Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка, изјави македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања за Дојче Веле.
Тој смета дека историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите.
– Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно – вели Ѓоргиев.
Рече дека за него најболно било сознанието колку малку се познаваме како општества, а од друга страна очекувањата станале големи. Затоа, вели Ѓоргиев, кога нема да се согласиме за некое прашање, тоа болно го доживуваме.
– Во Бугарија се разочараа, бидејќи се надеваа дека овде лесно ќе ја наметнат нивната перцепција и дека таа ќе биде прифатена. Бугарското вето овде болно се доживеа, бидејќи се сметаше дека ќе преовладее блискоста. Тоа е резултат на фактот дека малку се познаваме. Ни треба време за да дискутираме, ако треба и да се караме, се разбира, на научно ниво, со цел подобро да се запознаеме, и за да не ги креваме очекувањата неосновано, туку да ги држиме на разумно ниво, на долг рок. Така разочарувањата ќе бидат помали, а многу поголемо времето посветено на дијалог. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог и трпение – потенцира Ѓоргиев.
Тој смета дека дијалогот треба да продолжи, бидејќи само така еден на друг ќе можеме да си кажеме што мислиме, и да најдеме пристапи преку кои ќе ги надминеме стереотипите. Според него, ако се прекине дијалогот, нема да мрднат ни односите меѓу двете земји.
Ѓоргиев истакнува дека не е основно прашање, ниту работа на Комисијата да го утврдува идентитетот на Гоце Делчев. Вели дека тој е важна личност во историите на двете држави.
– За Македонците е македонски национален херој, за Бугарите е бугарски национален херој. Се слави и овде и таму. Ако тие перцепции се почитуваат, ако Делчев е значајна личност за двете држави, ако тоа е пат за помирување и пат кон европската перспектива, нема пречки двете држави да го слават заеднички – вели Ѓоргиев.