Амандманската расправа по предложените законски решенија за една изборна едница и отворени листи не започна затоа што не биле обезбедени административни услови, односно амандманите не се преведени и објавени во електронскиот систем, информирашае претседателот на Комисијата за политички систем, Александар Кирацовски.
Тој додаде дека од службите добил информација оти до крајот на идната недела ќе биде отстранета оваа пречка за да ја закаже комисијата и да започне претресот по амандманите.
– Од 5.899 амандмани колку што се поднесени за двата закона, 3.734 не се обработени. Веднаш ги известив службите на Собранието кои ни дадоа гаранција дека до следната недела амандманите ќе бидат обработени – рече Кирацовски.
Од прес-центарот на Собранието тој најави и дека по однос на двата закона на 25 декември ќе има јавна расправа и упати повик до сите заинтересирани за оваа област, но и до предлагачите на амандманите да бидат дел од конструктивна дебата.
– Се надевам дека на оваа јавна расправа ќе дојдат и пратениците од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ и ќе имаме конструктивна дебата и можност самите да се уверат од потребата за носење на овие законски решенија. Постои простор низ разговор да проработи свеста кај нив и да ги повлечат амандманите – додаде Кирацовски.
На прашањето дали ќе има доволно време да се заврши амандмантската расправа и да се донесат законите, Кирацовски рече дека негова обврска било да ја закаже комисијата, повторувајќи дека подоносителите на амандманите до идната недела можеби ќе ги повлечат.