Фото: Маја Јаневска-Илиева

На Европа ѝ треба душа, идеал и политичка волја да му служи на тој идеал, рече неодамна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, игнорирајќи го фактот дека токму членките на Унијата дрско ги погазија и идеалите и принципите
на кои таа е втемелена

ВЕЌЕ ТРИ ДЕЦЕНИИ СЕ ТОЛЕРИРААТ УЗУРПАЦИИТЕ НА ПРАВОТО НА САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ

Правото на самоопределување на македонските граѓани, кое е гарантирано со Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и, конечно, со темелните вредности на македонскиот устав, е еден од темелите врз кои е изградено и легитимното инсистирање за целосно зачувување на македонската историја, култура и јазик како столбови на националниот идентитет. Но меѓународната заедница веќе три децении од прогласувањето на независноста на Македонија ги толерира узурпациите на ова право, прво од страна на Грција, под чиј притисок беше направен компромисот со промената на државното име, а потоа и од страната на Бугарија, која веќе извесно време ја блокира нејзината евроинтеграција обидувајќи се да изнуди недозволиви отстапки во однос на националниот идентитет.

Освен во многупати досега цитираната Повелба на ООН, истиот принцип како највисока задолжителна правна норма е содржан и во двата основни пакта за човековите права на ОН.
– Сите народи имаат право на самоопределување. Врз основа на ова право, секој народ слободно го одредува своето политичко уредување и слободно го остварува својот економски, социјален и културен развој – се вели во Пактот за граѓански и политички права.
Слична формулација, според која, правото на самоопределување како највисока норма се однесува и на народите и на државите, кои се суверени меѓународноправни субјекти, може да се најде во Пактот за економски, социјални и културни права, во членот 1, став 1.
Но сите овие документи, како и укажувања и апели на голем број експерти по меѓународно право, реномирани интелектуалци, па дури и одделни државници, не им беа доволна поткрепа на меѓународната заедница и на Европската Унија за да убедат една своја земја-членка, во случајов Бугарија, да се откаже од своите мегаломански барања за промена на македонскиот јазик, историјата и идентитетот и од блокадата на Македонија.
– На Европа ѝ треба душа, идеал и политичка волја да му служи на тој идеал – рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, пред некој ден во својот годишен говор за состојбата на Европската Унија, пред европратениците, на пленарната сесија во Стразбур.
Таа најави и дека до крајот на овој месец ќе го посети Западен Балкан, во рамките на кој и Македонија, за, како што рече, да испрати јасен сигнал за европската посветеност кон процесот на проширување.
Лејен ја организира оваа посета една недела пред самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на почетокот на октомври во Брдо, Словенија, и чија цел е да се потврди поддршката на ЕУ за регионот, што во услови на сѐ уште присутната бугарска блокада на Македонија и проблемите што Бугарија ги има со формирањето влада, засега, не остава простор ниту за умерен оптимизам во однос на продолжување на македонската евроинтеграција.

Тоа особено откога македонската страна попушти во спорот со Грција и го смени државното име, поттикната од ветувањата за зачленувањето во НАТО, кое вистина, се оствари, но и во ЕУ, кое сѐ уште е блокирано.
– Оваа бугарска блокада не е само измама на македонските граѓани туку и предавство на европските вредности на кои се темели Европската Унија – е ставот на центарот за европска стратегија „Еуротинк“.
Колку апсурдно е тоа што Бугарија го бара од Македонија, објаснуваше во една од неговите изјави за регионалните медиуми и историчарот Петар Тодоров.
– Несфатливо е како македонскиот идентитет може да биде закана за бугарскиот идентитет и за членството во ЕУ, кога сите знаат дека негирањето на идентитетот на еден народ е закана за Унијата и за нејзините вредности – објасни тој.
И во голем број други анализи и коментари на оваа тема, со години се потенцира дека овој аспект на проблемот што го форсира Бугарија мора сериозно да се земе предвид бидејќи тој воопшто не е наивна закана, не само за Балканот туку и за Унијата. Д.М.М.