Во моментов во земјава се вршат оперативни зафати само на пациенти кај кои состојбата е од животозагрозувачки карактер, каде што е потребна итна интервенција или, пак, постои малигно заболување
Пандемијата ги продолжи и онака долгите листи на чекање за хируршки интервенции
Намалувањето на рестриктивните мерки за заштита од ковид-19 доведе до ситуации да може да се организираат и групни настани, работење на хотели и ресторани, базени и слободно движење на луѓето, но сѐ уште нема редовен начин на работа на здравствените институции. Дали и кога би почнало нормалното функционирање на оперативните зафати од листата на чекање засега нема конкретен одговор.
Голем број пациенти на кои им е потребен хируршки зафат, а не се водат како неодложни, се принудени да чекаат некои подобри времиња, иако кај многу од нив може здравствените проблеми да се влошат.
Пациенти што од почетокот на годината, пред да почне епидемијата на коронавирусот во земјата, биле ставени на листа за операции на одредена клиника велат дека изминатиот период сите здравствени ресурси биле поставени во насока на пациентите заболени од вирусот, а за сите други пациенти со некакви хронични проблеми се одложуваат интервенциите.
Сепак, тие стравуваат дека одложувањето на оперативните зафати на неодредено време, само поради тоа што не наложуваат итност или не се поврзани со малигно заболување, може да им ја влоши состојбата.
Во моментов во земјава се вршат оперативни зафати само на пациенти кај кои состојбата е од животозагрозувачки карактер, каде што е потребна итна интервенција или, пак, постои малигно заболување.
Министерот за здравство, Венко Филипче, досега нема најавено кога клиниките ќе почнат со редовна програма на операции.
Д-р Љубен Арсенков, супспецијалист по дигестивна хирургија и в.д. директор на клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, вели дека месечно прават од 170 до 190 хируршки интервенции, но во најголем дел тоа се случаи на кои им е потребен итен оперативен зафат или, пак, имаат малигно заболување, кај кое исто така треба брзо да се интервенира.
– Над 300 пациенти гравитираат во поликлиничкиот дел на болницата, а кај голем дел од нив вршиме и оперативен зафат. Имаме и изолациски простор, каде што се сместени оние што немаат позитивен тест на корона. Има и такви случаи кај кои треба итно да се интервенира и нема време да се прави тест за коронавирусот, каде што постапуваме по соодветни заштитни мерки – објаснува д-р Арсеников.
Според него, со оглед на состојбата со ширењето на коронавирусот во земјава, никој не може да каже кога би се почнало со редовната програма за операции на пациенти со хронични заболувања, кои не се итни, но чие одложување може да има последици. Сепак, директорот вели дека и покрај високиот број заболени од коронавирусот, настојуваат да се приспособат на состојбата.
– Изминатиот период направивме листа на оние лица со хронични заболувања, чија состојба не е животозагрозувачка, но кај кои е потребен некаков хируршки зафат. Дел од нив почнавме и да ги викаме и да закажуваме операции.
Но тоа не е со голем интензитет. Ја разбираме и нивната состојба, која ако се одложува, може да доведе до сериозни последици. Токму тие пациенти ги ставивме во вториот дел на итност и полека ќе почнеме да ги повикуваме – објаснува директорот.
Матичната докторка Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, вели дека грижата за здравјето на луѓето мора да има континуитет. Во овој период оние што имаат хронични заболувања многу тешко доаѓаат до термини за преглед, а камоли за операции.
– Секундарното здравство не е целосно профункционирано. Упати на пациентите им даваме за седум дена. Ако се итни случаи даваме итен упат. Сите хронични болни се ставени во втор план. Во државава постои морталитет и од многу други болести. Се отежна целокупниот процес – објаснува д-р Чолакова Дервишова.