Карикатура: Калц

Во трката по гласови не се штеди противникот, па некогаш се посегнува и кон валкана кампања, со инволвирање, оцрнување или омаловажување и на блиските и семејството на претседателските кандидати. Ако некој смета дека тоа е начинот да се придобијат гласови, веројатно избрал погрешен метод, бидејќи валканата кампања е индикатор за гниење на општеството, а не негово зреење и созревање

Трендот на извртување на универзалните човечки вредности, но истовремено и трендовите на говор на омраза, клевети и навреди, кои се карактеристика на валканите политички кампањи, изгледа пуштаат корен и на домашната политичка сцена, нарушувајќи го декорот на претстојната претседателска кампања. Во трката по гласови не се штеди противникот, па некогаш се посегнува и кон валкана кампања, со инволвирање, оцрнување или омаловажување и на блиските и семејството на претседателските кандидати. Ако некој смета дека тоа е начинот да се придобијат гласови, веројатно избрал погрешен метод, бидејќи валканата кампања е индикатор за гниење на општеството, а не негово зреење и созревање.

Последен пример за водење валкана кампања беше регистриран неделава, кога повеќе македонски портали објавија информации поврзани со синот на Гордана Силјановска-Давкова, откако на Твитер беа објавени фотографии од нејзиниот син како свири на кавал во Градскиот парк, а сето тоа беше проследено со негативни коментари на објавата, насочени кон фамилијата на професорката.
Претходно, на почетокот од март, пак, кандидатот Стево Пендаровски во медиумите информира дека тој и неговото семејство се чувствувале небезбедно, бидејќи биле следени од тајни служби блиски до одредени партии.

Во сублимиран заклучок на актуелните состојби аналитичарите со кои се консултиравме велат дека нѐ очекува една многу валкана кампања, во која ќе се вадат приватни компромитирачки епизоди од животот на политичарите од кои ќе има забава за ниските страсти на народот, кои во суштина имаат мала политичка употребна вредност. Експертите додаваат и дека вовлекувањето на семејствата на кандидатите во изборите потсетува на валканите кампањи од САД и Западна Европа, каде што се користат трикови чија цел е оцрнување на противниците, а оваа практика на копирање на светските случувања воопшто не ни помага во процесот на градење стабилна и модерна демократска држава.

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани актуелниот тек на кампањата го коментира со фактот дека треба да очекуваме дека феноменот на појавата на лажните вести во светот ќе стане и дел од домашната кампања. Според Рамадани, колку и да се припадници на академската заедница тројцата кандидати, сакале или не, ќе бидат вовлечени во оваа појава од страна на партиите и интересните групи, кои нема да избираат средства и нема да ги штедат зборовите и начинот како да си ја остварат својата цел, а таа е победа на кандидатот што тие го поддржуваат.

Карикатура: Калц

– Јас лично се надевам дека кандидатите за претседател на државата ќе се воздржат од овој тренд, максимално ќе се посветат на позитивната и демократска кампања и ќе пристапат професионално кон случувањата – вели аналитичарот Рамадани.
Политикологот Петар Арсовски вели дека е невозможно да се искорени светскиот тренд на негативната кампања, бидејќи тој продрел во нашето општество како феноменот на лажните вести.

– Јас искрено не верувам дека ќе ја снема негативната кампања во скоро време, исто како што нема да се случи и со феноменот лажните вести – вели Арсовски.
Аналитичарот објаснува дека негативната кампања наспроти позитивната е побрза и поефикасна.

– Тоа е така бидејќи негативната кампања побргу продира до гласачите и го поларизира електоратот. Па, токму поради овие причини таа е користена многу од политичките партии. Ако се анализира феноменот на негативната кампања, ќе се види дека таа сама по себе создава кај гласачите чувство на цинизам и апатија, а истовремено влијае и на намалување на одѕивот на гласачите на изборите. Но, и покрај сите негативни предзнаци на оваа кампања, јас лично и натаму не верувам дека таа ќе исчезне од македонското општество и политичката арена – вели Арсовски.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, пак, смета дека во македонските избори секогаш мора да постои некаков т.н. баланс меѓу позитивната и негативната кампања што ја водат партиите пред гласачите.

– По правило треба да постојат неколку позитивни столба на кампањата што ќе ги привлечат гласачите да гласаат и помали негативни столбови што ќе се обидат да му наштетат на противничкиот кандидат и политичкиот противник – вели Божиновски.
Според него, засега во јавноста се забележува дека пополека се позиционираат кандидатите во партиите околу нивното дејствување во овој контекст.


Што велат кандидатите за „ниските удари“

Гордана Силјановска-Давкова, кандидатка за претседател на Македонија поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, се огласи на Фејсбук и побара децата да се остават на мир и да не се злоупотребуваат во политичката кампања.
– Како граѓанин и уште повеќе како професор, уште пред да влезам во претседателската трка, знаев дека кампањата ќе биде валкана. Знам дека за политичките страсти понекогаш нема ни врв ни дно, свесна бев дека со стапување на политичката сцена на удар ќе бидам изложена не само јас туку и моето семејство. Хајката од вчера продолжува со удари врз децата. Ова не е првпат да ми се случи она „да ја дискредитираме Сиљаница, ако треба и со удирање по децата“. Издржав тогаш, ќе издржам и сега, но нема да паднам ниско да враќам на ист начин. Се натпреваруваме како личности, но и со програми, да ги оставиме децата на мир, и нашите и туѓите – пишува Силјановска-Давкова.
Стево Пендаровски, пак, лидерот за позицијата шеф на државата од таборот на владејачките СДСМ и ДУИ во свое телевизиско гостување изјави дека иако претходно очекувал вообичаена, рутинска кампања, и покрај спротивставените аргументи на двата блока, сега бил уверен дека кампањата ќе стане валкана.


Странски примери на „валкани кампањи“

Во светот очигледно овие случувања на користење валкани методи во изборите не се новост, а за нив на големо периодов известуваат светските медиуми и новински агенции.
Британскиот магазин „Економист“ во своја анализа на изборите во Индија пишува дека тие се преполни со „валкани“ трикови, а ниту една тактика за победа на партиите не се преценува и пропушта од противниците.
Американскиот медиум „Блумберг“, пак, во свој прилог поврзан со изборите за претседател на Украина истакнува дека тоа ќе биде највалканата трка во која ракавиците ќе бидат извадени од ривалите.
– Валканите трикови во политиката во Украина не се новост, но тие исто така на големо се присутни насекаде во Европа, почнувајќи од политичките случувања во бившите комунистички држави, па до настаните како брегзит – се вели во текстот.

[email protected]