Фото: Игор Бансколиев

Може ли навистина да се држи темпо на реформи, на проектиран и ветен напредок и просперитет на државата и на граѓаните од страна на влада што не е политичка и чиј мандат и тежишна одговорност во еден транзициски период во најголем дел се идентификуваат со флоскулата „подготовка на чисти и фер избори“?! Се губи ли време на „возење во лер“?

Со формирањето на техничката влада настапија голем број измени во функционирањето на државата, кои се почувствуваа, пред сѐ, во секојдневниот живот на обичните граѓани, но и во економијата. Застојот на потребниот брз раст на економијата, која требаше да биде најпрогресивна, дополнително се закочи. Граѓаните ги почувствуваа на своја кожа сите последици од закочените процеси за издавање лични документи со новото име на државата, а имаше застој и во спроведувањето јавни набавки од различен карактер… Сѐ на сѐ, не е само впечаток дека со техничка власт се губи драгоцено време за интензивно спроведување на планираните длабоки реформи. Како да ни се загубија од програмскиот радар битните елементи за работењето, а обрнуваме внимание на фасадата, со што сакаме да ѝ покажеме на „меѓународната“ дека се придржуваме на договорите што таа ни ги наметнала и каде што била медијатор.

Што велат од власта за ефикасноста на функционирање на една техничка влада?

Од Владата, пак, во изјава за „Нова Македонија“ велат дека техничката влада продолжува со имплементација и остварување на реформските планови и активности.
– Што се однесува до личните документи, имаше забавување на издавањето поради реализација на набавката на нови обрасци. Некои од обрасците веќе се стигнати, по што се продолжи со издавањето на личните документи. Во согласност со спроведената постапка, склучена е рамковната спогодба на 5.12.2019 година, како и договор за нарачка на 11.12.2019 година, склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и „Веридос“ од Берлин, Германија, за испорака на обрасци за лични документи – се вели во одговорот на властите.

Што велат аналитичарите за „техничките власти“?

Политички аналитичари со кои се консултиравме во сублимиран заклучок велат дека се зачудени од „блеферските“ обиди на политичките партии за време на мандатот да спроведуваат политики што имаат долгорочен ефект врз животот на граѓаните, иако сите знаат дека мандатот на оваа влада е единствен и тој се поврзува само со спроведување фер и демократски избори во земјава.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски е зачуден од амбициите на политичките партии во моменти додека е во сила техничката влада да решаваат прашања поврзани со тендери за лични документи, со отворање постапки за економски случувања и слично.

– Според договорот на Прибе, партиите многу добро го познаваат мандатот на техничката влада, кој во суштина е прост и има само една цел, а тоа е да овозможи чисти и демократски избори, и ништо повеќе. Во меѓувреме, истото тоа не значи дека сѐ друго во државата треба да е затворено за јавноста, бидејќи и за време на мандатот на техничката влада транспарентноста во дејствувањето е приоритет како и во нормални услови – вели Арсовски.
Политичкиот аналитичар и публицист Ким Мехмети вели дека состојбата во државата за животот на обичните луѓе во суштина не би требало да се промени кога е во сила т.н. техничка влада.

Според него, ако навистина има одредени застои во државата, за кои се предупредува во овој период, тоа пред сѐ се должи на фактот дека политички партии и од опозицијата и од власта најверојатно повторно влијаат во дејствувањето на оваа наменска влада, чија единствена функција е да се овозможат фер и демократски избори.
– Ваквите состојби би се надминале во иднина доколку се воведе практика како во Европа, техничката влада да ја сочинуваат само луѓе експерти што немаат поврзаност со политичките партии. Со експертска техничка влада верувам дека државата ќе спроведува поуспешни демократски избори и истовремено во иднина ќе ги спречи закочувањата на одредени процеси што влијаат врз животот на обичниот човек – вели Мехмети.

Во секој случај, општ е заклучокот дека трендот на застои во низа клучни општествени сегменти е реален. Во ситуација кога ни треба двоцифрен раст на економијата за да фатиме приклучок со Европа, односно што поскоро да донесеме реформски закони за да направиме исчекор кон функционална држава и владеење на правото, воопшто не ни треба „возење во лер“ и „завиткување во обланда“ на проблемите, кои итно и поради нас веднаш треба да засукаме ракави за да ги решиме.


Техничка влада за технички прашања, а суштинските?

Техничката влада почнува да функционира од моментот кога е изгласана во парламентот и таа е на функцијата до изборот на новата влада, која треба да произлезе како резултат на предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април. Според законот, техничката влада има мандат до одржувањето на предвремените парламентарни избори, односно избраните министри и заменик-министри ќе останат на таа функција до конечното објавување на изборните резултати од страна на Државната изборна комисија (ДИК). Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите.Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања на вработени и вршење економски инвестиции.
Овој тип влада е дел од таканаречениот Пржински договор, кој го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, актуелниот премиер Зоран Заев, кога беше опозиционер, и претставници на другите партии, со помош на меѓународната заедница во 2016 година. Оваа влада, каде што премиер е Оливер Спасовски, е втора техничка влада во Македонија. Првата се формира пред предвремените избори во 2016 година, а технички премиер беше Емил Димитриев.
Инаку, овие предвремени парламентарни избори беа договорени на ланската лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски.

Дали Македонија е на прав пат
Фото: Маја Јаневска-Илиева