Што е разликата помеѓу бомби и документација? Што точно кажа Верушевски и како беше пренесено тоа во јавноста од страна на медиумите?
Прави ли јавноста разлика помеѓу документација доставувана поединечно од одредени лица и материјали доставувани директно во партијата?
Ова само некои од дилемите што се наметнаа во јавноста по сведочењето на Верушевски, за кои побаравме мислење и ставови од безбедносни аналитичари, актуелни политичари, правници, но и експерти во однос на оваа проблематика
Сведочењето пред суд на поранешниот контраразузнавач и шеф на безбедносната политика на СДСМ Зоран Верушевски, а сегашен советник и близок соработник на премиерот, во кое тој ја смени реториката за „бомбите“ и ги нарече „документација“ и истовремено се огради од снимките и од свиркачите и кажа дека тие биле „стравотно модифицирани и компромитирани“ откако тој бил притворен за случајот „Пуч“, предизвика турбуленции во домашната јавност. Што точно сакаше да каже бившиот разузнавач, кому му оди во прилог или штета неговото сведочење и какви ќе бидат политичкоправните последици по ваквиот развој на настаните се само дел од дилемите што се наметнаа во јавноста.
Верушевски пред суд нагласи дека „бомбите“ односно „документацијата“, како што тој ја нарекуваше, биле носени директно во СДСМ, а не кај него, а со целата документација управувале партиските претседатели, кои носеле стратегиски одлуки како понатаму.
Во меѓувреме, кратко по изјавата на Верушевски, во јавноста се огласи и поранешниот разузнавач Ѓорги Лазаревски, кој истакна дека секогаш досега бил транспарентен, дури и кога сите молчеле, и ќе продолжел да биде и во иднина.
Дали изјавата на Верушевски ќе предизвика некаков пресврт во понатамошниот тек на настаните поврзани со правните процеси за прислушуваните материјали, што значи оваа промена на реториките, дали сето тоа е само обична игра на зборови или, пак, има подлабока политичкоправна заднина, побаравме мислења и ставови од безбедносни аналитичари, политичари, но и експерти во однос на оваа проблематика.
Експертските мислења се поделени во однос на темата. За едни оваа промена на реториката најавува нов расплет на случувањата, кој допрва треба да го дознаеме, а за други значи само различна терминологија за иста материја, која поинаку ја ословуваат политичарите, а поинаку луѓето од безбедносната заедница.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека промената во реториката на терминологијата за прислушуваните материјали од „бомби“ во „документи“ или „документација“ се должи најверојатно на фактот дали станува збор за термин што го користи политичар или човек од безбедносните структури.
Трајанов додава дека бомбата се одомаќинила во јавноста од медиумите и од изјавите на тогашната опозиција, а во овој момент само Верушевски знае зошто дал таков термин во своето сведочење пред судот.
За поранешниот министер, од друга страна, многу побитно во моментов е зошто нема расчистување на случајот поврзан со овие настани и зошто МВР никогаш не ги расветлила овие дејствувања иако за тоа во јавноста имаше најави дека ќе се формира специјална комисија, која паралелно со СЈО ќе ја третира оваа проблематика.
Експертите се согласни во ставовите дека иако реториката на Верушевски беше различно толкувана од страна на медиумите, сепак останува енигмата што треба да биде решена бидејќи овие случувања никогаш не добија разврска, никој не дозна колку документации и бомби практично има, колку лица се прислушувани и следени, каде се чуваат тие работи и, уште побитно, кој сѐ имал пристап до овие бомби или документации
– Во моменти кога комплетно кородира СЈО, останува нејасно зошто на јавноста, на парламентот и медиумите никогаш не им беше соопштено кој и каква улога имал во процесот на прислушувањето од кој потоа се случија политичките настани. Јас верувам дека тоа е релевантно нешто во случајот, а не на каков начин и со каква реторика биле дефинирани од актерите овие случувања – вели Трајанов.
Безбедносната истражувачка од „Евротинк“, пак, Магдалена Лембовска смета дека промената на реториката за прислушуваните разговори од „бомби“ во „документација“ можеби се должи на пообемен термин, на кој веројатно мислел Верушевски кога го давал својот исказ пред судот.
– Под материјали најверојатно станува збор за поголем обем на комуникации добиени во прислушувањето, како снимки на телефонски разговори, транскрипти од телефонски разговори, транскрипти од телефонски пораки, но и регистар на сѐ што се случувало за времето кога било спроведувано прислушувањето – вели Лембовска.
Според неа, оваа е терминологијата што ја користат луѓето што работат во безбедносната заедница, а онаа со „бомбите“ повеќе е продукт на медиумите и на политичарите што на случувањата им дадоа тежина со значењето на зборот.
Лембовска потсетува дека терминот „бомба“ првпат бил употребен од Радмила Шеќеринска, тогашна опозиционерка, која во емисија првпат изјавила дека нејзината партија поседува бомбастични материјали, а дури потоа започнало на прес-конференции да се објавува она што таа го најавила.
Експертката додава дека иако реториката е сменета, на јавноста ѝ е многу побитно што овие случувања никогаш не добија разврска, никој не дозна колку документации и бомби практично има, колку лица се прислушувани и следени, каде се чуваат тие работи и, уште побитно, кој сѐ имал пристап до овие бомби или документации.
Фетаи: Вкрстеното испрашување на Верушевски ќе направи разлика меѓу бомби и документации
Во меѓувреме, на оваа тема се огласија и правниците. Обвинителката Фатиме Фетаи смета дека сведочењето на Зоран Верушевски на рочиштето за „Таргет тврдина“ во врска со „бомбите“ нема да влијае на натамошниот тек на постапките и автентичноста на тие материјали воопшто не е спорна.
– Во овој момент се работи за исказ што уште не е довршен, Верушевски минатиот пат беше испрашуван само од обвинителството, допрва следува негово испрашување вкрстено од страна на одбраната, а на крајот судот си има право да поставува прашање од појаснувачки карактер. Читав и по медиумите дека господинот Верушевски дал некоја изјава дека материјалите претрпеле некоја модификација, но толкување, појаснување за тоа може да даде само тој. За нас како обвинителство, автентичноста на материјалите воопшто не беше спорна и не е спорна ниту за тие сведоци што на почетокот примија некои материјали, ниту, пак, тоа го спорат обвинетите во судските постапки. Имаше на почетокот пред да почнеме со судења изјави на ТВ дека материјалите се сечени, лепени, монтирани, но никој досега не го кажал тоа во судница. И од друга страна се работи за докази што не се изолирани докази во нашите постапки туку се поткрепени со други докази – рече обвинителката Фетаи, која сега е дел од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Адвокатот Александар Тортевски, пак, смета дека е направен пресврт по сведочењето на бившиот разузнавач Верушевски, кој тврди дека „бомбите“ се компромитирани и не завршиле кај него, туку директно во СДСМ, а сето тоа е предмет за обвинителството.
Според него, неопходно е да се утврди дали бомбите навистина се модифицирани, а доколку не, Верушевски треба да одговара за давање лажен исказ.
– Основно правило е дека ако еден човек во претходна постапка дава еден исказ, а на главен претрес дава друг, секогаш се поведува кривична постапка за давање лажен исказ, заради тоа што имате два различни и тука би требало јавното обвинителство да поведе постапка. Исто така, да ги викне и да ги соочи Ѕвонко и Ѓорѓи со Верушевски, затоа што сега се појавуваат огромни разлики во нивните искази, затоа што ние како општество тие луѓе ги подигнавме на пиедесталот на правдата, а сега одеднаш излегува дека практично, еве, Верушевски молчел дека бомбите и разговорите се сечени, преправани, што секако мора да има судска разврска и вистината мора да излезе на виделина – смета Тортевски.
Тој додава дека со исказот, Верушевски им дава џокер на бранителите на сите обвинети во предметите на СЈО.