Јавната наспроти тајната дипломатија околу националните интереси
Сомнежи во тајноста на преговорите се јавуваат кога нема јавно утврдена стратегија со позиции од кои никој нема да отстапува. Ако немаме стратегија, не може да се води ниту тајна ниту јавна дипломатија, тврдат аналитичарите
Македонската јавност изминатите години постојано реагира дека не е запознаена со преговорите што се водат зад затворени врати за прашања од национален интерес. Честопати решенијата што беа носени по пат на таканаречената тајна дипломатија потоа се протнуваа и спроведуваа на мала врата, што создаваше раздор во општеството.
И сега како што наближува 22 јуни зачестуваат топло-ладно изјавите на домашните политичари околу можноста Бугарија да ја отстрани блокадата за македонските интеграции. Токму настапите со умерен оптимизам, па потоа приземјувањето со доза песимизам отвора сомнеж дека сепак интензивно се преговара во последен момент да се дојде до толку посакуваното отворање на преговорите со ЕУ, без притоа да се знае што точно е ставено на маса и околу што се преговара.
Опозицијата ја обвини актуелната власт дека е нетранспарентна во преговорите со Бугарија. Таа веќе неколку дена организира протести низ државата, тврдејќи дека власта тајно ги распродава националните интереси.
Несомнено тајната дипломатија во преговорите со Бугарија е подолго време во игра, но прашањето е дали националните интереси треба да бидат ексклузивитет на неколку луѓе, без вклучување на пошироката јавност за прашања што го засегаат целото општество.
Искуството со тајните преговори со Грција и решението што произлезе потоа доведе до уште поголема поделба во македонското општество на оние што го прифаќаат и на оние што не го прифаќаат Преспанскиот договор. Згора на тоа, избегнувањето да се отвори дискусија во стручната фела за повеќе аспекти од тој договор сега резултира со нови барања и толкувања од грчка страна, кои не се наведени во договорот, а кои ќе продолжат да создаваат дополнителни проблеми.
За да ја избегне истата замка, српскиот претседател Александар Вучиќ по секои разговори со косовската страна, како и со претставници на ЕУ, веднаш се обраќа до нацијата и отворено соопштува што се бара од нив, овозможувајќи потоа во земјата да се отвори дебата за тие прашања, по што подоцна се креира насоката во која ќе се движи српската надворешна политика.
Кај нас тоа засега го нема, ниту пак било практика во минатото, туку решавањето на прашањата од национален интерес го преземаат два-тројца луѓе, кои во последен момент го соопштуваат решението што е конечно и не може да се промени.
Повеќе од јасно е дека има прашања за кои е потребна тајна дипломатија, но тоа секако не смеат да бидат прашања поврзани со националниот интерес. Какви се размислувањата на дипломатите и упатените во оваа проблематиката во однос на примената и ефектите од јавната и од тајната дипломатија?
– Ние до оваа состојба дојдовме поради неквалитетна дипломатија последниве 10 години. Ова доведува до тоа ако не се подготвени луѓето, ако немаме стратегија, не може да се води ниту тајна ниту јавна дипломатија. Во тајната дипломатија едната страна мора да има своја граница, ама за таа граница еден ден ќе има и голема одговорност, дали некој ја поминал таа граница – вели првиот македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски.
Според него, сомнежи во тајноста на преговорите се јавуваат кога нема утврдена стратегија со позиции од кои никој нема да отстапува.
– Нема потреба од доза транспарентност кога се водат тајни преговори ако страната што е засегната од спорот има своја стратегија и од таа работа не се попушта. Кога се познати ставовите и позициите, тогаш нема потреба од загриженост дури и кога станува збор за тајна дипломатија. Кај нас се кажуваат разни работи, те умерен оптимизам, па после песимизам и ние едноставно сме во шок бидејќи не знаеме до каде ќе одат нашиве политичари. Мислам дека целата работа со почетокот на преговорите со ЕУ не е прашање на живот и смрт, ова е почеток кој може да биде и неколку месеци подоцна, но важно е да останеме на позицијата на која сме – нагласува Арсовски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека тајната дипломатија е потребна во одредени ситуации и не мора секогаш да биде транспарентна.
– Тајна дипломатија секако треба и е неопходна во одредени ситуации, не треба да се занемарува тој ефект. Не секогаш сè треба да биде транспарентно затоа што во еден конфликт не може и двајцата да добијат, некогаш е потребно ладна глава и немање притисок – вели Пекевски.
Тој изразува сомнеж во капацитетите на македонската дипломатија да води тајни преговори.
– Поврзано со Македонија ние немаме црвени линии и овие политичари што преговараат се познати по негативни конотации за земјава – е ставот на Пекевски.
Како и да е, тајната дипломатија може да помогне во одредени ситуации, но од друга страна, потребен е и консензус меѓу сите чинители во општеството и стратегија кога станува збор за прашања од национален интерес, што несомнено ќе доведе до поголема доверба внатре во земјата што е клучно при градењето единствен став за прашања од државен интерес.