Рускиот претседател Владимир Путин често е прашуван од новинарите за „мешањето на неговата влада во последните претседателски избори во САД“. Тој има навика да одговара на таквите прашања користејќи комбинација од негирања и контраобвиненија. Од друга страна, голем број владини претставници во Киев, Брисел и во Лондон сметаат дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) честопати се меша во изборите на другите држави. Има ли аргументи за ваквите тврдења? Постојат ли докажани примери дека големите сили преку своите безбедносно-разузнавачки служби навистина активно се вклучуваат во изборните процеси на странски земји, каде што имаат свој интерес? Во анализата на Дејвид Шимер, публикувана во весникот „Форин аферс“, низ примери од поновата историја, се одговорени многу прашања на оваа тема
Фељтон
Современа историја на специјалните тајни акции на моќните разузнавачки служби (1)
Перцепцијата дека големите сили преку своите безбедносни служби се мешаат во изборите на туѓи земји е разбирлива: со декади тоа беше вистина. Првата програма за тајна акција на ЦИА беше операцијата за манипулирање со италијанските избори од 1948 година. Американските разузнавачи ширеа субверзивна пропаганда, го финансираа својот фаворит и оркестрираа различни иницијативи – сѐ во полза на централистите, а против левичарите. „По поразот на италијанската Комунистичка партија, операцијата од 1948 г. стана еден вид шаблон за понатамошните активности на агенцијата во многу други земји, додека истовремено се натпреваруваше со својот советски ривал – КГБ (Комитет за државна безбедност)“, раскажува Дејвид Робарџ, главниот историчар на ЦИА.
Од Чиле и Гвајана до Ел Салвадор и Јапонија, ЦИА и КГБ „нишанеа“ врз демократски избори насекаде низ светот. Некои од нивните операции вклучуваа директно манипулирање со гласачките ливчиња, други манипулираа со јавното мислење, но сите беа конструирани да влијаат на изборните резултати. Потоа Студената војна заврши, а спротивставените цели на изборните операции на Москва и Вашингтон – да го шират или да го кочат комунизмот – едноставно станаа старомодни. Оттогаш, разузнавачите се имаат замешано во многу странски изборни процеси, не заради унапредување некаква идеологија, туку заради промовирање авторитарни кандидати, сеење хаос и конфузија и делегитимирање на демократскиот шаблон.
Каква е ситуацијата со ЦИА?
Во текот на изминативе две години, интервјуирав повеќе од 130 службени лица во врска со долгата историја на тајно изборно мешање или прикриени странски напори за последователна манипулација со демократското гласање. Моите соговорници вклучуваа осум поранешни директори на ЦИА и многу нивни службеници, директори на одредени национални разузнавачки служби, државни секретари, советници за национална безбедност, како и еден генерал на КГБ и еден поранешен претседател на САД. Дознав дека во 21 век, највисоките безбедносни претставници барем двапати во кариерата размислувале за ангажирање на ЦИА за мешање во странски избори. Во еден таков случај – во Србија во 2000 година – размислувањето се претвори во акција. Тогаш ЦИА потроши милиони долари за да го попречи тиранинот Слободан Милошевиќ. Во друг сличен случај – ирачките избори од 2005 година – ЦИА се повлече од намерата да интервенира. Во двата случаи, креаторите на политиките во САД ги споредија потенцијалните придобивки од тајните операции наспроти согледаните ризици од нив. Овие заднински приказни ги откриваат причините (спротивно од тврдењата на Путин) за оддалечувањето на Вашингтон, за разлика од Москва, од практиката на тајно мешање во туѓи избори.
Целта беше да се смени режимот на Милошевиќ
Леон Панета, шеф на канцеларијата на поранешниот претседател Бил Клинтон од 1994 до 1997 г., ми раскажа: „Милошевиќ беше сметан за моќен негативец и некој што ќе го сврти наопаку тој дел од светот ако некој не преземе нешто да му застане на патот“. Изборите во 2000 година претставуваа одлична можност за негово рушење.
– Не знам дали јавно сме кажале дека нашата цел беше смена на режимот, но видовме дека Милошевиќ не е способен да води нормална држава – рече Џејмс О`Брајан, тогашен специјален пратеник на Клинтон за Балканот.
Од средината на 1999-та до крајот на 2000-та, јавните и приватните американски организации потрошија приближно 40 милиони долари за српски проекти, поддржувајќи ги не само опозицијата туку и независните медиуми, граѓанските организации и иницијативите за голем одзив.
Преку ваквиот јасен ангажман, САД имаа цел да обезбедат еднаква шанса за сите што учествуваат на изборите со кои Милошевиќ сакаше да манипулира. Додека Стејт департментот, американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) и невладините организации финансирани од страна на САД извршија јавно и отворено влијание, ЦИА го стори истото тоа, но во тајност. Џон Сифер ми кажа дека помеѓу 1991 и 2014 г., додека работел како оперативец во ЦИА, знаел само за едно „успешно“ мешање во изборите на друга држава – Србија, избори 2000 година.
– Имавме прикриен обид да ја поддржиме опозицијата на Милошевиќ. Се сеќавам дека откако Клинтон ги извести членовите на Конгресот, ЦИА тргна во акција за поддршка, финансирање и помош на одредени опозициски кандидати – тоа беше главната цел.
Сифер, кој стана шеф на ЦИА за Србија веднаш по изборите, објасни дека агенцијата инвестирала навистина многу пари во кампањата против Милошевиќ, претежно за средби со клучни соработници на опозициските лидери надвор од границите на нивната земја, давајќи им притоа готовина на самото место.
Во едно од интервјуата, Клинтон потврди дека ја овластил ЦИА да се замеша во изборите во корист на противниците на Милошевиќ. „Немав проблем со тоа, бидејќи Милошевиќ беше ладнокрвен убиец, кој придонесе за смртта на стотици илјади луѓе“. Исто како што американските претседатели од ерата на Студената војна веруваа дека можат да ги зајакнат странските демократии со тоа што ќе ги подриваат шансите на комунистичките кандидати, Клинтон веруваше дека може да ја зајакне српската демократија со тоа што ќе работи против Милошевиќ. „Типот беше воен злосторник“, ми рече Клинтон. „Не го сметав за демократски кандидат, напротив, сметав дека се обидува да се ослободи од демократијата“.
Во фокусот на службите е и влијанието на јавното мислење
Во Србија, фокусот на ЦИА беше насочен кон влијание врз јавното мислење, а не кон менување на изборните резултати. „Ние не го лажиравме резултатот, ниту пак свесно ги лажевме гласачите, терајќи ги да ги поддржат луѓето за кои се надевавме дека ќе победат“, објасни Клинтон. „Наместо тоа, ЦИА обезбеди парична и други видови помош за кампањата на опозицијата“.
Конгресмените знаеја за овој таен план и го поддржуваа. Трент Лот, лидер на мнозинството во Сенатот, се сеќава дека кога бил известен за претстојната операција на ЦИА, безрезервно ја поддржал. „Милошевиќ беше целосно надвор од контрола. Немавме во план да упаднеме, но ситуацијата беше за никаде и мораше да сториме нешто“.
Офицерите на ЦИА, за разлика од американските владини службеници, имаат можност да оперираат во тајност. „Поради природата на нашата работа, можевме да навлеземе во Србија многу полесно одошто, да се изразам така, обичните луѓе“, објаснува Даглас Вајз, тогашен оперативец на ЦИА, во тоа време стациониран на Балканот.
„Вклучувањето на нашата разузнавачка заедница во српските избори беше од суштинска важност“, продолжува Вајз, „имајќи предвид дека Вашингтон ги искористи сите инструменти на национална моќ за да креира исход што ќе биде задоволувачки за САД“.
Но дали тоа беше доволно? Изборите наближуваа, а Клинтон беше загрижен, сметајќи дека Милошевиќ би можел да ги лажира изборите. Според неодамна објавениот транскрипт од една конверзација на две и пол недели пред гласањето, тој му кажал на новоизбраниот руски претседател Владимир Путин: „Овие избори ќе бидат важни, но најверојатно нема да бидат фер.“
– Милошевиќ има полош рејтинг од опозицијата, така што веројатно ќе ја украде победата. За него би било подобро да изгуби, но веројатно нема да го дозволи тоа – изјавил Путин, негодувајќи притоа во врска со интервенцијата на НАТО од претходната година. „Не нѐ консултираа кога се донесе одлука да се бомбардира Југославија, тоа не е фер“, рекол тој.
Американските организации за унапредување на демократијата, споделувајќи ја загриженоста на Клинтон, бараа начин да се попречи фалсификувањето на изборите од страна на Милошевиќ. Една од невладините организации обучи повеќе од 15.000 активисти за набљудување на гласачките места. На денот на изборите, членовите на опозицијата и владините претставници ги пребројуваа гласовите. Државната изборна комисија најави дека Милошевиќ има тесно водство. Меѓутоа, паралелното пребројување ја разоткри вистината – тој губеше со огромна разлика. Избувнаа големи протести. Немоќен да ја задуши граѓанската револуција, Милошевиќ беше принуден да даде оставка.
Од анализата на Дејвид Шимер
за „Форин аферс“
(продолжува)