Претседателот на движењето Беса, Билал Касами по средбата со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев изјави дека за нив како партија останува отворена можноста за избор на заеднички кандидат при што најважна е личноста која ќе биде предложена, но разгледуваат повеќе опции, јавува МИА.
-За нас како опозициска партија е многу важен пристапот, но уште повеќе е важен човекот, личноста која ќе стои на чело на една важна институција во државата. Како опозициска партија разгледуваме повеќе опции, а секако важна е и оваа опција затоа што знаеме дека еден таков кандидат има шанси да добие и нашата поддршка за таков кандидат би била многу важна. Тоа што треба да знае јавноста е дека нашата поддршка нема да биде безусловна, а најмалку ќе биде во договор за тој утрешен претседател да ги штити нашите луѓе од корупција и нелегални работи, како што за жал се случувало досега со други партии – рече Касами појаснувајќи дека тоа треба да е личност која ќе биде претседател на сите граѓани без да ги дели граѓаните на етнички заедници, „за едните да биде мајка, а за другите маќеа“.
На новинарско прашање, Касами рече дека Движењето Беса на последните избори имаше 60 илјади гласови, посочувајќи дека на наредните ќе се види дали оваа бројка ќе се подели заради поделбата на партијата или, како што вели, дали една група се одвоила од партијата.
Касами кажа дека дадени биле некои опции како можни кандидати, а тие ќе ги разгледаат и за тоа ќе одлучат органите на партијата.
Во однос на ставот за можен претседателски кандидат рече поблиску се до становиштето на Алијансата за Албанците.
Запрашан за ставот за претседателскиот кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, рече дека е тоа нивен кандидат и не разговарале за неа.