Премиерот Зоран Заев во Софија
Имаме силна и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување со земјите од регионот и треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани, изјави премиерот Зоран Заев во Софија на лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година кодомаќини се Бугарија и Македонија.
Заев потенцираше дека тоа што првпат од започнувањето на Берлинскиот процес, кодомаќини се една земја кандидат од регионот заедно со соседна земја-членка на ЕУ е јасен доказ дека регионот силно го прифати овој процес како свој, и дека со оваа соработка Македонија и Бугарија обезбедија извонредна платформа за понатамошно негување на билатералните односи.
Посебен акцент премиерот Заев стави на новата динамика во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, особено по мартовскиот Европски совет со обновената преговарачка методологија и одлуките за започнување преговори со Македонија и Албанија, и Загрепскиот самит во мај, како и со пакетот за проширување од Европската комисија оваа есен и со сериозниот Економски и инвестициски план.
Заев додаде дека заедно со напорите на Германското претседателство со Европскиот совет, таа динамика е извонредна можност регионот на Западен Балкан сигурно да напредува кон ЕУ.
– Со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, ЕУ исто така храбро ја потврди својата поддршка на Западен Балкан – рече премиерот Заев и додаде дека овој пакет ќе обезбеди голема финансиска поддршка за нашите реформски процеси и за економска трансформација на регионот.
Заев рече дека основите за економската, социјалната и зелената трансформација на нашиот регион за наредите години се цврсто утврдени, и дека регионот исто така ја покажа својата зрелост и отпорност за време на оваа пандемија.
– Пандемијата уште повеќе го обедини Западниот Балкан во борбата против овој невидлив непријател, донесувајќи толеранција и соработка и создавајќи заедничка свесност дека хуманоста има предност пред политиката – истакна премиерот.
Заев додаде дека за време на заедничкото кодомаќинство со Берлинскиот процес оваа година дополнителен поттик добија и неколку други процеси како што е регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и јакнењето на соработката на полето на здравството како регионален одговор на пандемијата, како и соработка со граѓанското општество, особено на прашањата поврзани со младите.
Покрај Заев и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, на отворањето на работата на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија се обратија и канцеларката на Германија, Ангела Меркел и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен.