Македонците и покрај бугарската блокада на патот кон ЕУ, најмногу од другите граѓани на државите на Балканот веруваат во Европската Унија. Имено, глобалниот безбедносен форум „Глобсек“ публикува анализа што вели дека „во Македонија има највисока поддршка за ЕУ и за Западот во целиот регион, и покрај забавениот процес за зачленување“. Во документот насловен „Глобсек трендови во Централна, Источна Европа и Западен Балкан 2020“ се наведува дека мнозинството од Македонците или 78 отсто мислат дека главни стратегиски партнери на државата се ЕУ и НАТО, наспроти Кина и Русија
И покрај спуштената рампа на патот кон ЕУ, Македонците силно веруваат во Унијата
Во својата анализа на темата „колку е висока сегашната поддршка за ЕУ од страна на земјите во регионот на Балканот“, глобалниот безбедносен форум „Глобсек“ публикува анализа во која заклучил дека мнозинството од граѓаните во Македонија, односно 46 проценти, имаат строго прозападна ориентација, многу повеќе од сите држави во Централна и Источна Европа и на Балканот. Истражувањето и анализата се направени во времето кога нашата држава е блокирана на својот пат кон ЕУ, со ветото на една од нејзините членки. Меѓутоа, многу е индикативно што токму тој факт, според анализите на глобалниот безбедносен форум „Глобсек“, не го разгори и рашири евроскептицизмот во нашата земја. Дали надалеку познатата изрека „наведната глава сабја не ја сече“ повторно стана актуелна? Или, пак, последиците од непринципиелноста на ЕУ и на некои нејзини членки сѐ уште реално не допреле до граѓаните на нашата земја? Дали граѓаните на Македонија не се свесни за колку време повторно европските институции нѐ уназадија во нашиот развој и реализација на плановите за реформи, реструктурирање и консолидација на државата во вистинска смисла на зборот? Дали граѓаните се навистина свесни какви противречни пораки и потези прави Унијата кон нашата држава и дека прави несогледливи штети не само за Македонија туку и за меѓународниот правен поредок?
Слепото верување во ЕУ има долга историја на генеза
Свои размислувања на овие дилеми ни презентираа поранешни дипломати и експерти што ги познаваат политиките на ЕУ.
Имено, поранешниот македонски дипломат Огнен Малевски е со размислување дека ваквото силно, па дури можеби и народно кажано „слепо“ верување на Македонците во Европската Унија се должи на повеќе фактори, кои навлегуваат во сферите на историскиот контекст на настаните, на психологијата на населението, но и на социолошките околности и политичките пораки што ги испраќаат државниците сите години откога живееме во плурализмот.
– Моменталното расположение на Македонците во процесот на европските аспирации се должи на тоа дека генерално ние немаме јасна претстава што добиваме од Европската Унија и што за возврат треба да испорачаме кон оваа меѓународна организација. Нашиот политички естаблишмент честопати само ги истакнува несомнено позитивните придобивки од Европската Унија и од НАТО, а никогаш или многу ретко обврските кон овие организации. Народот има нејасна перцепција и ги идентификува со голема придобивка. Дополнително, личните искуства од соседството, во кои несомнено работите тргнале во нагорен правец на оние земји што се членки на Унијата ја формулираат перцепцијата на Македонецот кога говори на темава – вели Малевски.
Тој додава дека политичарите треба да напоменат дека со нашето зачленување, нема инстант да се решат сите проблеми, туку сето ќе е во подолг процес додека не го достигнеме нивото на кое функционираат државите од ЕУ.
Малевски резимира дека ако се земе сѐ предвид ќе може да се разбере зошто анализите на „Глобсек“ и на други слични организации стигнале до вакви заклучоци за Македонија.
Верување дека еден ден ќе ги отвориме портите на ЕУ зад кои течат „мед и млеко“
Иван Стефановски, извршен директор на центарот за европски стратегии „Евротинк“, пак, во својот осврт на случувањата вели дека и покрај сите состојби и процени што на оваа тема циркулираат во јавноста е очекувано сега да порасне евроскептицизмот кај Македонците.
Тој вели дека и покрај неповолното сценарио за нашата земја, по бугарската блокада, граѓаните очигледно веруваат дека еден ден ќе ги отвориме долгоочекуваните преговори за членство.
– Со оглед на контекстот во кој се наоѓаме, очекувано е зголемување на евроскептичните чувства кај македонските граѓани, кои, пак, во последните неколку години покажуваат солидна поддршка за членство во ЕУ, или во проценти, 70 отсто поддршка. Но тоа не мора да биде случај. Ќе споделам со вас еден мал куриозитет, дури и по ветото на Макрон, „Евротинк“ направи еврометар-истражување каде што поддршката кон ЕУ се зголеми. Така што понекогаш нашите граѓани знаат да изреагираат импулсивно, во овој случај позитивно односно да се зголеми поддршката, што е многу интересно, меѓутоа имајќи ги предвид целиот контекст, јавниот дискурс, наративите околу кои е спакувана целата приказна, за жал, во иднина мислам дека можеме да очекуваме намалување на поддршката за членство – вели Стефановски.
Тој резимира дека и покрај истражувањата и покрај негативниот развој на случувањата во евроаспиративните процеси мора да се знае дека овој пат не е лесен и никој не кажал дека ќе биде лесен, мора да се опстои и ниту еден милиметар не смее да се отстапи од тврдењето дека ЕУ е нашата единствена траекторија на движење.