Постигнувањето консензус за важните и тешки прашања во ЕУ честопати се одвива бавно, а Унијата оддава впечаток на дисфункционалност, со што се подрива нејзиниот кредибилитет и се загрозува заедништвото на европското семејство. Токму затоа Шпанија, Холандија и Франција ги предводат членките на ЕУ што истапија со барања за менување на системот на одлучување, за полесно да се усвојат важни предлози за економијата, стратегиската автономија и енергетиката
Несогласувањата во ЕУ поттикнаа барања за промена на системот за одлучување
Несогласувањата меѓу земјите-членки со кои Европската Унија се соочува сѐ почесто при одлучувањето за клучните прашања поттикна некои од лидерите на Стариот Континент да побараат менување на механизмот за носење одлуки, со намера во иднина да ги избегнат речиси безизгледните ситуации во кои беше доведено европското семејство во повеќе наврати. Националните интереси и заткулисните игри во голема мера го отежнаа постигнувањето согласност за фондот за закрепнување и буџетот на ЕУ (процесот беше спореден со заложничка криза во која Полска и Унгарија го „држеа“ европскиот блок), а го кочат и процесот на проширување на Унијата, што се одрази и врз Македонија, која не е во можност да ги почне пристапните преговори поради бугарската блокада. Поделби моментно предизвикува и одлучувањето за воведување построги правила за извоз на вакцините против ковид-19 произведени во ЕУ, како и поделбата на вакцините меѓу членките на Унијата. Во ваква ситуација постигнувањето консензус за важните и тешки прашања во ЕУ честопати се одвива бавно, а Унијата оддава впечаток на дисфункционалност, со што се подрива нејзиниот кредибилитет и се загрозува заедништвото на европското семејство. Токму затоа Шпанија, Холандија и Франција ги предводат членките на ЕУ што истапија со барања за менување на системот на одлучување, за полесно да се усвојат важни предлози за економијата, стратегиската автономија и енергетиката.
До стратегиска автономија преку отфрлање на едногласноста
Шпанија и Холандија упатија заеднички повик во пресрет на последниот состанокот на лидерите на ЕУ, во кој побараа откажување од едногласните одлуки и одржување на економијата на европскиот блок отворена, додека Унијата се обидува да стане понезависна во однос на светските сили како САД и Кина во поглед на технологијата, производството на вакцини и енергијата, според нонпејперот до кој дојде во посед „Еурактив“. Во документот се наведува дека „ЕУ мора да биде глобален играч со капацитет да одлучува и да дејствува за себеси, за да ги заштити сопствените јавни интереси“. Во него се опфатени повеќе области од мултилатерализмот, надворешните односи, улогата на еврото и оданочувањето, миграцијата, енергетиката и климата, дигиталната трансформација и индустриската политика на ЕУ. Документот на осум страници ја дефинира стратегиската автономија како „средство, а не како крајна цел“, односно како алатка за постигнување поголема отпорност и независност во глобализираниот свет, во кој „интероперабилноста мора да преовладее над униформноста“. Се истакнува дека Шпанија и Холандија апелираат за менување на правилата за едногласност под кои одлуките на ЕУ мораат да бидат одобрени од сите 27 земји-членки, за да се надмине доаѓањето во ќор-сокак за клучните прашања.
– Зацврстувањето на способноста на ЕУ да ги брани своите јавни интереси и стратегиската автономија бараат ефективни механизми за носење одлуки. Затоа би било корисно да се истражи во кои области е можно гласањето со мнозинство, во кои области е ограничувачко, каде е пожелно и во кои случаи едногласноста ја попречува способноста на ЕУ за дејствување – се наведува во нонпејперот.
Дипломат од ЕУ за „Еурактив“ посочил дека самото постоење на документот е од поголема важност отколку неговата содржина, особено по последните несогласувања за повеќе прашања со кои се соочи Унијата. За време на преговорите за буџетот, Холандија ја предводеше групата на т.н. „штедливи држави“, која ја сочинуваа уште и Шведска, Данска и Австрија, а подоцна им се приклучи и Финска. Нивното залагање за кратења и за штедливи фискални политики во еврозоната ги отуѓи државите од југот на Европа. Се смета дека моментот за барањето е погоден, бидејќи доаѓа во пресрет на разговорите со САД за иднината на трансатлантските односи, додека Пекинг и Брисел меѓусебно си воведоа санкции, а Русија се заканува дека ќе ги прекине односите со ЕУ.
Предлогот на седумтемина лидери предвидува самостојно носење одлуки
Група од европски лидери на седум држави предводена од францускиот претседател Емануел Макрон ја повика Европската комисија да не го попречува користењето на нуклеарната енергија. Седумтемина лидери преку писмо отворено изразија поддршка за нуклеарната енергија за остварување на климатските цели на ЕУ. Потписници на документот се чешкиот премиер Адреј Бабиш, францускиот претседател Емануел Макрон, унгарскиот премиер Виктор Орбан, полскиот премиер Матеуш Моравјецки, романскиот премиер Флорин Читу, словачкиот премиер Игор Матович и словенечкиот премиер Јанез Јанша. Седумтемина лидери изразија загриженост дека политиките на ЕУ моментно го ограничуваат развојот на нови нуклеарни електроцентрали, барајќи „соодветна рамка за нови нуклеарни капацитети“. Од друга страна, Австрија и Германија се противат на нуклеарната енергија, посочувајќи ги ризиците по животната средина предизвикани од радиоактивниот отпад. Во документот се наведува дека секоја земја-членка на ЕУ е слободна да се одлучи за користење нуклеарна енергија, без разлика на изборот на другите држави од европскиот блок. Полска, Чешка и Бугарија планираат да изградат нови нуклеарни реактори за да ја намалат зависноста од јаглен и да ги постигнат климатските цели на ЕУ. А Франција почна амбициозна програма за менување на застарените нуклеарни електроцентрали со нова генерација на реактори со вода под притисок. Финска и Велика Британија, пак, веќе работат на конструкцијата на ваквите реактори, но трошоците се големи поради одолжување на процесот и безбедносните прашања. Нуклеарната индустрија е во исчекување поради плановите на Европската комисија за процена на безбедноста на постапувањето со радиоактивниот отпад, со што следниот месец се очекува експертскиот извештај за класификација на нуклеарната енергија под таксономијата на ЕУ.
Менувањето на правилата би било од полза за Македонија
Менувањето на механизмот на одлучување во Европската Унија би можело да го откочи процесот на евроинтеграција на Македонија, кој моментно е заглавен во заткулисни игри исполнети со калкулантство и комбинаторики. Со промените би се избегнало доаѓањето во ќор-сокак кога се одлучува за важните прашања, па веројатно и бугарските уцени и блокади не би имале ефект како досега. Прашање на време е кога Македонија ќе ги почне пристапните преговори со ЕУ, а дотогаш би требало да се покаже стрпливост, особено додека на повидок се промените, и да нема повлекување и распродавање на идентитетот, јазикот, историјата, односно доближување до ЕУ на сметка на сопствените национални интереси.