Проблемите во работата на комисијата значително се усложнуваат со врамувањето на нивните хегемонистички позиции во „резолуција“ во бугарското собрание, по што следуваше уценувачкиот „објаснувачки меморандум“. Исто така, за издвојување е дека прашањето за непотпишувањето на записниците од седниците на комисијата било сериозно спорно(?!). Сега, по последната онлајн средба, дознавме дека непотпишувањето било поради придавките македонски, македонско и македонска…
Некаде во декември 2018 година, копретседателите на македонско-бугарската мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања излегоа во јавноста со соопштение дека комисијата усвоила предлог-препорака до владите на Македонија и на Бугарија за заедничко чествување на Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, како и Григор Прличев.
Во оваа пригода Ангел Димитров, поранешниот бугарски амбасадор во Македонија, копретседател на комисијата (и еден од авторите на контроверзната стратегија позната како „Бугарската политика спрема Република Македонија“), на заедничката прес-конференција информира: „Со нашите колеги од Република Македонија се согласивме од научна точка да оправдаме зошто нашите две влади треба да продолжат да го чествуваат заеднички Денот на светите браќа Кирил и Методиј“ (за заедничкото чествување во Рим). Димитров исто така потврди дека била постигната согласност да се продолжи во двете држави да биде почитуван и одбележан Григор Прличев како човек со заслуги за културниот и општествениот развој.
Според информациите до кои дојде „Нова Македонија“, двете страни се договориле да препорачаат до соодветните влади редовно одбележување на Св. Кирил и Методиј како сесловенски просветители, додека пак за другите личности, како што се Св. Климент, Св. Наум, Самуил и Григор Прличев, е препорачано одбележување јубилејни годишнини.
Конкретно, на декемвриската средба во 2018 година двете страни се согласиле дека ќе ги чествуваат Кирил и Методиј како „сесловенски просветители“, а Григор Прличев како личност што има заслуги за македонската и бугарската култура. Ако внимателно се анализира, во однос на прашањето за чествувањето на солунските браќа ниту една страна не прави отстапки ако се земе предвид дека одлуката е усогласена – станува збор за личности „сесловенски просветители“.
Во однос на прашањето за Григор Прличев се добива впечаток дека македонската страна направила компромис. Можеме да претпоставиме дека македонските членови ги имале предвид Прличевите обиди да преведува на бугарски јазик, како и неговото учителствување во Солунската гимназија, со што покажуваат европски пристап за решавање на проблемите. Точно е тврдењето дека Прличев има културно значење надвор од Македонија и може слободно да се тврди дека овој македонски преродбеник има исклучителни заслуги и придонел и во развојот на грчката и на бугарската култура.
Науката вели дека Григор Прличев со својата поема „Сердарот“, која е напишана на грчки јазик, се вбројува меѓу најголемите претставници на новогрчката литература. Не случајно беше прогласен за нов Хомер во Атина, а Александар Ризос Рангавис забележа дека оваа поема е творба на „чудотворно длето… секој стих светка како чист бисер.“ Тоа може да се каже само за човек што совршено го познава грчкиот јазик, затоа што само така можел да твори на тој јазик.
Но кога е во прашање бугарската писменост на Прличев, работите стојат поинаку. Самиот Григор Прличев во својата автобиографија вели: „Во дуќанот на Ангел Групчев, кој служеше како читалиште, се научив на бугарско читање и јазик… Бев, и како и денес сум уште слаб со бугарскиот јазик… преведував на бугарски не како сакав, туку како можев… Знаев дека тој превод не мирисаше многу на бугарски, но кога сум слаб со бугарскиот, тој не можеше да стане поинаков.“
Во интерес на вистината, мора да потсетиме дека Прличев поради своите лоши преводи на бугарски јазик, кој дефинитивно не го познавал добро затоа што не бил негов мајчин јазик, доживеал сериозни критики од страна на бугарското општество, кое наполно го скандализирало неговиот бугарски превод.
За волја на вистината, според информациите до кои изворно дојде „Нова Македонија“, македонските членови предложиле до бугарските колеги чествувањето на Прличев да биде тристрано, односно кон оваа иницијатива да биде поканета и Република Грција, со што македонската страна повторно покажала разумен европски пристап. Две земји-членки на ЕУ (Грција и Бугарија), а третата кандидат за ЕУ (Македонија). Но оваа инцијатива на македонските членови била одбиена од бугарската страна. Ова е само еден од примерите за разумниот пристап, конструктивност, во обидот да се најде решение со европски дух од страна на македонските членови на комисијата. За жал, бугарската страна и понатаму се води со т.н. балкански менталитет. И покрај исклучително високиот степен на конструктивност од страна на македонските членови, тие постојано во бугарските медиуми се обвинуваат за неконструктивност.
Очигледни се примерите во текот на досегашната работа на комисијата бугарските членови, но и бугарската влада, што покажаа дека не го почитуваат договореното. Токму примерот од воведот во овој текст го потврдува ова тврдење. Имено, во декември 2018 година македонско-бугарската комисија одлучи дека ќе им предложи на македонската и бугарската влада заедничко чествување на Кирил и Методиј како сесловенски просветители, а за Григор Прличев јубилејно одбележување како личност што има значење за македонската и бугарската култура.
Но неверојатно непринципиелно отстапување од договореното од страна на бугарскиот дел од комисијата се забележува веќе наредната година. Во контекст на ваквата дивергенција, можеме само да претпоставиме дека бугарските членови на комисијата имале средба со претставниците на бугарската влада и дека промените на нивниот пристап се под силно влијание и притисок. Друг логичен одговор не постои. Тоа е моментот на перипетија кога бугарските членови во комисијата одбиваат да говорат дека Григор Прличев е една од личностите за кои е прифатена препораката за заедничко чествување.
Исто така, голема е веројатноста одредницата „македонска култура“, која е влезена во препораките, да е причината зошто бугарската влада неофицијално се откажува од заедничкото одбележување на Прличев. Проблемите во работата на комисијата дополнително се усложнија кога беше донесена позицијата во бугарското собрание врамена во резолуција од нивното највисоко законодавно тело, а потоа следуваше објаснувачкиот меморандум, кој во Македонија беше оценет како уцена.
Од информациите до кои дојдовме, дознаваме дека постепено на површина излегува прашањето за непотпишувањето на записниците од седниците на комисијата. А сега, по последната онлајн средба, дознавме дека непотпишувањето било поради придавките македонски, македонско и македонска. Ако се земат предвид сите изјави на членовите на комисијата, повеќе од очигледно е дека бугарските членови немале проблем со придавката македонски – сѐ до рамковната позиција во бугарскиот парламент, бидејќи оттогаш датираат промените во искажувањето на нивните ставови.
Сега веќе и на најмалку упатените им е јасно дека бугарските членови не се водат од научниот пристап, од историските факти и европските принципи, туку во работата на комисијата ги внесуваат политиката и хегемонистичките принципи на бугарската влада. Токму ова е чинот со кој се нарушува работата на комисијата и не се остава можност за академска дебата. Сите подробности, детали и пикантерии им се познати на членовите на комисијата, но ние, секако, можеме да анализираме и синтетизираме.
Оваа година, по иницијатива на ВМРО-БНД, во бугарското собрание помина првото читање на контроверзниот закон за редефинирање на Законот за празникот Свети Кирил и Методиј. Врз основа на овој закон, Денот на сесловенската писменост треба да се прогласи за ден на бугарската писменост, а кирилицата за бугарско писмо. Ова иницијатива е класичен начин за саботирање и поткопување на довербата во работата на комисијата во однос на веќе договорените работи.
По завршувањето на последната онлајн средба, дознавме дека Бугарија ги проблематизира придавките македонски и македонска, а македонската страна поради тоа не ги потпишува записниците. Но апсурдот не завршува тука! По завршувањето на последната средба, бугарската страна ги обвини македонските членови дека ја кочат работата на комисијата и вината повторно беше префрлена на фамозната „длабока држава“, која е „многу силна“ во Македонија.
Но фактите говорат дека бугарската страна е неконструктивниот елемент, а не македонската. Вистината можеме да ја дознаеме единствено доколку се објават записниците од работата на македонско-бугарската комисија. Или, пак, тоа некогаш ќе го дознаат идните истражувачи што ќе се занимаваат со оваа апсурдна проблематика.
Не треба да заборавиме дека со проблематизирањето на придавките македонски и македонска од бугарска страна, комисијата излегува од својата надлежност и преку работата на комисијата се настојува да се верификува бугарската стратегиска цел, која е јасно дефинирана во рамковната позиција и објаснувачкиот меморандум – ништење на македонскиот народ, македонскиот јазик, македонската историја итн.