Јове Кекеновски, лидерот на партијата ФРОДЕМ, дел од коалицијата „Никогаш Северна – Само Македонија“ денеска поднесе жалба против решението на Основниот јавен обвинител во однос на кривична пријава, која тој ја поднесе против Оливер Дерковски и останатите членови на Државната изборна комисија (ДИК).
Кекеновски во пријавата навел дека седумтемина пријавени, ги лишиле избирачите на предвремените парламентарни избори од правото да гласаат за коалицијата „Никогаш Северна – Само Македонија“, така што на гласачкото ливче наместо официјалното поднесено и прифатено име на Коалицијата, било наведено името само на една политичката партија од истата, односно Единствена Македонија.
Во донесеното решение од 7 септември со кое е отфрлена кривичната пријава, Основниот јавен обвинител ценел дека пријавените не презеле противправно дејствие во кривично правна смисла, поточно дека при организацијата и спроведувањето на предвремените парламентарни избори, претседателот и членовите на ДИК постапиле согласно нивните законски надлежности.
Кекеновски смета дека Основниот јавен обвинител погрешно и нецелосно ја утврдил фактичката состојба и неоправдано и незаконски ја отфрлил поднесената кривична пријава.
– Основниот јавен обвинител и покрај очигледните факти и докази не согледал (намерно или ненамерно) дека одредбите од Изборниот законик се селективно применети од страна на Претседателот и членовите на ДИК во фазите на изборниот процес. Не е можно одредбите на Изборниот законик претседателот и членовите на ДИК да ги применуваат во одделни фази од изборниот процес и постапка, а додека во останатите фази од процесот и постапката истите да не важат. Оттаму сметам дека Виштото јавно обвинителство недвосмислено треба да ја прифати поденесената Жалба на донесеното Решение – се вели во жалбата поднесена од претседателот на ФРОДЕМ.