Досега се знаеше за три точки од анексот што кружеа во јавноста, а тоа беа употреба на целото име на државата, откажување од македонското малцинство во Бугарија и потврда дека државата нема територијални претензии кон источниот сосед. Останува енигма што содржат преостанатите девет точки. Во недостиг од официјални информации, „Нова Македонија“ се обиде да открие кои и какви изненадувања и стапици се кријат во 12-те точки од засега мистериозниот анекс
Властите во Софија и во Скопје не ја откриваат содржината на документите што меѓусебно ги размениле изминатиот период за надминување на пречките во македонскиот евроинтегративен процес, иако повеќе од извесно е дека Бугарија во анексот од 12 точки што го испратила до македонската влада останува на цврстите позиции за идентитетот, јазикот и историјата.
Досега се знаеше за три точки од анексот што кружеа во јавноста, а тоа беа употреба на целото име на државата, откажување од македонското малцинство во Бугарија и потврда дека државата нема територијални претензии кон источниот сосед.
Останува енигма што содржат преостанатите девет точки, а во недостиг од официјални информации, „Нова Македонија“ се обиде да открие кои би можеле да бидат содржините во бугарскиот анекс, за што се очекува неделава во Софија да дискутира и специјалниот македонски претставник за односите со Бугарија, Владо Бучковски.
Потврда дека идентитетот е меѓу една од точките во бугарскиот анекс стигна и од шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кој неодамна изјави дека тоа прашање е на маса, но дека за него немаат намера да разговараат.
– Не се разговара значи дека не се прифаќаат компромиси за тие прашања, а не дека темите не се на маса. Точно, темата е на маса, ФРОНТЕКС не се потпишува со години, со сите безбедносни импликации, преговарачката рамка не се усвои поради јазикот. Така што има друг контекст – тоа не се разговара, а тоа е дека тие теми не се предмет на компромиси – вели Османи.
Толкувањето на јазикот што се говори во државава е повеќе од извесно дека е меѓу точките во анексот, а актуелната бугарска позиција е дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик и засега од бугарска страна нема никакви назнаки дека би отстапиле од таа позиција.
За Бугарија е проблематично и создавањето на македонската нација, така што многу извесно е дека преку анексот Софија ќе продолжи да бара начин како да ја потврди сопствената теорија дека станува збор за нација формирана по 1944 година. Тука веројатно ќе се инсистира на забрзана работа на историските комисии од двете земји.
Предмет на дискусија секако ќе биде и образовниот систем во земјава, поточно исфрлање на сите спорни теми што ја претставуваат Бугарија како окупатор за време на Втората светска војна. Токму поради тие причини опозицијата во земјава ги критикуваше најавените реформи во образованието, тврдејќи дека власта веќе ги исполнува бугарските барања.
Со оглед на позициите што досега ги застапуваше Бугарија, повеќе од извесно е дека во таа насока меѓу точките во анексот би можело да се најде и барањето за отстранувањето на дел од спомениците од НОВ.
Не е исклучено Софија да инсистира и на некакви права за лицата со бугарски пасоши во земјава, кои, според бугарските власти, се над 80 илјади.
Во анексот веројатно има и точки за наводните пречки со кои се соочуваат бугарските бизнисмени во намерите да инвестираат во Македонија, изградба на инфраструктура кон Бугарија, како и соработка на полето на културата.
Ова во најголем дел би требало да бидат точките во бугарскиот анекс што изминатиот период директно беа посочувани од бугарските водечки политичари.
Некои од познавачите на состојбите во дипломатската сфера сметаат дека може да се насетат главните точки во бугарскиот анекс.
– Мислам дека точките во анексот веќе подолго време се вртат, барем тие клучните, а како се дошло до 12 точки, навистина не знам. Можеби меѓу нив има и коректни точки, како согласност да се работи на инфраструктура, енергетика, култура, нешта што се бенигни работи. Сепак, според мене, неколку точки се клучни, околу историјата, јазикот, идентитетот, малцинствата, оние најболните – вели поранешниот дипломат Огнен Малевски.
Тој не ја отфрла можноста во анексот главните референци да се за идентитетските прашања.
– Се преговара за сè и сешто. Не може да не се преговара. Тоа би било една позиција што тешко дека некој во современата дипломатија ќе ја разбере. Легитимно е да се побара што било, но дали е тоа во согласност со меѓународното право, дали вие како држава и поединец, како нација, го прифаќате е друга работа. Априори да се каже дека ние за тоа нема да преговараме, мислам дека е погрешен и недипломатски приод. Треба само да се каже дека ние такво нешто не можеме да прифатиме, но не можеме никому да му забраниме да бара нешто. Тука се некои финеси во прашање и треба многу да се внимава, бидејќи ние сме послаба страна во преговорите – нагласува Малевски.
Според него, во оваа фаза на преговарање не треба да се очекува вклучување на јавноста.
– Дипломатската историја нè учи дека ниту едно прашање не е решено јавно со вклучување на народот и со медиумите, туку деликатните работи се решаваат по дипломатски пат и затоа е измислена дипломатијата – нагласува Малевски, притоа изразувајќи сомнеж дека Бугарија ќе отстапи од цврстата позиција што ја застапува и со тоа ги отежнува преговорите.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета во анексот ќе се најдат точки за идентитетот, јазикот, историјата, но не ја исклучува можноста да има и други изненадувања.
– Сигурно ќе има некакви изненадувања. Покрај постоен Договор за добрососедство и соработка, Бугарите сега измислуваат топла вода, а анексот во суштина е директно мешање во внатрешните работи на една земја. Сметам дека Македонија не треба да прифаќа никаков анекс – категоричен е Јањатов.
Според него, со ваквиот чин Бугарија се меша во внатрешните работи на соседната земја, има територијални претензии и поради тие причини Македонија треба да побара заштита од Обединетите нации и од НАТО.