Фото: Игор Бансколиев

Можно ли е да продолжи динамиката со нагорен тренд на зараза кај децата или тоа е актуелно краткорочен тренд? Во контекст на ова, постојат ли анализи во Министерството за образование и наука и што покажуваат тие? Во секој случај, овие прашања надлежните мора да ги стават „под лупа“, за да одредат што понатаму со образовниот процес. Бројката од 143 заразени деца до девет години за една недела е податок што не смее да се занемари. На тоа, впрочем, апелираат и експертите

Бројот на заразени деца расте, институциите сѐ уште анализираат!?

Треба ли за институциите да биде аларм статистиката на Институтот за јавно здравје, според која има драматичен раст на заразени деца во последните две недели? Дали е време да се размислува за алтернатива на наставата со физичко присуство? Постојат ли анализи во Министерството за образование и наука и што покажуваат тие, можно ли е да продолжи тој тренд на зараза кај децата или е моментален?
Сите овие прашања надлежните мора да ги стават како предмет на длабока опсервација, за да одредат што понатаму со образовниот процес. Бројката од 143 заразени деца до девет години за една недела е податок што не смее да се занемари. На тоа, впрочем, апелираат и експертите. Тие веќе посочија дека во оваа ситуација тешко може да се направи вагање на состојбата, а сето тоа да биде во корист на учениците, но и на наставниците. Според нив, најдобрата одлука е да се прави процена на епидемиолошката состојба во секоја општина поединечно, според бројот на заболени на дневно ниво.
Пред една недела со сосема различни и крајно спротивставени мислења во однос на овие и редица други прашања, излегоа две значајни институции во земјата, МОН и народниот правобранител, кој укажа на јасни пропусти во спроведувањето на протоколите во училиштата и побара од Министерството за образование итно да преземе мерки. Од МОН, пак, го тврдат спротивното, нагласувајќи дека нема ризик по здравјето на децата и бројот на заразени ученици е минимален.
Поранешниот заменик-министер за образование и наука Петар Атанасов веќе посочи дека со оглед на епидемиолошката состојба во земјата, одговорноста за учениците ја преземаат три институции, како МОН, општината каде што се наоѓа училиштето и самото училиште.

Народниот правобранител чека официјален одговор од МОН

Васка Бајрамовска-Мустафа, заменичка на народниот правобранител, вчера во изјава за „Нова Македонија“ посочи дека сѐ уште не добиле официјален писмен одговор од Министерството за образование и наука по повод укажувањата доставени на 13 септември годинава, за примена на протоколите во образовниот процес од почетокот на учебната година.
– Повторно ќе го потсетиме Министерството ако не добиеме писмено известување за состојбата во училиштата. Сепак, сведоци сме дека изминатиот период министерката Мила Царовска излегува со поинакви размислувања од претходно, особено во делот со учебниците – посочи Бајрамовска-Мустафа.
Укажувањето што народниот правобранител го испратил до Министерството за образование и наука е дека часовите со физичко присуство треба да бидат пократки, а одморите помеѓу часовите да бидат зачестени и подолги.
Народниот правобранител отворил предмет по сопствена иницијатива, откако со почетокот на оваа учебна година зачестиле јавувањата и поплаките од ученици и родители, кои се во врска со начинот на реализација на воспитно-образовниот процес во основните и во средните училишта, укажувајќи на неможност да се почитуваат, односно спроведуваат во целост протоколите, но и на конкретни проблеми.
Ученици, родители и наставници реагираат дека е потребно постојано да имаат заштитна маска на лицата, што, пак, според нив, предизвикува голем замор, придружен со главоболка и намалена концентрација за следење, односно за реализирање на наставата, а кај некои од децата, како што наведуваат родителите, има исип во пределот на лицето што е покриен со маска.
Оттаму додаваат дека има голем број ученици по паралелка, често повеќе од 30 ученици, во училница што најчесто е со простор од околу 30 квадратни метри, со што е невозможно одржување физичка дистанца.

Состојбата се следи на дневно ниво

Министерството за образование соопшти дека на дневно ниво добива информации за секој заразен ученик во секое училиште и е во редовна комуникација со Комисијата за заразни болести, каде што се доставуваат тие извештаи, за навремено дејствување доколку дојде до промена на ситуацијата со заразата во училиштата.
Министерката Мила Царовска неколку дена по укажувањето од народниот правобранител апелираше двете институции да бидат во координација, да не се шпекулира, за да може да се стигне до квалитетно образование, и тоа со физичко присуство во време на пандемија.
– Епидемиолозите заедно со Комисијата за заразни болести ја следат детално состојбата во училиштата. Државниот санитарен и здравствен инспекторат е постојано на терен и имаме извештај на дневна основа во колку училишта се направени контроли и, во согласност со тие извештаи, протоколите апсолутно се почитуваат. Имаме инцидентни случаи во некои општини, каде што има минимални забелешки за непочитување на некој дел од протоколот во одредено училиште, каде што веднаш се интервенира – рече Царовска.
Во насока на забелешките од народниот правобранител за ненавремена достава на учебниците, Царовска посочи дека оваа година за првпат учениците ги добија учебниците на први септември. Во согласност со бројот на побарани учебници од страна на училиштата, Министерството за образование и наука навреме ги испечати, набави и дистрибуира до училиштата.
– Сигурно ќе има различни поплаки за огромниот систем што го менаџираме. Но факт е дека МОН за првпат оваа година на први септември ги дистрибуира сите побарани учебници, меѓу кои и за прво одделение сосема нови учебници и за четврто одделение сосема нови дигитални учебници. Да не заборавиме дека и пред први септември беа спуштени 3.300 таблети, во согласност со барањата на општините, затоа што секогаш сме во координација со општината за потврдување на потребната опрема – укажа Царовска.
Осврнувајќи се на забелешките за недостиг од учебници или ИТ-уреди за некои ученици, министерката нагласи дека многу е важно тие да не бидат паушални.

Родителите загрижени, институциите нетранспарентни

Детската амбасада „Меѓаши“ посочи дека имаат голем број информации што пристигнуваат до нив, како од родители, деца и други членови на семејствата така и од наставници, дека учебната година со физичко присуство претставува висок ризик по здравјето, како за децата така и за вработените и за семејствата, поради несоодветниот начин на организирање на наставата.
– Нетранспарентноста на МОН и недостигот од информации во поглед на бројот на активни случаи во училиштата дополнително ги зголемуваат сомнежите и вознемиреноста кај родителите и кај нас како организација. Упатуваме барање, МОН да воведе задолжително бесплатно тестирање за сите ученици и персонал во училиштата, за да се спречи неконтролирано ширење на вирусот во училиштата, што неизбежно ќе доведе до директно загрозување на здравјето на многумина и, секако, ќе наложи враќање на онлајн настава – посочија од „Меѓаши“.
Оттаму се погодени од сознанијата дека одредени директори на училишта не ја преземаат својата обврска да организираат онлајн настава за ученици што го побарале тоа официјално од училиштата, но и за оние што поради карантин се принудени да отсуствуваат од училиште повеќе од две недели.
– Не сакаме да веруваме дека тоа е премолчена форма на притисок и е поддржано директно од надлежните во МОН. Уште еднаш гласно сакаме да ги предупредиме надлежните, без одложување, дека имаат законска обврска на сите децата да им се обезбеди непречено следење на наставата – додаваат од „Меѓаши“.


Средношколците од Тетово и од Гостивар повторно во училиште

Средношколците во Тетово и во Гостивар од оваа недела почнаа наставата да ја следат со физичко присуство. Поради лошата епидемиолошка состојба во овие два града, наставата со физичко присуство беше одложена до 14 септември, а потоа одлуката уште еднаш беше променета, односно наставата да се одвива онлајн до 20 септември.

[email protected]