Петар Нолев над 15 години е во Горската служба за спасување при Дирекцијата за заштита и спасување во Битола. Учествувал во многу акции за спасување, а за нашиот весник открива некои од неговите доживувања

ПРОФЕСИЈАТА СПАСУВАЧ НОСИ МНОШТВО ОПАСНОСТИ И ДОЖИВУВАЊА

Снегот што деновиве ги обеле врвовите и магичната привлечност на планините е повод за разговор со човекот што својата кариера им ја посветил на природата и височините, каде што понекогаш секундите значат живот. Иако во својата кариера на спасувач се навикнал да се соочува со многу предизвици и непредвидливи ситуации, тој ден вечно ќе го памети. Беше обичен летен августовски ден, кога му беше јавено дека еден велосипедист, бајкер, на возраст од 25 години, под врвот на Пелистер, на местото Широка, паднал од велосипедот и тешко се повредил. Немаше време за размислување, ниту тој да бара помош од други. Веднаш се подготви и со својот мотор се упати кон врвот на Пелистер. Возеше како да е на трка. Вели, буквално летал по кривините на Пелистер. Иако не го мерел времето, сепак подоцна видел дека на врвот на Пелистер стигнал за само 30 минути. Толку брзо на Пелистер, вели, не би можел да стигне ни хеликоптер. Откако го пронашол бајкерот, кој со тешки повреди на главата и на рацете бил во несвест, му укажал прва помош и го имобилизирал. Подоцна, кога му се придружиле неговите колеги спасувачи од Дирекцијата за спасување на Битола, бајкерот со теренско возило бил спуштен од врвот на Пелистер и пренесен во Клиничката болница во Битола, каде што бил хоспитализиран. Денес бајкерот е жив и закрепнува од тешките повреди. Вакви и слични ситуации Петар Нолев во својата над 15-годишна кариера како професионален спасувач имал безброј. Некои ги памети, некои ги заборавил веднаш по спасувачките акции, бидејќи, како што вели, тоа за него било вообичаена работа и работна обврска. Во битката со времето во најголем број случаи стигнал навреме да ги спаси тие што побарале помош од него и од Дирекцијата за спасување и живи да ги извлече од планинските беспаќа, каде што исчезнале, но имало ситуации кога „задоцнил “ и не можел да им помогне на тие што побарале помош. Планината и природата се, вели тој, негов начин на живот.

Петар Нолев, кој има 42 години, не сака многу да зборува за себе. Тој над 15 години е во Горската служба за спасување при Дирекцијата за заштита и спасување во Битола. Последните десет години е раководител на тимот за спасување на планински и високи објекти. Ги има добиено речиси сите сертификати за завршена обука за планински водач со А-лиценца – издадена од Федерацијата за планински спортови на Република Македонија, член на УИАА (Меѓународната федерација за искачување и планинарство) и БМУ (Балканската планинарска унија), член е на УСАР (Урбана потрага и спасување) и на тимот за планинско спасување при Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија, како и на ПСК „Пелистер“.Има искуство во водењето и организирањето речиси на сите експедиции кои „Маунтајн солушн“ ги понудила и организирала, почнувајќи од искачувања во целосно зимски услови, скијачки експедиции, ски-тури, курсеви за планинарење и престој на недостапен терен. Во моментот работи за „Маунтајн солушн“ во ски-центарот Копанки, при националниот парк Пелистер, на одржување на безбедноста на обележаните ски-патеки, евакуирање на повредените од ски-патеката и прв одговара при скијачки незгоди.
– Љубовта кон планината кај мене се јави уште од мали нозе, кога како дете првпат се искачив на Пелистер. Пелистер е мојот втор дом, каде што поминувам повеќе време отколку дома.Моите пријатели знаат дека ако не сум дома, тогаш сигурно сум на Пелистер и таму ќе ме најдат.

Тоа е непредвидлива планина, каде што времето се менува буквално во час. Се случува понекогаш среде лето, кога буквално од високите температури каменот се „топи“ на Пелистер, за нецел час да фати вистинска зима со снег, виулици, ветришта и да паднат големи количества дожд. Има и обратни ситуации, кога во зимски денови на Пелистер времето толку брзо се менува што мислиш дека е лето. Затоа се случува многу љубители на планината, па дури и искусни планинари, кои не ја знаат добро планината, среде лето да се изгубат на Пелистер и да не можат да се снајдат како да излезат на патот – вели Петар Нолев.
Се случувало некои лица што ќе исчезнат да ги најдат дури по неколку дена, некогаш мртви, но и живи.
– Таков беше случајот кога ни јавија дека исчезнал еден жител на Цапари, кој боледувал од деменција. Го баравме насекаде и никако не можевме да го најдеме. Го најдовме дури по неколку дена, како седи на еден камен, за среќа жив. Со сличен случај се соочивме неодамна, кога по три дена потрага го најдовме, за среќа жив, еден возрасен битолчанец на Тумбе кафе, каде што во еден ендек беше паднат во несвест – вели Нолев.
Затоа тој предупредува дека одењето сам в планина е мошне ризично. Планината, а особено Пелистер, е ризична и за искусни планинари, а не за обични љубители на планината и природата, кои се обидуваат сами да ја „освојат “. Затоа е потребно секое искачување на Пелистер добро да се подготви и осмисли и да се пријави, не само кај своите пријатели и блиски, туку и на горската служба, зашто, во спротивно може, да биде кобно.Инаку, покрај честите спасувања и извлекувања на исчезнати лица на Пелистер и други планини, Петар Нолев со својот тим доста долго ќе го памети спасувањето на преживеаните по земјотресот во Драч, Албанија, минатата година, каде што тој учествуваше со уште тројца битолчани.
– Спасувањето на преживеаните во Драч, Албанија, беше ново искуство за мене. Буквално цела ноќ се боревме под урнатините да извлечеме што повеќе настрадани. Се соочувавме со многу тешки ситуации. Во една ситуација, од 2 часот по полноќ до 7 часот утрото се боревме да спасиме двајца браќа врз кои се урна куќата во која живееле. Нивните семејства се спасиле, но мажите останале затрупани под урнатините. За жал, по неколку часа потрага ги пронајдовме, но беа мртви. Тие моменти беа многу тажни, како за нас, така и за членовите на нивните семејства – вели Нолев.
Инаку, Петар Нолев, и покрај сето тоа што го има направено во спасувањето на исчезнатите лица, вели дека тоа е заеднички, не само негов успех, туку и успех на неговата горска екипа за спасување, затоа што нивната работа е тимска, а не индивидуална.