Со цел на своите читатели да им обезбеди информации за тоа кои документи и процедури се потребни за евентуални патувања во Грција, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија и во Турција, „Нова Македонија“ креираше таканаречени лични карти за секоја од државите

Земјите низ светот постепено ги укинуваат ковид-рестрикциите и продолжуваат со економските и социјалните активности, претпазливо отворајќи ги своите граници и воведувајќи низа правила и ограничувања што треба да ги следат сите посетители. Тоа го прават и земјите од регионот, во кои главно се наоѓаат и летните туристички дестинации што им се омилени на Македонците.
Од туристичките агенции информираат дека како и секоја година, така и оваа, Грција е најбараната туристичка дестинација, но постои голем интерес и за летување во Албанија токму поради тоа што за таму не е потребна никаква документација, односно дополнителни трошоци за летување. Годинава интерес за патување има и за Црна Гора, пред сѐ поради одлуката на оваа земја на туристите да им дозволи влез без никакви ограничувања.
Со цел на своите читатели да им обезбеди информации за тоа кои документи и процедури се потребни за евентуални патувања во Грција, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија и во Турција, „Нова Македонија“ креира таканаречени „лични карти“ за секоја од државите.

Грција
За Грција е потребно сите патници да имаат пополнето ПЛФ-формулар, кој може да се најде на веб-страницата travel.gov.gr, најмалку 24 часа пред датумот на влез. По што се добива потврда со код и се смета за неопходен документ за влез во Грција. Освен тоа, сите патници мора да имаат сертификат за вакцинација издаден од јавна установа и да имаат доказ дека се поминати најмалку 14 дена од денот на нивната вакцинација против ковид-19. Алтернативно, патниците постари од шест години може да влезат со негативен резултат од ПЦР-тест, не постар од 72 часа, издаден од сертифицирани јавни или приватни лаборатории. Патниците може да влезат и со потврда за прележан ковид-19 или позитивна дијагноза со методот ПЦР или антиген со важност од два до девет месеци од назначениот датум на болеста. Доколку патниците немаат ниту еден од наведените документи или не ги исполнуваат условите, задолжителен е 10-дневен карантин, кој може да се укине доколку во рок од 24 часа од пристигнувањето се покаже негативен ПЦР-тест.

Албанија
Албанија нема ограничување за влез, излез, транзит или престој на нејзина територија. Таа на први јуни ги отвори границите за сите што сакаат да ја посетат земјата, нема никакви ограничувања без разлика дали станува за тест или посебен документ. За патниците што сакаат да влезат во Албанија по копнен пат, нема 14-дневен карантин, освен во посебни случаи со наредба на здравствените власти. Единствено ограничување во Република Албанија е забраната за движење од 23 до 6 часот. Од 1 јули полицискиот час ќе трае од полноќ до 6 часот изутрина. Движењето во овој временски период е со претходно одобрение.

Бугарија
Влезот во Бугарија е дозволен со потврда за вакцинација против ковид-19, со негативен ПЦР или антиген тест или со документ за прележана инфекција со коронавирус не постар од шест месеци од датумот на влез во земјата.

Црна Гора
Влез во земјата без претходно направен ПЦР-тест е дозволен за туристите од земјите од Западен Балкан. На туристите од Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово и Албанија им е дозволен влез во Црна Гора без негативен ПЦР-тест и без потврда за извршена имунизација.
Меѓу земјите за кои не се бараат проверки се најдоа и државите од Источниот блок – Русија, Белорусија и Украина.

Хрватска
Влезот во Хрватска за граѓаните на Македонија е одобрен за туристички потреби. За влез подолг од 12 часа во Хрватска, потребен е негативен ПЦР-тест или брз антигенски тест за ковид-19, кој е наведен на заедничка листа на брзи антигенски тестови, кои меѓусебно ги признаваат државите-членки на ЕУ, а резултатот да не е постар од 48 часа од моментот на тестирање до доаѓањето на граничниот премин. Доколку се работи за брз антигенски тест, во тој случај е дозволен престој во Хрватска 10 дена, каде што потoa е потребно повторно да се направи тестирање. Алтернативно, патниците може да влезат со потврда за целосна вакцинација пред повеќе од 14 дена или, пак, со документ за прележана инфекција на коронавирус, не постар од шест месеци од датумот на влез во земјата. Доколку патниците немаат ниту еден од наведените документи или не ги исполнуваат условите, задолжителен е 10-дневен карантин. Децата помали од седум години што патуваат во придружба на своите родители/старатели се ослободени од обврската за приложување негативен резултат на тест ако родителите или старателот поседува некој од наведените документи.

Турција
За влез во Турција е потребен негативен ПЦР-тест или официјален документ дека патниците се вакцинирале најмалку 14 дена пред влез во земјата или дека во последните шест месеци ја прележале болеста. Наедно, потребен е и формулар за влез, секој што влегува во Турција мора да се регистрира на www.register.health.gov.tr најрано 72 часа пред влегување во земјата и откако ќе се добие кодот, потребно е да го приложи во печатена форма или на мобилниот телефон.
Од патниците што доаѓаат во Турција од Авганистан, Бангладеш, Бразил, Јужна Африка, Индија, Непал, Пакистан, Шри Ланка и оние патници за кои е утврдено дека биле во овие земји во последните 14 дена, ќе биде побарано да приложат негативен ПЦР-тест направен во последните 72 часа пред да влезат во Турција и истите тие ќе бидат ставени во карантин 14 дена на места што ќе бидат утврдени од страна на гувернерите. Ако резултатот од ПЦР-тестот на крајот на 14-от ден од карантинот е негативен, мерката за карантин ќе биде прекината. Од патниците што пристигнуваат од Велика Британија, Иран, Египет и Сингапур во Република Турција ќе се побара приложување на негативен ПЦР-тест направен во последните 72 часа пред влезот воТурција.

Патниците (освен оние од Авганистан, Бангладеш, Бразил, Јужна Африка, Индија, Непал, Пакистан, Шри Ланка) што ќе влезат во Турција, можно е да бидат тестирани со ПЦР-тест од страна на Министерството за здравство на Република Турција врз основа на принципот на случаен избор. Во рамките на ова, на лицата што ќе бидат тестирани, по земањето примероци за тест, ќе им биде дозволено да одат до местото на престој, при што во случај да бидат позитивни на ПЦР-тест, ќе бидат лекувани во согласност со протоколот за ковид-19 на Министерството за здравство на Турција.