Повеќето медиуми од државите на поранешна Југославија, повикувајќи се на неименувани извори од Брисел, тврдат дека словенечкиот премиер Јанез Јанша му предал документ на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за приоритетите на словенечкото претседавање со ЕУ, во кој, како што се тврди, се наведени и патокази за „конечниот распад на Југославија“. Со тоа, наводно, сакал да го информира челникот на Европскиот совет за еден од приоритетите на претседавањето со Европската Унија, кое Словенија го презема на 1 јули оваа година
Нонпејперот за конечен крај на распадот на Југославија, кој, наводно, словенечкиот државен врв го испратил до Брисел, предвидува промена на границите на Балканот, при што се предвидува и „припојување на делови на западна Македонија на Албанија, како и враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во земјава од егзилот во Унгарија“.
Повеќето медиуми од државите на поранешна Југославија, повикувајќи се на неименувани извори од Брисел, тврдат дека словенечкиот премиер Јанез Јанша му предал документ на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за приоритетите на словенечкото претседавање со ЕУ, во кој, како што се тврди, се наведени и патокази за „конечниот распад на Југославија“. Со тоа, наводно, сакал да го информира челникот на Европскиот совет за еден од приоритетите на претседавањето со Европската Унија, кое Словенија го презема на 1 јули оваа година.
Од Брисел засега допираат противречни информации за постоењето на спорниот документ. Дописникот на словенечко „Дело“ од Брисел, Петер Жерјавич, на Твитер објави дека кабинетот на Шарл Мишел му потврдил дека го примил „нонпејперот“ на Јанша, за малку помалку од половина час да изјават дека не се сигурни дали го добиле документот што фрла дополнителен сомнеж за тоа дали навистина постои или не ваквиот документ.
Од Европската комисија (ЕК) не го коментираат спорниот документ бидејќи тврдат оти не се запознаени со него.
Јанша турка концепт за „голема Србија“ и „голема Албанија“
Според содржината во наводниот документот за кој првично информира босанскиот портал „Политички.ба“, Јанша наводно се залага за промена на границите меѓу Србија и Косово според планот Вучиќ – Тачи, кој минатата година беше во игра додека американски претседател беше Доналд Трамп, но на него силно се противеше Германија. Покрај промената на границите меѓу Србија и Косово, се оди и на можноста за отцепување на Република Српска од БиХ, припојување делови од Македонија и од Црна Гора со албанско мнозинство кон Албанија, како и приклучување на западна Херцеговина кон Хрватска.
Истиот медиум го претставува Јанша како најгласен заговорник на „крајот на распадот на Југославија“, тврдејќи дека подолг период го турка концептот за „голема Србија“ и „голема Албанија“.
Покрај тоа, во текстот се додава и дека словенечкиот премиер не е осамен во своите напори да ги редефинира границите на Балканот, а во тоа веќе има поддршка од Унгарија, Хрватска и од Полска, а зелено светло за планот би можеле да дадат уште Австрија и Франција. Колку за потсетување, Франција своевремено зазема неутрална улога при разговорите Вучиќ – Тачи, така што никогаш не се изјасни „против“ идејата за промена на границите.
Шпекулациите дека се работи на ново прекројување на границите на Балканот ги подгреа и наводниот истап на словенечкиот претседател Борут Пахор за време на неодамнешната посета на БиХ, кој членовите на тричленото босанско претседателство ги прашал за можниот распад на оваа држава.
– Во последно време сè почести се гласините во Европа за тоа дека треба да се доврши распадот на Југославија. Можете ли вие во БиХ мирно да се раздружите? – наводно ги прашал Пахор членовите на тричленото претседателство на БиХ.
Словенија е за европска перспектива на Западен Балкан
Словенечкиот премиер Јанша на социјалните мрежи напиша дека Шарл Мишел последен пат го видел минатата година и дека оваа година не бил во можност што било физички да му предаде, притоа додавајќи дека Словенија бара решенија за развој на регионот и европската перспектива на земјите од Западен Балкан, „а ваквите написи се обидуваат да ја спречат таквата цел“.
Од кабинетот на словенечкиот претседател Борут Пахор не го коментираат документот бидејќи не се запознаени со содржината, додека словенечкото министерство за надворешни работи во изјава за агенцијата СТА вели дека имало увид само во еден „нонпејпер“ за Западен Балкан, и тоа хрватски од крајот на минатата година, во кој не се споменува каква било промена на границите.
Словенечкиот портал „24ур“ во меѓувреме информира дека добил потврда оти спорниот таен документ постои, но се претпоставува дека е испратен надвор од вообичаените дипломатски канали.
Домашните аналитичари сметаат дека тоа е
опасна идеја
Некои од домашните аналитичари сметаат дека малку е веројатно да се случи ново прекројување на границите на Балканот, но истовремено предупредуваат дека тоа е и опасна идеја и дека прекројувањето на границите би продуцирало конфликт.
– Не мислам дека е можно ново прекројување на границите на овие простори. И светот и Европа во рамките на своето коректно однесување кон Југославија потврдија и признаа дека тогашните граници на републиките практично се државни граници и дека тоа е непроменливо – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, дури и да постои таков документ испратен од страна на Словенија, станува збор за исклучително сложен процес што тешко би можел да се изведе.
– Дури и да постои таков нонпејпер, тоа се толку многу длабински зафати во поглед на територијални преместувања, етнички нови моменти, воспоставување нови граници меѓу држави, што практично е неизводливо – појаснува Андревски.
Тој додава дека постојано се лиферуваат разни сценарија за Балканот и дека станува збор за веќе познати игри.
– Познати се овие облици на игри и на Балканот, но и за Балканот, за жал. Значи станува збор за една чудна симбиоза дека некои големи игри знаат да бидат произведени и на Балканот, но и за Балканот. Тоа не поминува. Ако тој документ е напишан на ниво на Словенија, мислам дека нема никаква поддршка и услови ниту за постапка за примена, ниту за примена – категоричен е Андревски.
За дипломатот и поранешен амбасадор Огнен Малевски евентуалното прекројување на границите би продуцирало конфликт и можно предизвикување нова војна.
– Да се очекува мирна промена на границите на Балканот е надвор од паметот. Такви преседани во историјата можеби имало, но многу малку ги памети човештвото. За овој наш Балкан тоа е тотално неприменливо и би било голема авантура да се направи тоа. Не верувам дека без војна би можело такво нешто да се реализира – вели Малевски.
Според него, ова истовремено би претставувало и пораз на досегашните европските политики на Балканот.
– Тоа би било директен удар на Европската Унија (ЕУ) и нејзината досегашна политика за интегрирање на Западен Балкан во неа преку овој процес на интеграција, кој, за жал, многу бавно се одвива и затоа остава простор за вакви идеи, кои се повеќе соодветни за логиката на 19 век, отколку за 21 век. Ако тргнат работите во таа насока, тогаш треба со време да бидат известени земјите од Западен Балкан и да бараат други решенија ако веќе ЕУ оди во такви решенија – истакнува Малевски.