични постапки од година на година во изминатите дваесетина години, така што јавноста со право се прашува дали државата намерно ги заштитува дрвокрадците и шумската мафија.
Професорката на Факултетот за безбедност, Марина Малиш Саздовска, се согласува дека постои корупција кај поединци, кои овозможуваат диво исечените дрва непречено да стигнат до граѓаните.
– Постои корупција, затоа што станува збор за криминал во кој голем габарит се самите предмети на шверцување, самата дрвна маса. Станува збор за големи количества и просто е невозможно да ја симнете таа дрвна маса од планината до купувачите а да не ја забележат полицијата, шумочуварските патроли, сообраќајните патроли, тоа мора да се забележи. Ако таа дрвна маса стигнала на нелегалниот пазар, тогаш е јасно дека некаде е потплатено тој транспорт да се обезбеди. Тоа не значи дека службите се потплатени, туку дека може да постојат корумпирани поединци во рамките на службите, кои го овозможуваат овој нелегален бизнис – појаснува професорката Марина Малиш Саздовска.
Според неа, станува збор за организиран криминал.
– Овој вид криминал претставува организиран криминал, при што кај нас имаше и три жртви. Тешка е оваа борба, но државата има механизми и мора да ги примени – заклучува Малиш Саздовска.

Неопходна е обука и на јавните обвинители и судиите за кривичните дела од делот на нелегалната сеча на шумите

Според професорката Марина Малиш Саздовска, две работи се клучни поради што дрвокрадците минуваат неказнето или со мали казни.
– Прво, како предуслов истражните органи не ја завршуваат комплетно ефикасно својата работа, а второ, ако веќе дојде таа кривична пријава на суд, судиите изрекуваат многу мали казни. Таа казна не е доволна за сторителот. Поголема казна ќе биде ако државата му го одземе возилото, тракторот, пилата, отколку да му изрече мала парична казна – појаснува професорката Марина Малиш Саздовска.
Таа додава дека голем дел од поднесените пријави не се процесира, односно или се враќа или се запира постапката.
– Тоа значи дека веројатно самите инспектори не обезбедиле доволен број докази за да се процесира понатаму кривичната пријава. Тука имаме исто така голем проблем, во смисла дали имаме кадар, дали тој кадар е обучен, дали се применуваат квалитетно криминалистичките мерки во рамките на истрагата за да добиеме квалитетна кривична пријава за да може потоа јавниот обвинител да ја процесира до судска постапка – нагласува Малиш Саздовска.

Според неа, потребна е обука и на јавните обвинители и судиите при пристапот на кривични дела од делот на нелегалната сеча на шумите.
– Моето длабоко убедување е дека јавните обвинители и судиите треба да се обучат, дека не се доволно сензитивни за оваа проблематика, дека не го согледуваат негативниот ефект од сечењето на шумите, значи немаат доволно претстава какви негативни последици може да има од сето тоа и поради тоа изрекуваат многу ниски казни. Тоа се или парични казни што се многу ниски или се условни осуди. Значи, оној момент на репресија на државата фактички изостанува – истакнува Малиш Саздовска.


Државата најави решителна борба со дрвокрадците

Владата кон крајот на минатиот месец одржа итен состанок на кој се расправаше за нелегалната и неконтролирана сеча на шумите. Во рамките на состанокот беше формирано координативно тело составено од членови од сите надлежни институции, кое во најкраток рок ќе почне со подготовка на системски мерки за конечно решавање на состојбата со бесправното сечење на шумите.
Намерата е со комплетно нов дигитализиран систем и екипирање на институциите да ѝ се стави крај на оваа појава и да се спречи криминалот со неконтролираната сеча и нелегалната продажба на огревно дрво.
Во координативното тело се вклучени претставници на МВР, Бирото за јавна безбедност, Шумската полиција, ЈП „Национални шуми“ и МЗШВ.