Фото: Маја Јаневска Илиева

Како се справуваат македонските затвори со корона-заразата

Колку македонските пенолошки институции се здравствено безбедни за оние што се во притвор, затвор или за вработените во тие институции кога е во прашање коронавирусот? Дали животните услови и условите за работење во споменатите пенолошки установи се усогласени со превентивно-здравствените протоколи и стандарди по таа основа?
Овие прашања се отворија во јавноста по минатонеделниот извештај на невладиниот сектор токму по ова прашање.

Има или нема неопходни предуслови за заштита одкорона-зараза?

Во своите истражувања и анализа на оваа тема, невладините организации, Хелсиншкиот комитет, како и Македонското здружение на млади правници, посочуваат дека казнените установи „не ги поседуваат сите неопходни предуслови за заштита на затворениците од заразување со ковид-19“.
Во извештајот на гореспоменатите оргaнизации, изготвен по сеопфатно истражување спроведено меѓу август и октомври минатата година, се посочува дека состојбата во затворите може да стане многу критична доколку во установите навремено не се преземат мерки против ширење на ковид-19.
– Позитивно е што за време на посетите од страна на тимот беше утврдено дека во речиси сите казнено-поправни установи се преземаат мерки за заштита од ширење на ковид-19, особено во насока на дезинфекција на просториите. Но загрижува фактот во врска со ефикасноста од спроведувањето на мерките за заштита во казнено-поправните установи што сè уште се соочуваат со ризик од пренатрупаност, а во врска со обезбедување простории за изолација на лицата што во никој случај не треба да се идентификуваат со просториите за издржување на дисциплинската мерка самица, како и во установите во кои хигиенските услови се на најниско ниво поради проблеми со редовно снабдување со вода – информираат од невладиниот сектор.

Самоизолацијата не е самица

Во извештајот упатуваат препораки до институции да обезбедат самоизолација на лицата што ќе покажат симптоми на ковид-19 во рамките на секоја казнено-поправна и воспитно-поправна установа.
– Изрекувањето мерка упатување во самоизолација не смее да личи и да се изедначи со дисциплинската казна самица и потребно е да се овозможи лицата лишени од слобода навремено да ги пријавуваат симптомите, со што ќе се постигне продуктивноста на мерката, односно спречување на ширење на вирусот врз сите лица лишени од слобода – информираат од организациите.
Во анализата се споменува и дека влага, мувла, непријатна миризба, нечисти тоалети, импровизирани тушеви со кофи направени од затворениците се дел од условите во кои ги издржуваат казните осудениците.
Креаторка на извештајот, Ина Џугуманова, вели дека на терен е забележан напредок во затворскиот систем, но сепак, сѐ уште има голем број предизвици за кои се потребни системски решенија, а на кои се пожалиле и најголем дел од затворениците.
– Најчесто во поглед на пристапот за здравствена заштита на осудените лица, ресоцијализацијата, образованието, но и материјалните услови. Добивме многу претставки и за тортура и за нечовечко постапување. Потребни се заложби од сите страни и потребен е буџет со кој ќе се решат овие системски проблеми – вели Џугуманова.
Таа објаснува и дека во некои казнено-поправни установи забележале лоши хигиенски услови и супстандардни услови за живеење, кои на некој начин претставуваат живеење во нехумани услови и самите по себе се нехуман третман за осудените лица.

Комисија на Советот на Европа забележа голем број нерегуларности во македонските затвори

Во својот последен извештај на тема за состојбите во нашите пенолошки институции, Комисија на Советот на Европа забележа голем број слични нерегуларности во македонските затвори. Имено, европската институција во својата публикација информира дека во нашите затвори постои „ендемска корупција, насилство без никаков повод врз затвореници, продажба на кревети во попристојни ќелии, плаќање за пуштање дома, за мобилни телефони, за лекарства и за дрога за време на посетата“, а се однесува на трите најголеми македонски затвори во месец декември минатата година.