Како е можно „исто, ем различно“, како е можно две работи да се истовремено потполно исти, а делумно (или целосно) различни? Прво нешто на што помислувам кога ќе забележам дека некој упорно се обидува да ги изедначи овие тотално различни изрази со некоја неприфатлива теорија за здравиот разум…
Длабока јанѕа ме обзеде кога прочитав „Бугарите и Македонците говорат истовремено на ист јазик, но и на различни, кои се светски признаени одделно“. Ваквите небулозни и бесмислени тврдења го наметнаа прашањето: Како е можно „исто, ем различно“, како е можно две работи да се истовремено потполно исти, а делумно (или целосно) различни?
Прво нешто на што помислувам кога ќе забележам дека некој упорно се обидува да ги изедначи овие тотално различни изрази со некоја неприфатлива теорија за здравиот разум, е автобиографијата „Внатре и надвор од кантата за ѓубре“ (1969), во која психоаналитичарот и гешталт-терапевтот Фридрих (Фредерик) Перлс пишува: „Поминав едно попладне со Алберт Ајнштајн: скромен, топол…, ретко уживање за мене во тоа време. Сè уште сакам да ја цитирам негова изјава: ‘Две работи се бесконечни, универзумот и човечката глупост, но сè уште не сум целосно сигурен за универзумот’“.
Во продолжение ќе се обидам да појаснам што се крие зад „исти, ем различни“. Ќе почнам со Хегел. За него движењето, промените и напредокот се одвиваат преку дијалектички процес, од теза, преку неговата спротивставена антитеза, до синтеза што ги решава противречностите и се надоврзува на првите две. Оваа синтеза потоа станува нова теза на која се спротивставува различна антитеза, создавајќи друга синтеза. Дијалектичкиот развој продолжува сè додека не достигне совршенство во рамките на целосно развиениот духовен ум на космосот. Меѓутоа секој обид сегашноста и/или иднината на Македонија да ги објаснам користејќи ги филозофските концепти на Хегел, а тргнувајќи од тезата „Бугарите и Македонците говорат истовремено на ист јазик, но и на различни, кои се светски признаени одделно“ не дадоа плод.
Во учењето на Хегел, дијалектиката ги одредува историските промени, а досегашните случувања укажуваат на следното. Според Хегел, државата, значи Македонија, земена одделно претставува теза. Како што се развива државата, самата држава генерира нејзина спротивност или антитеза, тоа се сите нелегални и неуставни договори / документи / настани што ги имаше во изобилство од независноста до денес. Тезата и антитезата влегуваат во судир и на крајот, како резултат на борбата, ќе се појави нов поредок, можеби истата држава, но без Македонци, или можеби, целосно распадната, разнебитена денешнава Македонија. Така што синтеза, всушност, ќе значи реализација само на првиот дел од синтагмата „исти, ем различни“, поточно „Бугарите и Македонците говорат истовремено на ист јазик“. Искрено се надевам дека до ваква синтеза нема да дојде, решенијата ги знаеме сите и за нив сум пишувал повеќепати во „Нова Македонија“.
Меѓутоа, исто така, би сакал да истакнам дека има повеќе филозофи што се критичари на филозофските гледишта на Хегел. Денес ќе зборувам за двајца од нив, имено за Ниче и за Кјеркегор. За Делез, филозофијата на Ниче е во вистинска смисла критичка филозофија, која, уште повеќе, го содржи значењето на критиката отколку филозофијата на Кант: „Фактот дека Кант не спроведе вистинска критика, затоа што не можеше да го постави проблемот во однос на вредностите, е дури еден од главните двигатели на делото на Ниче“ (Делез, Ж. „Ниче и филозофијата“, 1999, Белград). Во книгата „Генеалогија на моралот“, Ниче направи важен чекор во разбирањето на критиката и развивањето нов филозофски метод, при што, според него, задача на генеалогијата е утврдување на вредностите на иднината. Неговата „психологијата на христијанството“ може успешно да се искористи за анализа на денешниве збиднувања.
На почеток на книгата, тој го именува нихилизмот како симптом на болеста на европската култура, нихилизам што потекнува од „срамното величање на страдањата“. Така, во духот на Ниче, според мене, апатичноста со која е зафатена Македонија е последица на тоа што „сегашноста живее за сметка на иднината“. Поточно, сегашноста е подредена на идеалната иднина – полноправно членство во ЕУ, иднината што ќе се реализира, на крајот на краиштата, после животот, бидејќи како наумиле властодршците, таму, во ЕУ, ќе нема Македонци. Повторно, се надевам дека тоа нема да се случи, а ЕУ има смисла само ако македонскиот идентитет има словенски, не бугарски карактер.
Вториот филозоф е Кјеркегор, основач на егзистенцијализмот, филозоф на личноста, постмодернист, хуманист, идеалист и христијански мислител. Според него, „што ќе ми е т.н. објективна реалност ако таа за мене, за мојот живот, нема некое подлабоко значење“. Оттука, тој се противставува на тогаш општоприфатената филозофија на Хегел за апсолутниот дух, критикувајќи го неговиот филозофскиот систем. Според Кјеркегор, треба да се претпочита личниот однос на човекот кон светот, неговата егзистенција како единечно постоење во светот. Во моментов, полноправното членство е недостижна иднина, а Македонија се соочува со сериозни економски, политички и општествени проблеми. Човек да се запраша, што е полошо, белата чума (иселувањето од Македонија) или недостатоците во здравствен сектор, што предизвикаа во 2020 година бројот на починати наши сограѓани во споредба со претходните седум години да е поголем за 5000, цел еден град помалку? Егзистенцијата е конкретно постоење на конкретен човек, испреплетена со апсурди и парадокси, со кои човекот е оставен да се бори сам со себе, па затоа, во името на конкретниот човек, треба да се пристапи кон подобрување на економските, образовните, научните, политичките и општествените состојби во Македонија, преку приспособување и имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ.
Глупоста е бесконечна, но не сите бесконечности се еднакво големи. Математичарот Кантор (Georg Cantor), еден од креаторите на теоријата на множествата, во 19 век покажа дека постојат бесконечно многу бесконечни множества, сите, иако имаат бесконечно многу елементи, се различни по големина. Во математиката, алеф-броевите се низа од броеви, значи алеф0, алеф1, алеф2, и така до бесконечност, што се користат за да се претстави големината на бесконечните множества (инаку алеф е првата бука од хебрејскиот алфабет). Големината на најмалото бесконечно множество изнесува алеф0, а еден таков пример, е множеството на сите природи броеви (1, 2, 3, 4, до бесконечност). На крајот од бесконечната низа алеф0, алеф1, алеф2, и така до бесконечност, се наоѓа глупоста „Македонците и Бугарите говорат ист јазик.“ Глупост над глупостите. Според светската наука, светската лингвистика и славистиката, македонскиот идентитет е словенски, не бугарски. И тука, синтагмата „глупост над глупостите“ ме потсети на стиховите од „Дно на дното“: „Од кога е светот и векот и нас, најголемите преваранти ја презедоа власта / …. / Дно на дното / Но, сето тоа е веќе видено. / Дно на дното / Сите страдаме засрамено“.
Ниче и Кјеркегор се филозофи на трагичното. Трите фрагменти од поезијата на Жинзифов што за Конески претставуваат мото на поемата „Средба со Жинзифов“, се, всушност, трите мисловни вертикали во големиот дијалог што во овие негови поеми го водат меѓу себе најтрагичните македонски поети од последниот век и пол во македонската поезија. Притоа, Жинзифов преку Конески се сомнева за нивниот придонес за Македонија: „О зар ќе згасне мојот спомен, / мојата мака и подвиг буен? / Кажете. Сам сум… Викам. Молам. / Зар никој нема да ме чуе?“
Длабока јанѕа ме обзеде кога прочитав „исти, ем различни“, оти во тоа се крие обидот на властодршците да се урне, поништи македонскиот идентитет. „Се урива црквата во Небрегово / * * * / а јас ништо не можам да сторам / иако од тоа седело излегов / и јас сум уште еден здробен Авел.“ Но, сепак, мислам дека нешто може да стори. Две недели пред да почине, Мигел де Унамуно, поет, романописец и филозоф, во неговиот последен говор, одржан на 12.10.1936 година во амфитеатарот на Универзитетот во Саламанка, во својство на ректор на Универзитетот, ќе рече: „Овој Универзитет е храм на интелигенцијата. А јас сум неговиот главен свештеник. Вие (се мисли на фалангистите, моја забелешка) ги осквернувате неговите свети ѕидини. Вие ќе победите зашто имате повеќе брутална сила. Но, никого нема да убедите… За тоа би требало да го имате она што ви недостасува, разумот и правото на вашата страна…“ Разумот, правото и науката се на наша страна – македонскиот идентитет е словенски, не бугарски. И тоа никогаш и никој нема да може да го промени.