Тоа што Каракачанов го искажа за Вардар нема никаква врска со фактичката ситуација. Очигледно побркал некои работи. Веројатно со зла намера… „По војната, во 1947 година се формира нов клуб, ФК Вардар, со фузија на два клуба, Македонија и Победа, која егзистирала меѓу двете светски војни. Тоа се фактите. Сѐ друго е искривување на вистината“, вели Трајко Стаматовски (96), спортски работник и долгогодишен директор на Институтот за македонски јазик, а повеќе години и дел од раководство на ФК Вардар
Провокациите од страна на носителите на високи јавни функции во Бугарија не спласнуваат
Непријатните изненадувања во низа од страна на поединци носители на јавни функции во Бугарија не престануваат да ја брануваат домашната јавност. Изминатиов период на отстрел од страна на источниот сосед беа македонската историја, култура, идентитет и македонскиот јазик, а сега рафалите се насочија и на спортско поле и на негирање на сѐ што е постигнато на спортските терени од страна на македонските клубови и спортисти.
Бугарските власти продолжуваат да ги пронаоѓаат најсензитивните точки за провокација на македонската јавност
Во последното интервју дадено за Бугарската национална телевизија (БНТ), Красимир Каракачанов, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана во бугарската влада, за нашиот фудбалски клуб Вардар изјавува дека „тој всушност не бил македонски туку бугарски клуб, поточно дека Вардар Скопје во 1942 до 1943 година бил шампион во Царството на Бугарија, односно бил бугарски фудбалски првак!?“
Повеќе од очигледно е дека бугарскиот вицепремиер продолжува да ги пронаоѓа најсензитивните точки за провокација на македонската јавност, за кои е сигурен дека ќе предизвикаат жестоки, па и неодмерени реакции во Македонија, па потоа ќе ги пласира како (од)говор на омраза… Сега на ред дојде и спортот, поточно фудбалскиот клуб Вардар, кој е еден од симболите на македонскиот идентитет.
Демаскирана ноторната лага на Каракачанов
Очигледно Бугарија сега почна да ни ги присвојува и македонските фудбалери. На присвојувањето очигледно како да нема крај. Се прашуваме што ќе биде следното, можеби македонските музичари, глумци, антрополози, ликовни уметници, копаничари…?
Трајко Стаматовски (96) е спортски работник и долгогодишен директор на Институтот за македонски јазик, а повеќе години и дел од раководство на ФК Вардар.
– Бев на повеќе функции во клубот, од член на управата до потпретседател, активно две децении, од 1960 до 1980 година, но потоа помагав на различни начини. Тоа што Каракачанов го кажувал за Вардар нема никаква врска со фактичката ситуација. Очигледно побркал некои работи, намерно или ненамерно, сеедно е. За време на Втората светска војна, во 1941 година бил формиран фудбалскиот клуб Македонија, од „новоослободените краеви“, за да настапува во елитната дивизија на Бугарија, со тимови од Софија и од Пловдив, до 1943 година. Но проблемот бил што Македонија имала далеку најдобар тим, што не им се допаѓало на тогашните бугарски власти. За тоа време е снимен и филмот „Трето полувреме“, за фамозниот натпревар Вардар – Левски во Скопје што бил прекинат, потоа и регистриран со службен резултат за бугарскиот тим. Како и да е, потоа, во 1943 година, по капитулацијата на Бугарија, ФК Македонија се растура.
По војната, во 1947 година се формира нов клуб, ФК Вардар, со фузија на два клуба, Македонија и Победа, која егзистирала меѓу двете светски војни. Тоа се фактите. Сѐ друго е искривување на вистината – вели Стаматовски.
Фудбалскиот клуб Вардар е формиран на 22 јули 1947 година, со одлука на тогашното раководство на Социјалистичка Република Македонија од фудбалери на поранешните клубови Македонија и Победа.
– Сегашниот фудбалски клуб Вардар, спортската гордост на Македонија, нема никаква директна врска или некакво „наследство“ со тимот на Македонија што настапувал во Првата лига на Бугарија во 1942/1943, ниту, пак, со „лоптачкиот клуб“ Вардар формиран во 1927 година. Познати се и фактите за тие настапи на Македонија, дури има снимено филм на таа тема. Има и една случка од еден натпревар во Пловдив, кога македонските фудбалери наслушнале дека полицијата издала директива дека најдобриот играч Кирил Симоновски-Џина не смее повеќе да игра. Веднаш потоа Џина се спакувал и, наместо на терен, заминал за Софија, оттаму за Скопје – вели доајенот на македонското спортско новинарство Зоран Михајлов, кој своевремено беше и директор на ФК Вардар, од 1982 до 1984 година.
Македонските фудбалери, партизани, антифашисти и борци за национална
и социјална слобода
Доајенот и истакнат македонски спортски новинар Атанас Костовски дава и некои детали.
– Во тие тешки времиња за македонскиот народ, боите за тогашна Македонија ги бранел и прославениот Кирил Симоновски-Џина, кој просто ги разгалувал срцата и душата на македонските навивачи. Негов тренер, пак, беше прославениот Илеш Шпиц, за кого Џина велеше дека е најфудбалскиот тренер и му нема рамен. Џина во 1944 година се приклучува кон партизаните, а познато е и тоа дека е запишан како прв капитен на тогашна повоена Југославија, кога играле еден Бобек, Чајковски, кога во Прага ја победила репрезентацијата на Чехословачка, со 2-0.
На 22 јули 1947 година, Македонија и Победа се фузираат во фискултурно друштво Вардар, кое прво се состоело од седум спортски секции, фудбал, кошарка, атлетика, одбојка, пинг-понг, велосипедизам и гимнастика, а најмногубројна со 93 члена била фудбалската секција. Така што Каракачанов е многу далеку од вистината за тоа што го тврди – вели Костовски. Г.И.; Л.Д.