Не можеме да го смениме универзалното право, соседите да се нарекуваат Македонци, на индивидуално и неофицијално ниво, но ние можеме да ги нарекуваме како сакаме, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека „вон институционалниот систем и вон јавниот простор, не можеш на луѓето да им наметнеш како ќе се самоопределуваат“.
– Еден жител на Скопје и вели на неговата девојка дека е Македонец. Што ќе правиме? Ќе создадеме метафизичка држава што ќе го става во затвор? Она што го кажавме е дека граѓаните на оваа земја имаат право да се самоопределуваат како сакаат. Тоа е универзално право што не можеме да го смениме. Но, во исто време, ние можеме да ги викаме како сакаме, вели Коѕијас, објаснува дека кога говориме за индивидуално ниво, „само тоталитарна држава и држава со владетел, може да контролира како некој ќе се нарекува неофицијално“ и додава дека на официјално ниво за државните институции ќе се користи името Северна Македонија.
Во однос на Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија, вели дека „условите беа зрели, а кога условите се зрели значи дека она што можеш да го направиш, треба да го направиш“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас, во интервјуто неколку пати споменува дека станува збор за компромис, за отстапки од двете страни, бидејќи „Грција не го освоила северниот сосед за да му ги наметне нејзините позиции“.
– Дека ќе можеше да се направи подобар договор, ако вие и јас седевме дома и правевме договор без да постои другата страна, тогаш во ред. Немаше да ја викаме Северна Македонија, ќе ја викавме Северна Алјаска. И секако, ако не претходеа отстапувањата во преговорите сите овие 25 години, се ќе беше полесно. Но, ние имаме две прашања. Едно, дека треба да се согласи и другата страна, бидејќи не ги освоивме преку војна за да им го диктираме она што го сакаме ние. Сакаме другата страна да го убеди нејзиното општество, да добие мнозинство во Собранието, да го добие референдумот, да го ревидира Уставот, да направи тешки работи, вели шефот на грчката дипломатија во однос на тоа дали Договорот од Преспа е најдобриот што можела да го склучи Грција.
Прашан за трговските производи и од двете земји што ја носат придавката „македонско/и“, министерот за надворешни работи на Грција вели дека ќе биде потребен временски период за да се реши ова прашање.
– Постојат производи во Грција што со право се нарекуваат македонски производи и производи од ПЈРМ кои и таму се викаат македонски. Постојат 3.500 компании од двете страни, толку регистрираше Универзитетот во Солун, кои го имаат натписот „македонско“. Затоа рековме дека ќе формираме комисија под покровителство на Европската унија и ОН, објаснува шефот на грчката дипломатија за АНА-МПА.
Во однос на ставот на коалициониот партнер во владата Панос Каменос, Коѕијас вели дека и „тој има право на свое мислење, како што и јас имам право да имам мое“.
– Да почекаме да видиме како ќе се развиваат работите. Јас верувам дека кога ќе дојде договорот за гласање во Парламентот, ќе имаме мнозинство од народот што ќе ги има разбрано позитивните работи, ќе види дека никој не му го даде Солун на Скопје, ќе види дека исплашените и плашливите создаваат катастрофални сценарија, а смелите патриоти се оние кои што беа во право, додава Коѕијас.
Коментирајќи ги последните случувања во грчко – руските односи и откажаната посета на министерот за надворешни работи на Русија, Коѕијас вели дека со Лавров има пријателски однос, побарал од него да го покани да дојде во Грција за да го подготват патувањето на Ципрас во Москва.
– Јас ја дадов поканата, ако сака ќе дојде, ако не сака нема да дојде, но пак добредојден ќе биде. Ако чувствува дека треба да се идентификува со оние што ги протеравме или со оние на кои не им дозволивме да влезат во Грција, тоа е негово право. Јас се обидов, тоа го кажавме и во нашето соопштение, да не ги идентификувам овие лоши случаи со официјална Русија. Прашање на Русија е дали ќе се идентификува со нив или не, коментира министерот за надворешни работи на Грција.