Според експертите по административно право и јавна администрација, оптималниот број на министерства за димензионираноста на македонската држава е 11, наспроти сегашните 16 министерства. Пред слични дилеми, од аспект на функционалноста на своите влади, се исправени и земјите од регионалното опкружување
Во политичкиот амбиент кога се очекува реконструкција на Владата, за која премиерот Зоран Заев вети дека конечно ќе биде дефинирана до средината на месецов, како логично надоврзување во размислувањето се наметнува темата за димензионираноста на институциите во извршната власт. Надвор од партиските комбинаторики и шпекулациите за персоналните промени во составот на Владата, се чини дека од посуштинско значење за нејзино поефикасно функционирање е сведувањето на оптималниот број на министерствата, според големината на државата (територијална и број на жители), како и според економските перформанси и капацитети. Според актуелната поставеност на Владата пред реконструкција, моментално функционираат 15 министерства, 25 министри и 43 органи во состав на Владата. На прашањето дали при оваа реконструкција на Владата може да биде отворена и спроведена иницијатива за рационализација на бројот на министерствата, портпаролот Мухамед Хоџа, појаснува дека тоа не е можно во овој процес, бидејќи таквите системски измени не се во надлежност на премиерот, туку можат да се спроведат со измена на Законот за организација и работа на органите на државната управа и на Законот за Владата. Таквите измени на системските закони се гласаат во Собранието со двотретинско мнозинство.
– Жаргонски кажано, тој воз, како шанса за намалување на бројот на министерствата, за одреден период е поминат во Македонија. Наместо да се размислува за рационализација на министерствата во Владата, пред еден и пол месец, речиси без јавна расправа, во Собранието, со двотретинско мнозинство беа изгласани измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Со таквиот чин всушност беа создадени условите за формирање и 16-то министерство, со кој досегашниот Секретаријат за спроведување на Охридскиот договор прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Во целата постапка, мошне индикативна е нетранспарентноста на целиот процес: законот беше предложен од група пратеници (без министер-предлагач), без аргументирана јавна расправа, а двотретинското мнозинство беше формирано полесно од она за уставните измени. Единственото образложение што се појави во јавноста за причините за формирање ново министерство беше дека тоа било во изборната програма на ДУИ, а тоа пред неколку години било предлог на нивниот советник Питер Фејт. Така, наместо рационализација добивме 16 министерства – вели Драган Гоцевски, професор по административно право и јавна администрација на Правниот факултет при УКИМ.
Според Гоцевски, оптималниот број на министерства за димензионираноста на македонската држава е 11. Од 1945 г., во рамките на југословенската федерација, па и од независноста од 1991 до 1998 година, Македонија функционирала со 14 министерства. Во 1998 година, бројот на министерства беше зголемен на 21, но во 2000-та Владата повторно се сведе на 14 министерства. Во 2008 година беше формирано Министерството за информатичко општество, кое подоцна се прошири и за администрација, па форматот на Владата се позиционира на 15 министерства. Со потпишувањето на указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државнатa управа, од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски, на 17 мај, 2019 година, веќе може да се зборува за влада со 16 министерства.
Во образложението за потребата од измените на овој закон се наведува дека „ќе се унапреди функционирањето на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковен договор и принципите, кои произлегуваат од овој договор, и ќе се овозможи унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците“.
Што се однесува до ингеренциите на премиерот, при реконструкцијата на Владата да влијае врз димензионираноста на неговиот кабинет, професорот Гоцевски вели дека тој може да го намали само бројот на министрите без ресор. Во сѐ уште актуелниот кабинет, има седум министри без ресор, од кои тројца се за странски инвестиции.
– Поставеноста на структурата на Владата, односно бројот на министерствата во нејзин состав, се одредува со системски закони, кои се носат со двотретинско мнозинство во Собранието. Со оглед на тоа што измена на таков закон се случи пред еден и пол месец, но за зголемување на бројот на министерствата, нереално е да се очекува уште некоја интервенција во таа насока, во брзо време. Но мандатарот има ингеренции и може да го намали бројот на министерства без ресор, со што на некој начин би се рационализирало функционирањето на Владата – вели професорот Драган Гоцевски.
Инаку, во земјите од регионалното опкружување, со слични димензии како Македонија, имаат слични дилеми во поглед на функционирањето на бројот на министерствата во нивните влади. На пример, Владата на Словенија функционира со 14 министерства, но во Црна Гора извршната власт ја сочинуваат 17 министерства.