Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уредувачката политика, професионалните новинарски и етички стандарди, тежината на напишаниот збор во медиумот и начинот на кој функционираат редакцијата и вработените во весникот со сигурност се силен мотив тие да бидат цел на хакерски атаки од одредени центри на кои не им се допаѓа слободниот национален и влијателен медиум, тврдат аналитичарите

ИНДИКАТОРИ ЗА ХАКЕРСКИТЕ НАПАДИ ВРЗ ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ДНЕВЕН ВЕСНИК

Во очекување на деталите од полициската истрага за откривање на хакерите што стојат зад компјутерскиот напад врз првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, вработените во весникот, но и пошироката читателска јавност ваквиот напад го доживуваат како атака врз уредувачката политика, содржините и професионалниот интегритет на весникот.
За потсетување, на 28 август, за време на празникот Голема Богородица, некаде во попладневните часови беа направени повеќе синхронизирани обиди за хакерски упад во системот на „Нова Македонија“.
Надлежните во ИТ-службите во медиумот информираат дека нападот врз системот на „Нова Македонија“ почнал во петокот околу 15 часот и се одвивал симултано од повеќе локации и повеќе континенти во светот. Според нив, имало напади што доаѓале од Цирих, Швајцарија, од Полска, од неколку града во САД, како и од Москва, Русија.
Според одговорните во ИТ-секторот на весникот, цел на хакерско делување била електронската кореспонденција меѓу новинарите, новинарите и уредниците, но и кореспонденцијата со нивните извори и надворешни соработници.

Дополнително, хакерите се обиделе да ги украдат и кодниот систем и лозинките во медиумот.
По првичното соопштение на Редакцијата дека весникот бил цел на хакерски напад, се јавија голем број соработници на „Нова Македонија“ што со свои мислења и ставови ја потврдуваат сериозноста на заканата и нападот на македонскиот национален медиум со најдолга традиција. Тие истакнуваат дека не попусто е одбран токму нашиот медиум да биде една од клучните цели во хибридна војна што се води на овие простори. Политичките и безбедносни аналитичари во сублимиран заклучок велат дека не е случајно што токму весникот „Нова Македонија“ е избран да биде цел на хакерско дејствување. Овој медиум им е трн во окото на оние што не им мислат добро на нацијата, граѓаните и државата.

Според истите извори, хакерските напади насочени кон весникот се и напади насочени кон самата држава. Тоа е така, велат аналитичарите со кои се консултиравме, бидејќи медиумот е повеќе од седум и пол децении своевидно огледало на јавниот интерес, стремежите, успесите и премрежињата во нашата земја и хроничар на политичките, културните и економските процеси што низ годините се одвиваат во Македонија. Со хакерскиот напад, како што велат тие, не се сака финансиска или каква било друга бенефиција, затоа што тие се свесни дека во медиумот не може да го најдат тоа. Но со хакерскиот напад во „Нова Македонија“ се напаѓа истовремено и македонизмот, темелите на државата, нацијата и јазикот.
Политичкиот аналитичар Ристо Никовски, во свој осврт за настаните вели дека хакерските напади се реалност со која се живее, тие ќе бидат и сѐ повеќебројни во иднина, токму затоа и заштитата од нив се наметнува како нешто клучно.

– Не е случајно што и „Нова Македонија“ е цел на хакерски напади, а тоа се должи на критичноста во информирањето за настаните во земјата и во странство што сакаат да го уништат македонизмот. Ваквите случувања секако ќе се повторуваат и во периодот што е пред нас, особено во преговорите што треба да се отворат со Унијата, каде што целта на одредени кругови е дека Македонија ќе биде жртва на европски ориентации во кои е избришан и македонскиот карактер на државата и ќе се осакати македонскиот народ – вели Никовски.
Според него, тоа значи дека хакерските напади во целина, а особено на оние што го бранат македонизмот ќе бидат сѐ пожестоки во иднина.
Аналитичарот потсетува и дека кога државите се соочуваат со битни процеси, влијателните медиуми редовно стануваат цел на вакви немили случувања.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, пак, уникатноста на медиумот и на начинот на кој дејствуваат новинарите во весникот, со сигурност се мотив тие да бидат хакерски атакувани од одредени центри на кои не им се допаѓа слободниот медиум, кој има продржавни, евроатлантски и пронационални ориентации.

– Хакерското дејствување врз „Нова Македонија“, јас не би го исклучил од групата хакерски напади врз државата што се спроведуваат изминатиов период. Токму затоа апелирам надлежните институции да се издигнат на повисоко ниво во свеста за битноста на сајбер-одбраната и образованието, бидејќи на тој начин дигиталниот живот во Македонија би го направиле подобар и посигурен и нападите од овој тип би исчезнале – вели Стефаноски.
Според аналитичарот, овие дејствувања не се хакирања на некаква безначајна интернет-платформа туку официјален сајт на важен медиум што може да се идентификува со државен орган, кој содржи важни информации и во кој низ историјата се публикувани и македонската азбука и одлуките на АСНОМ и прогласот за независна Македонија од југословенската федерација.

[email protected]