Експертите велат дека ова прашање со години се провлекува како проблем кај двете најголеми верски заедници во земјава, Македонската православна црква-ОА и Исламската верска заедница, кои иако се автономни во своето управување, сепак и за нив важат истите законски прописи кога станува збор за релациите со државата, како што се плаќањето даноци и регулирањето на работниот однос на верските работници
Дали со најавите за инспекциски контроли во верските заедници во земјата отворено се навестува посериозна контрола на нивното работење во смисла на почитување на законските обврски или, пак, тоа е обид за некој облик на политички притисок врз нив, во поширок контекст на актуелните случувања во земјава? Оваа дилема се наметна во јавноста откако премиерот Зоран Заев пред неколку дена, одговарајќи на пратеничко прашање, најави дека лично ќе испрати инспекции што ќе ја проверат работата на верските заедници, во делот дали тие ги почитуваат законските обврски од аспект на плаќање даноци и придонеси на верските работници.
Експертите велат дека ова прашање со години се провлекува како проблем кај двете најголеми верски заедници во земјава, Македонската православна црква-ОА и Исламската верска заедница, кои иако се автономни во своето управување, сепак и за нив важат истите законски прописи кога станува збор за односите со државата, како што се плаќањето даноци и регулирањето на работниот однос на верските работници.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека ако постои некој „притисок“ врз верските заедници во земјата, тој, сепак, е во функција на регулирање на нивните односи со државните институции.
– Навистина беа потребни контроли од страна на трудовата и други инспекции, таму каде што државата има надлежност, зашто, сепак, верските заедници се одвоени од државата. Сознанијата укажуваат дека верските службеници во МПЦ-ОА и во ИВЗ се соочуваат со големи проблеми од аспект на исполнувањето на обврската да се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Во редовите на МПЦ има многу свештеници што сега имаат „дупки“ во стажот од по шест-седум години. Се работи главно за свештеници што работеле во селски, сиромашни средини и каде што локалните храмови немаат големи приходи – објаснува Ѓорѓевски.
Според него, самите поглавари на верските заедници се виновни што се довеле во состојба политичари јавно да бараат да бидат извршени инспекциски контроли во црквите и во џамиите.
Пратеникот Мухамед Зекири, кој пред неколку дена го отвори ова прашање на собраниската говорница, вчера изјави дека не е првпат да посочува за регулација на работата на верските заедници во државава, особено на Исламската верска заедница, чие функционирање му е поблиско, со оглед на неговата верска определба како муслиман.
– Верските водачи треба да бидат за пример на верниците, а не да бидат заштитени мечки. Ако сакаме да имаме правна држава, тогаш треба да биде регулирана и работата на верските заедници, кои секако дека мораат да ги почитуваат законите во државата – додава пратеникот Зекири.
Според него, државните институции, особено инспекциските контроли мораат да имаат увид во финансиското работење, како и во делот на плаќањето на придонесите на луѓето што работат во овие заедници.
Од Владата одговорија дека негуваат добар однос со сите верски заедници, но давачките мора да важат за сите, независно за која верска заедница станува збор.
Резултатите од контролите ќе бидат јавно соопштени во наредниот период.
– Не сме надлежни, ниту сакаме, а и Уставот не дозволува инволвирање во внатрешните избори и уредувања, но тоа не значи дека некој може да биде надвор од законот кога се работи за плаќање даноци, придонеси – одговараат од Владата.
Од Исламската верска заедница во земјава сметаат дека преку мегафонот на анти-ИВЗ екстремистите имаше обид да се гази врз системот и регулативата на државата, навредувајќи ги дигнитетот и авторитетот на оваа заедница и на нејзиниот поглавар хаџи Сулејман ефенди Реџепи, кој, како што се вели во соопштението, во изминатите три декади на челото на оваа институција стори толку многу за исламот во земјата, бележејќи незамисливи успеси.
– Мухамед Зекири, со своите инсинуации, криејќи се зад говорницата на парламентот, всушност само го отежнува патот на Македонија кон ЕУ, бидејќи со прекршување на верските и човечките права нема евроинтеграции. Тој пат на евроинтеграции завршува во моментот кога државата почнува да се меша во работите на верските заедници. За ова злодело кон државата и општеството воопшто, некој треба да поднесе одговорност, особено Мухамед Зекири, неговите налогодавци и поддржувачи, кои деноноќно прават сценарија како да ја спречат Исламската заедница и нејзината ангажираност за денационализација и враќање на нејзиниот имот, како и на правата што ги гарантира Уставот на земјата.
Според неофицијални извори од двете најголеми верски заедници во земјава, свештениците и имамите сами ги уплатуваат придонесите за здравствено и пензиско осигурување од средствата што ги заработуваат.
Оние што работат во администрацијата и во образовните институции на МПЦ-ОА и на ИВЗ имаат платено осигурување од самите верски заедници. Најголемиот проблем е кај свештениците и имамите што се регистрирани како трговци поединци и плаќаат паушален данок одреден од Управата за јавни приходи.
Во секој случај, пораката на премиерот Зоран Заев упатена од парламентот до верските заедници силно одекна во јавноста, отворајќи го прашањето за односот на верските заедници и државата во делот каде што токму државните институции имаат законска надлежност за надзор и контрола. Актуелниот силен политички набој отвори нов фронт во јавноста, каде што верските заедници и извршната власт се позиционираат на две различни страни. Во секој случај, уважувајќи го принципот на секуларност од една страна, но и соодветна точно прецизирана надлежност на државата од друга страна, над работењето на верските заедници во земјава, законите и позитивното право се тежишни принципи на една правна држава и тие важат и се спроведуваат за сите граѓани еднакво, се разбира вклучувајќи ги и верските заедници.
Финансиска полиција отвори случај за владиката Петар
Митрополитот преспанско-пелагониски Петар пред неколку месеци беше задржан на скопскиот аеродром по барање на финансиската полиција.
Тогаш тој рече дека бил задржан поради грешка во процедура и дека по кратко време бил пуштен да го продолжи патувањето.
Од Управата за финансиска полиција, пак, соопштија дека постојат одредени сознанија, но бидејќи се работи за предмет што е во предистражна постапка, не се во можност да споделат информации со јавноста.