Фото: Игор Бансколиев

Неодамнешната заплена на кокаин кај првиот човек на едно клучно јавно претпријатие, но и искуствата од минатиот период кога пратеник го загуби местото во Собранието поради скандал со набавка на дрога, па кога градоначалник беше фатен при шверц со цигари, а дури во афера поврзана со дрога се споменуваше и поранешен министер, само дополнително го наметнуваат прашањето за селекцијата на кадрите што се поставуваат на одредени функции. Според аналитичарите, наместо најдобрите кадри, во партиите завршуваат најмногу медиокритети и луѓе што не направиле многу (или ништо) во професијата (ако ја имаат), па членството во партијата го гледаат како можност за лична добивка, просперитет или едноставно (и по нашински кажано) снаоѓање

РЕДИЦАТА СКАНДАЛИ ПОВРЗАНИ СО ДРЖАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ ПРЕДУПРЕДУВААТ И ОПОМЕНУВААТ

Функционери без соодветен капацитет, без адекватно образование, без доволно политичко искуство и минат труд, без интегритет, без етички квалитети се поставуваат на важни функции во државата поради што се случува истите тие да бидат фатени во недозволени активности, па јавноста со право се прашува какви кадри се наоѓаат на раководни функции.
Неодамнешната заплена на кокаин кај првиот човек на едно клучно јавно претпријатие, но и искуствата од минатиот период кога пратеник даде оставка во Собранието поради скандал со набавка на дрога, па кога градоначалник беше фатен при шверц со цигари, а дури во афера поврзана со дрога се споменуваше и поранешен министер, само дополнително го наметнуваат прашањето за селекцијата на кадрите што се поставуваат на одредени функции.
Ваквите појави не се нови ниту во Европа и во светот, па, така, актуелниот британски премиер Борис Џонсон призна дека користел марихуана, а слично признание стигна и од поранешниот американски претседател Барак Обама, но разликата е во тоа што овие политичари го правеле тоа во времето на студентските денови кога не извршувале никаква јавна функција.

Граѓаните сметаат дека на раководни функции треба да се поставуваат луѓе што поседуваат квалитети во секој поглед, а не само да се води сметка за пополнување на партиските квоти и да се поставуваат луѓе што, покрај тоа што лошо работат, оставаат и лош пример кај заедницата. Секако, сите примери на функционери на кој било начин замешани во незаконски активности фрлаат темна дамка и врз државата.
– Се покажа дека во изминатите 30 години, со мали исклучоци, на раководни места се поставуваат партиски луѓе што немаат никаков капацитет да ја унапредат работата на институцијата што ја раководат. Многу од нив буквално влегуваат од улица во политиката, па потоа се чудиме зошто некој бил фатен со дрога, некој во криминал или во слични незаконски дејства. Како ќе напредува државата со такви луѓе и како граѓаните ќе им веруваат на институциите што ги раководат вакви луѓе – прашува Гоце Т. од Скопје.
Тој додава дека треба да престане партизацијата на клучните институции и да почнат да се поставуваат кадри што имаат квалитет, морал и кои со своето однесување ќе влеваат доверба кај граѓаните.

– Изгледа дека навистина треба да се воведе задолжително тестирање на капацитетите на оние што мислат да се вклучат во политиката. Можеби така нема да ни се случуваат вакви скандали, а и државата ќе мрдне малку напред – заклучува Гоце Т.
Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски проблемот за ваквите појави го лоцира во статутите на политичките партии.
– Сметам дека голем дел од проблемот потекнува од статутите на водечките партии, во кои (покрај тоа што воопшто не се демократски и има преголема „власт“ и моќ за одлучување кај претседателот) се стимулира лојалност кон партијата и послушност кон претседателот (не би рекол лидерот).
Тоа низ годините придонесе наместо најдобрите кадри, во партиите да завршуваат најмногу медиокритети и луѓе што не направиле многу (или ништо) во професијата (ако ја имаат), па членството во партијата го гледаат како можност за лична добивка, просперитет или едноставно (и по нашински кажано) – снаоѓање – вели Кржаловски.
Тој додава дека сето тоа се пресликува и врз функционирањето на државата.

– За жал, тоа потоа се пресликува и во функционирањето на државата, кога партијата ќе дојде на власт, па не изненадува многу што сè почесто се случува назначените кадри на одредени функции да бидат фатени во најмала рака во неетичко постапување, а почесто и во криминал (настрана од уште поголем број, што воопшто и не се откриваат или се „покриваат“ од самата партија кога ќе се откријат индиции за такво нешто) – нагласува Кржаловски.
Според политичкиот аналитичар Јове Кекеновски, она што доведува до ваквите појави во нашето општество е заслепеноста од власта.
– Клучен фактор кај нас е аздисувањето. Повеќето кога ќе седнат на функција мислат дека го достигнале врвот и дека можат да прават и што треба и што не треба – вели Кекеновски.
Тој уште додава дека на раководни места се поставуваат неподготвени и неедуцирани кадри, кои мислат дека сè им е дозволено.
Социологот Илија Ацевски смета дека кај нас средината едноставно ги бара неспособните луѓе.

– Кај нас селекцијата на кандидати во клучните институции е според некои критериуми што не ја отсликуваат способноста на кандидатот. Дополнителен проблем е што никој не ја контролира неговата работа – вели Ацевски.
Според него, не постои мериторност за квалитетот на кандидатите што се поставуваат на раководни функции.
– На Запад не е така. Ако некој кандидат е способен за некоја функција партијата сама го бара. Кај нас го нема тоа. Колку што е некој понеспособен, толку добива поголема поддршка од околината. Таквите луѓе на раководни функции не знаат да ги повикуваат на одговорност другите и токму затоа тие и ги назначуваат за да можат да прават што сакаат. Но ако има одговорност во самата институција, тоа е веќе нешто друго – истакнува Ацевски, наметнувајќи ја дилемата дали системот кај нас едноставно ги бара неспособните луѓе.