Во врска со Македонија и Македонците, во нашето опкружување, но и во земјава, повторно дивеат антимакедонските пропаганди како на почетокот на минатиот век. Проектот од надворешните центри на моќ, се разбира поддржани и од внатрешни субјекти, е: Македонија без Македонци, без историја, без јазик…

Историски сведоштва од пред еден век за грабањето на македонската земја и народ

Во ноември 1904 година вооружена чета од осум српски четници, придружена од околу 50 души вооружени селани Македонци србомани, влегува во селото Побожје, Скопско, ги заробува бугарскиот учител Никола Георгиев и дедо му Ивко, стар осумдесет години, а Нешо Иванов и Софка Попова немилосрдно ги тепаат и ги заплашуваат со смрт ако заедно со другите 15 таканаречени бугарски куќи во селото до Свети Никола не станат Срби. Истиот месец, вооружена бугарска чета влегува во Бардовци и со присила, со тепање и закани бара десетте македонски семејства што одат во таканаречената српска црква да преминат меѓу единаесетте семејства запишани во списокот на егзархијата. Само едно семејство од „србоманско“ станало „бугароманско“, односно децата почнале да учат во бугарското егзархиско училиште. Ова беше еден од безбројните примери за разулавеното посегнување над Македонија и Македонците од страна на бугарската и српската црква. Тие цркви „ги делеле селата, наметнувајќи им не само вера во Бога туку и национална припадност“. Под закани со смрт Македонците биле принудувани да се приклонуваат кон едната или кон другата црква, станувајќи дел од еден или друг народ, иако припаѓале на исто семејство. Браќа и сестри од една мајка и татко биле присилувани да се изјаснат за припадност на два туѓи народи, а не на својот, македонски народ.

Духовен и физички терор над Македонците за нивно асимилирање

Во 1906 година, бугарскиот новинар Петар Даскалов, во печатницата „Вечерна пошта“ во Софија, ја печати својата книшка под наслов „Денешната состојба во Македонија“, во која всушност ги собира на едно место репортажите направени за време на неговиот престој во Македонија. Тој веднаш по Илинденското востание, како специјален дописник на весникот „Вечерна пошта“, ја посетува Македонија. Три години подоцна тој ги објавува во споменатата книга репортажите што ги праќал од Македонија: „Во Бугарија не треба никој да се залажува“, пишува Даскалов. „Ние треба да ги знаеме нашите противници и треба да водиме сметка за нивната сила. Покојниот К’нчев згреши кога пред шест години, во својата книга ’Македонија’ предвиде дека ’србизмот не може да фати почва во Македонија’. Дека не е така ќе се увериме со фактите што ги собрав на теренот.“ Според податоците препишани од книгите на парохиските свештеници во скопската кааза што ги собрал Даскалов, но и според фактите што лично ги проверувал на терен заедно со месните свештеници во црквите, во почетокот на 1904 година односот на егзархиски и патријаршиски куќи, односно меѓу таканаречените бугарски и српски семејства во Скопје, на пример, бил убедливо на страна на Бугарите. Така, во градот, во 1904 година, имало 1.663 куќи кои биле под капата на бугарската егзархија, а само 43 куќи биле таканаречени патријаршисти, или србомани, како што ги нарекува Даскалов. За разлика од Скопје, состојбата во скопските села била сосема различна.

Во Кучевиште, на пример, сите 180 куќи била патријаршиски, односно србомански, за разлика од Мирковци, каде што 57 куќи биле србомански, а 55 бугаромански. Во Чучер сите 70 куќи била под надлежност на Пеќската патријаршијата, а во Кожле 75 куќи биле под бугарската егзархија, а 15 куќи била таканаречени србомани. Во Бардовци, село што пред сто и петнаесет години имало 21 куќа, семејствата била речиси еднакво поделени меѓу двете пропаганди, односно 10 куќи биле под влијание на патријаршијата, значи србомански, а 11 била под влијание на бугарската пропаганда, односно бугаромански, иако, се разбира, сите биле Македонци. Селото Кучково, пак, имало 70 куќи или семејства, и сите биле припадници на црквата што била под капата на патријаршијата, или, како што вели Даскалов, сите биле србомани. Слична е поделеноста и во преостанатите села во Скопската кааза: во Булачани 24 куќи биле „србомански“ а 75 „бугаромански“, што значи дека Македонците била поделени на Срби и Бугари во зависност од тоа во која црква одат семејствата. Во Бањани сите 75 куќи биле србомански, односно целото село било запишано во тефтерите на таканаречената српска селска црква; Бањанци биле присилени да ја прифатат српската пропаганда, како што во Глумово дури педесет куќи милум или силум влегле под капата на бугарската егзархиска пропаганда.

Во секој случај, самиот тој податок дека црквите ги делеле селата, наметнувајќи им не само вера во Бога туку и национална припадност, доволно зборува на каков духовен терор биле изложени Македонците. Под закани со смрт биле принудувани да се приклонуваат кон едната или кон другата црква, станувајќи дел од еден или друг народ, иако му припаѓале на исто семејство. Браќа и сестри од една мајка и татко, благодарение на црквите, им припаѓале на два туѓи народи, а не на својот, македонски народ.

Тетовско – „српско“, Кумановско – „бугарско“?!

Во Тетово, според Даскалов, српската пропаганда преку патријаршијата речиси сосема ги презела верниците, па во сите села, освен во Туденци и Шемшево, сите семејства ги прибрала под своја капа. Така, на пример, во селото Брезно сите 85 семејства, како што вели, биле србомански, односно оделе во црква под српска јурисдикција; во Вратница сите 110 куќи биле патријаршиски, во Сиричино сите 41 куќа била патријаршиски, односно сите селани што оделе во црквата за да ги слават своите христијански празници, српската пропаганда ги сметала за Срби. Така било и со 48 семејства во Одри, во Рогачево, Озморишта, Долна Лешница, Горнаци и другите. Само во Туденци, покрај 23 таканаречени српски куќи, имало и дваесет таканаречени бугарски куќи. Во Шемшево пет куќи ѝ припаѓале на српската пропаганда, а три на бугарската. За разлика од селата, градот Тетово тогаш, на почетокот на минатиот век, сѐ уште бил контролиран од бугарската егзархија, па така 820 семејства биле под капата на егзархијата, а 200 куќи оделе да ги слават своите верски празници, да се венчаваат и да се погребуваат во таканаречената српска црква.

Слична била состојбата пред сто години и во Гостиварската кааза. Според деталниот преглед на Даскалов, објавен во 1906 година во Софија, таканаречени српски куќи во Гостивар биле три, а бугарски 17 куќи. Во селата народот бил поделен, распнат меѓу двете пропаганди, па така во Зубовци 42 куќи биле српски, а 52 бугарски. Во Леуново, според истиот речник на пропагандите, 52 куќи била „српски“ а 40 „бугарски“ куќи, иако во селото немало ни Бугари ни Срби. Во Маврово 35 куќи ѝ припаѓале на патријаршијата, а 111 на егзархијата, што значи бугарската пропаганда во селото била речиси четирипати посилна од српската. Обратно од Маврово, во селото Дебреше, на пример, каде што сега нема речиси ниту еден христијанин, имало вкупно 44 куќи, од кои 10 биле „српски“, а 34 „бугарски“.
Во прегледот што го објавува Даскалов, а за кој тврди дека е точен, па врз основа на тоа ја повикува бугарската власт да посвети поголемо внимание на својата пропаганда „затоа што српската пропаганда навлегува во Македонија со засилено темпо“, мошне интересни се податоците за поделеноста на семејствата меѓу српската и бугарската црковно-просветна пропаганда во Кумановската кааза. Пред повеќе од сто години, градот имал околу илјада христијански куќи, 850 биле „бугарски“, а 208 „српски“, односно им припаѓале на српската црква и српската политичко-просветна пропаганда. Во селата состојбата била обратна – поголем број домаќинства била опфатени со српската пропагандна мрежа.

Така, во селото Старо Нагоричани сите 145 куќи ѝ припаѓале на српската црква; Довезенце – сите 85 куќи биле под јурисдикција на патријаршијата, односно сите семејства во селото, според српската пропаганда, биле Срби. Во Табановци во сите 65 куќи пеел српски поп. Во Клечовце сите 25 куќи била србомански. Во Никуњани сите 80 куќи го славеле свети Сава; во Лопате, Слупчане, Опае, Ваксинце, Отла и Липково сите, околу 150 христијански куќи заедно, ѝ припаѓале на српската црква, односно српската пропаганда. Само во десетина села семејствата била поделени меѓу двете пропаганди, а меѓу нив само во пет имало доминација на таканаречените бугаромани. Така, во Стрезовце имало 22 бугаромански куќи наспроти 14-те што биле под шајкачата на српската пропаганда. Во Бељаковце 30 куќи се молеле пред „српски“, а 47 пред „бугарски“, егзархиски поп. Во Пелинце 25 куќи имале шајкачи закачени на вратата, а 40 бугарски фурашки.

„Треба да се работи на теренот, па дури и со сила!“

Во Крива Паланка пред сто и шест години, само две куќи биле србомански, а дури 255 му припаѓале на паството на бугарската егзархиска црква. Во Ранковци само во три куќи имале шајкача како национално обележје на народот на чија црква ѝ припаѓаат, а дури 120 оделе во црквата што им велела дека се Бугари. Во Кратовската кааза населението исто така било поделено меѓу двете пропаганди, па во градот Кратово 30 куќи, односно семејства оделе во српската, а 260 во бугарската егзархиска црква. Во селото Злетово, дванаесет куќи, дванаесет семејства биле верници на српската црква, односно милум или силум ја прифатиле српската пропаганда, а 115 куќи верувале дека бугарската егзархија е поблиску до Бога и до слободата. Во Татомир, Живалево, Туралево, Шталковица, вкупно околу 120 куќи биле таканаречени србомански куќи, значи немало ниту едно семејство што верувало во пропагандата на бугарските попови. Во Кочанската кааза исто така населението е поделено меѓу српската и бугарската пропаганда, но сепак, што е по малку можеби изненадувачки, доминира српската пропаганда, освен во градот.

Во 1904 година, според Даскалов, во Вардарска Македонија српската пропаганда под своја контрола и влијание имала 8.244 семејства, а бугарската 23.379 семејства. Загрижувачко е тоа, вели тој, што во Скопската кааза секоја година расте бројот на србомански куќи, па сега таа бројка изнесува 3.980, што е за една третина повеќе од српските семејства регистрирани десет години пред тоа. Споредувајќи ги податоците од теренот, Даскалов со жалење констатира дека во Скопско, Штипско и Царево-Селско за последните две години бугарската егзархија изгубила 1.389 семејства, а придобила само 227 семејства. Значи, смета тој, „треба да се работи многу повеќе на теренот, па дури и со сила, како што прават Србите.“ Такви примери има многу, но овде ќе наведам само неколку, пишува Даскалов.

Во книгата што се чува во Одделот за стари книги во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје има уште многу податоци за секој град и за секое село во Македонија, но и само дел од податоците што ги запишал Петар Даскалов, кој од 1914 до 1919 година бил и народен пратеник на бугарското собрание, доволно зборува за тоа на каква жестока пропаганда бил изложен македонскиот народ на почетокот на минатиот век. Како завршница на сето тоа, по сите антимакедонски отстапки направени во последниве три години, останува само уште да се откажеме од Гоце Делчев и од јазикот, и повторно да почнат да шетаат вооружени чети по селата за да го делат народот според свои потреби.


Петар Н. Даскалов

„Ако не преземеме одлучни мерки, прашање на ден е нашиот пораз во цела Македонија!“

„На 22 ноември 1904 година, српскиот архијерејски намесник во Куманово, поп Ташко и ѓаконот Стојан го претепале со бастуни, среде чаршија, Трајко Мишев, писар на бугарскиот архијереј. Кон крајот на месецот со насилство, тепање и заплашување, српски чети ги малтретирале селата Длабочица, Светешинци, Буковљани и Рамно да се откажат од егзархијата и да ја признаат патријаршијата. Во Рамно насила го затворија бугарското училиште. На осми март 1905 година српска чета влезе во Младо Нагоричани и со сила, со тепање и заплашување го посрби половина село.

Преостанатиот дел од населението избегал од селото и ноќта останал по околните долови и ридишта. На петти јануари 1906 година со писмо со закана со смрт бил заплашен бугарскиот поп од Руѓинце: ќе биде убиен на Велигден ако не стане Србин заедно со целото село! Во Горно и Долно Порече може на самото место да се види силата на српската пропаганда: од 39 села со 1.298 куќи, само селото Локовица со 110 куќи е егзархиско. Сите други 38 села се србомански.

Порече сега е едно важно стратегиско место за дејствување на српските чети што оттаму слегуваат веќе во Прилепско за да заземаат нов простор за србизмот во Македонија. Ако не преземеме одлучни мерки, прашање на ден е нашиот пораз во цела Македонија“, пишува Даскалов.

Пишува: Блаже Миневски