Води ли меѓународната заедница двојна политика за бегалците
Постои ли двоен пристап на меѓународната заедница за третманот на мигрантите и азилантите во Европа? Како може држави-членки на ЕУ да протеруваат лица (мигранти од Блискиот Исток) надвор од границите на Унијата, а истовремено други земји (кандидати за ЕУ) да се „притискаат“ да воведат либерални политики за справување со азилантите и мигрантите? Ваквата појава не е инцидентна, туку има индикатори дека станува практика, особено со последниот случај кога Данска и Грција решително најавија дислоцирање на мигрантите, а од друга страна, пак, претставници на УНХЦР испратија порака кон Македонија „да го подобри системот за давање азил на бегалците“
Постои ли двоен пристап на меѓународната заедница за третманот на мигрантите и азилантите во Европа? Како може држави-членки на ЕУ да протеруваат лица (мигранти од Блискиот Исток) надвор од границите на Унијата, а истовремено други земји (кандидати за ЕУ) да се „притискаат“ да воведат либерални политики за справување со азилантите и мигрантите? Ваквата појава не е инцидентна, туку има индикатори дека станува практика, особено со последниот случај кога Данска и Грција решително најавија дислоцирање на мигрантите, а од друга страна, пак, преставници на УНХЦР испратија порака кон Македонија „да го подобри системот за давање азил на бегалците“.
Опомена за Македонија и за третманот на бегалците
Викендов претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, Моника Сандри, во интервју за македонските медиуми изјави дека нашата држава треба да го подобри системот за давање азил на бегалците за да се спречат кризи.
– За да се овозможи инклузија на бегалците, УНХЦР ја поддржува државата во подобрувањето на квалитетот на азилот, градење систем за влез заснован на начелото на заштита, искоренување на бездржавјанството, подобрување на законската рамка и нејзиното спроведување, како и зајакнување на подготвеноста и одговор со цел да се спречат кризи – вели Сандри.
Таа истакнала дека за време на пандемијата, македонските власти брзо воспоставиле мерки што се однесуваат на лицата што ќе пристигнат во државата.
Според Сандри, нашата држава за време на здравствената криза на овие лица им понудила медицински тестови, им овозможила привремен карантин по пристигнување и извршила интервјуа на далечина на луѓето на кои им била потребна заштита за да можат да поднесат барање за азил.
– Бегалците и барателите на азил можат да дадат придонес кон одржливиот развој на земјата, доколку постои солидарност и системот го дозволува тоа. Тие се луѓе како вас и мене – изјавила Сандри во своето интервју.
Членки на ЕУ со уште порестриктивен третман кон бегалците
Данскиот парламент неодамна усвоил закон што наложува инстантно „дислоцирање на барателите на азил надвор од државата во кампови во трети земји“.
Имено, Данска со закон одлучила барателите на азил по поднесената апликација да бидат однесени во прифатни центри надвор од Европската Унија и таму да ја очекуваат одлуката на властите во Копенхаген.
Во повеќе европски медиуми се регистрира дека во моментов „Владата во Копенхаген е во процес на преговори со пет-десет држави за спроведување на овој нејзин план“.
Според „Дојче веле“ овој закон истовремено добил и остри критики од страна на канцеларијата на УНЦХР при ООН, која, пак, предупредила дека сето тоа може да предизвика домино-ефект и силно да го ограничи давањето заштитата на бегалци и во другите европски држави.
Грчкиот весник „Катимерини“, пак, неодамна соопшти дека со финансиска поддршка на ЕУ, тамошните власти се обидуваат да ги мотивираат мигрантите доброволно да се вратат во своите земји.
Според медиумот, со чартер-летови од атинскиот аеродром, во тек е доброволното враќање на мигранти во земјите на нивното потекло во рамките на програмата што грчката влада ја спроведува во соработка со Меѓународната организација за миграција.
„Катимерини“ пишува дека станува збор за програма што предвидува лица што пристигнале на некој од грчките острови Лезбос, Самос, Хиос, Лерос или Кос, да добијат финансиска помош од 2.000 евра и доброволно да се вратат во нивната земја на потекло.
Во контекст на актуелните случувања, интересно е да се нотира дека овие состојби се исклучително важни за следење и за Македонија. Тоа е така бидејќи нашата земја во 2015 година се најде на балканската маршрута за време на избувнувањето на бегалската криза, а овие процеси останаа во мали димензии активни и натаму поради шверцот со мигранти, кои низ нашата територија транзитираат кон земјите од Западна Европа.
Статусот на азилантите камен на сопнување и меѓу членките на Унијата
Во меѓувреме, домашните и странските професори и експерти со кои се консултиравме, на темава велат дека во моментов во Европа очигледно постои силна поделеност поврзана со прашањата на решавање на статусот на азилантите и мигрантите на Стариот Континент.
Тие советуваат дека Македонија во периодот што следува треба мудро да дејствува во правец на својот национален интерес и да одлучи на кој начин ќе пристапи кон решавање на прашањата со затекнатите мигранти и азиланти.
Универзитетскиот професор Михал Вит, кој е експерт за геополитички теми во меѓународните релации, за „Нова Македонија“ вели дека третманот на азилантите и мигрантите во Европа е камен на сопнување меѓу земјите уште од 2015 година, па наваму.
Според професорот, во моментов спротивно од политиките и заложбите на Обединетите нации, голем дел од ЕУ-државите, пред сѐ оние во централна и северна Европа, започнуваат да водат крајно рестриктивни политики во давањата азил на луѓето од Африка и од Азија.
Вит објаснува дека стравот од потенцијалниот тероризам, како и промената на демографијата во одредени земји како Унгарија, Италија, Грција и пред сѐ Данска ги мотивира владите да се обидат странците што пристигнале на нивна почва да ги вратат во земјите од каде што потекнуваат.
– Овие политики, иако се крајно конзервативни, сепак се очекувани во Европа, а сето тоа е контраефект на злоупотребите на луѓето од Блискиот Исток и од Африка, кои во состав на трагедиите на бегалците од Сирија, чија држава се разурна од војна, се обидоа и успеаја нелегално да влезат во ЕУ под изговор дека се плашат за нивните животи – вели Вит.
Професорот прогнозира дека во иднина може да се очекува сѐ поголеми групи држави да го следат примерот на Данска, а тоа нема да донесе добри вести за мигрантите и азилантите што веќе се наоѓаат во европските земји.
Вит советува дека месеците што следуваат, во кои ќе стивне пандемијата, властите во Македонија треба добро да ги искористат за државата да може правовремено да реагира во состав на нејзиниот национален интерес и врз основа на прашањата со мигрантите и азилантите.
Во своја изјава на оваа тема, Мерсиха Смаиловиќ, активистка во невладината „Легис“, која со години работи на проблематика, информира дека бројот на мигранти во земјава е намален, но додава дека миграциските движења и натаму продолжуваат и тешко можат да се спречат.
Смаиловиќ информира дека секој од мигрантите во Македонија има различна цел, за некои од нив тоа е некоја западноевропска земја, а за некои да останат во земјата.
Таа информира дека најчесто во нашата земја мигрантите доаѓаат од Грција и се обидуваат преку Македонија да заминат кон Србија и од таму да продолжат кон државите на Запад, но има и такви случаи што се движат во обратна насока, од Србија, преку Македонија, се обидуваат да се вратат повторно назад во Грција.