Австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл одговарајќи на новинарско прашање за отворањето преговори со Македонија и Албанија, порача дека земјите ги исполниле задачите за преговори и дека кредибилитетот на ЕУ е во прашање.
– Појадував со албанскиот министер за надворешни работи. Не можам да зборувам во име на сите 27 земји, но во наши очи не станува збор да им се подари нешто на овие земји туку ова е прашање на логика. Им дадовме задачи на Албанија и на Македонија, на Северна Македонија како што е правилното ново име на оваа земја, им поставувавме цели што треба да се постигнат и им рековме да ги исполннат. Во случајот на Северна Македонија рековме треба да се стаса до решение за проблемот со името и ако Албанија направи реформи во судството, тогаш ќе стане збор за нашиот кредибилитет да се започне со механизмот. Тука ЕК и Федерика Могерини ја имаат поддршката на Австрија – изјави Кнајсл, јави дописничката на МИА od Брисел.