Специјалното вклучување во балканската проблематика на министерот за надворешни работи Никос Дендијас веднаш по стапувањето на должност претставува уште една најава дека Грција решително граба напред во својот нов план за Балканскиот Регион. Имено, Грција ја зајакна својата дипломатија на Балканот, како и соработката со партнерите, особено во текот на последниве неколку месеци
Јужниот сосед со решителни чекори за остварување на својот нов план за Балканскиот Регион
По претходната деценија, кога нејзиното силно влијание во регионот беше намалено поради финансиските падови, Грција сега ги мерка можностите за ново враќање, имајќи го предвид развојот на новата геополитичка реалност во текот на последниве неколку години.
Решавањето на дипломатските проблеми како оној со името на Македонија, но и отворањето на можноста за европско членство за земјите од Западен Балкан, ѝ го „поплочи“ патот на Грција во нејзините намери за инвестирање на сопствениот дипломатски капитал. Токму за ова пишува и грчкиот весник „Екатимерини“.
Освен засилување на мерките со кои се спротивставува на силниот пробив на Турција во своето соседство, Грција сè поофанзивно ја бара својата шанса за одлучувачка ролја на територијата на Западен Балкан. Тоа е ставено во контекст на американскиот став дека овој регион треба да биде вклучен во политиката на воздржување од руско и кинеско влијание. Уште повеќе, на ова понатаму треба да се додаде и фактот што кај западните и умерено муслимански земји од Блискиот Исток и Северна Африка постои заедничка загриженост поради подемот на радикалниот ислам во регионот, а Грција по дефиниција е еден вид тампон-зона за пробив на екстремизмот од позиции на исламски фундаментализам.
Специјалното вклучување во балканската проблематика на министерот за надворешни работи Никос Дендијас веднаш по стапувањето на должност претставува уште една најава дека Грција решително граба напред во својот нов план за Балканскиот Регион. Имено, Грција ја зајакна својата дипломатија на Балканот, како и соработката со партнерите, особено во текот на последниве неколку месеци. Најпрвин, тука е фактот дека веќе докажаната соработка во совпаѓањето на интереси меѓу Грција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се протега и на просторите на Балканот. За Арапите, обидот на Турција за обединување на муслиманските делови во регионот претставува не само напор за враќање во живот на османлиската визија туку и промоција на една изолационистичка верзија на исламот.
Од тој аспект, на релацијата помеѓу Дендијас и неговиот колега од ОАЕ, Абдула бин Заед Ал Нахјан, се гледа како на клучен стожер во развојот на новата балканска политика.
Освен Емиратите, интерес за регионот покажуваат Саудиска Арабија и Египет, кој секогаш многу внимателно го следи секој проект што е поврзан со промовирање на сунитската теологија.
Потврда дека Грција со своето влијание засилено се враќа на Балканот е и неодамнешната трилатерала меѓу Грција, Србија и Кипар, како и најавата за одржување нова трилатерала, овој пат Србија, Македонија и Грција, нешто што досега не беше случај.
Тука е и повторното актуализирање на изградбата на брза железница на релацијата Солун – Скопје – Белград, а во тој контекст може да се сфати и енергетското поврзување на Македонија со Грција преку учество во изградбата на гасната централа и гасниот терминал „Александрополис“, на што силно инсистираа САД како можност овој дел на Балканот да добие диверзифицирани извори на гас и да се избегне зависноста исклучиво од руски гас.
Грција истовремено како земја-членка на НАТО ја презеде обврската за чување на македонското небо, што на некој начин е одговор на Турција, која управува со двата аеродрома во земјава.
За грчкиот новинар и познавач на дипломатските политики и прашања од одбраната Василис Недос, новата реалност во соседството, членството на Македонија и на Албанија во НАТО, создава потреба за враќање на Грција поради новата геополитичка состојба, која е актуелна во изминатите неколку години.
– Од трилатералните средби, главниот факт на кој треба да се фокусираме е што се остварија и се креира одредена динамика за проширување на трилатералната тактика што Грција ја користи во источниот Медитеран за да ја примени на Балканот. Грција веќе има склучено доста партнерства со земјите во нејзиното соседство, но сега воспоставуваме нов сет трилатерални средби, што дипломатски кажано е многу интересно и ѝ дава можност на Грција да разговара со држави надвор од контекстот на НАТО, но со нив дели заедничка загриженост за економијата, исто така и одредени притисоци во регионот, што укажува на тоа дека Балканот е важен поради друга причина. Балканот е место каде што САД сакаат да креираат линија на одбрана од руското опасно влијание, така што грчката улога на Балканот е поврзана со поголема стратегиска игра што се одвива во регионот – вели Недос.
Според него, Грција како најстара членка на ЕУ и на НАТО во регионот може да влијае и во спречувањето на ширењето на радикалниот исламизам на овие простори.
Некои од познавачите на состојбите со кои се консултиравме сметаат дека Грција никогаш не го загубила приматот на лидер на Балканот.
– Ако погледнеме назад во историјата во циклуси, тоа се случувало, една од балканските земји да се појави како лидер, па потоа друга, сè во зависност кој стоел во тоа време зад тие земји. Некогаш тоа била Австро-Унгарија, некогаш Русија, па Велика Британија. Грција го изгуби приматот пред речиси 30 години со внатрешни проблеми, со чести смени на власта, со финансиската криза и слично – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Според него, генезата на лидерството на Балканот познава такви периоди кога едни паѓале, други доаѓале итн.
– Можеби сега е времето Грција да направи нешто, а мислам дека тоа е поттикнато и од Европската Унија, за да ја неутрализираат Србија со нејзините ставови „ни на Исток, ни на Запад“. Покрај тоа, тука е и решавањето на косовското прашање. Поради тие причини мислам дека Брисел на некој начин ја поттикнува Грција да го преземе приматот на Балканот – појаснува Јањатов.
Тој не ја исклучува можноста зад ангажманот на Грција да стојат и САД.
– Не се исклучува можноста и САД преку директно поттикнување на Грција да се промовираат како нов лидер на Балканот, всушност да се обидуваат да го спречат ширењето на руското и кинеското влијание во овој дел на Европа.
Има едно тивко прикриено пријателство меѓу Русија и Грција, така што можно е САД да влијаат, особено сега, со заострувањето на ситуацијата со Украина и кога ќе им треба една заднинска сигурност тоа јужно крило на НАТО да биде покомпактно. Можна е една таква глобална опција во секој случај – истакнува Јањатов.
Првиот македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, смета дека Грција никогаш не ја загубила лидерската улога на Балканот и е конзистентна во спроведувањето на политиките во овој дел на Европа.
– Грција никогаш не престанала да биде лидер на Балканот, бидејќи едноставно немала конкуренција како најстара членка на НАТО и на ЕУ. Мора да се признае дека кон тоа и Европа многу ѝ погодувала, за да ја промовира како лидер. Она што претходно го правеше Ципрас, сега го продолжува и Мицотакис – вели Арсовски.