Барањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељаноски, поднесено од Одделение за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд денеска ќе биде разгледано од собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера го достави Барањето до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со кој претседава пратеникот, Павле Богоевски.
Поради повикување на погрешен член од законот, Џафери вчера го врати до Кривичниот суд Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, по што попладнето повторно беше препреатено во Законодавниот дом.
Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа Барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот.
По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.
Актуелниот пратенички состав досега по барање на судот донесе одлуки за одземање на имунитетот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Трачуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.
Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски завчера беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.
Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор.
Во Собранието денеска седница ќе одржи и Комисијата за економски прашња, на чиј дневен ред е јавна расправа на тема „Економските и здравствените придобивки од легализација на канабисот во Република Македонија“.