Со години граѓаните не можат да пронајдат водач во кого ќе имаат безрезервна доверба, што ќе ги инспирира, мотивира, ќе зрачи со енергија и ќе дава импулс за заедничко работење, ќе влијае на начинот на размислување и носење одлуки, ќе биде пример за етичка и морална личност, со чест и углед, ќе биде висококомпетентен, ќе има компас што точно ќе покажува каде да се насочат државата и нацијата и ќе го држи цврсто кормилото во најголемите бури и премрежиња
Македонија со години има недостиг од лидери што имаат храброст, карактер и интегритет да се спротивстават на политиките што се на штета на националните и државните интереси, поради што земјава се доведува во една, благо кажано, сервилна состојба, кога мора да слуша што другите ќе ѝ кажат, наместо самата да ја креира својата иднина.
Со години народот не може да пронајде водач со став што знае до каде може да се оди, а каде завршуваат разговорите, што ќе обединува и кому сите ќе му веруваат, па затоа револтот и апатијата ја изразува во сè помалиот одзив на секој изборен циклус.
Ова што изминатите години ѝ се случува на земјата е токму поради немањето лидерство, односно да се прифаќа беспоговорно сè што ќе препорача Западот, без оглед дали тоа е и на штета на државните интереси.
Умилкувајќи им се на ЕУ и на НАТО за да покаже некаква кооперативност, Македонија остана единствена земја на Балканот без вакцини против ковид-19, па во последен момент мораше да набавува од Кина, иако претходно беспоговорно ги поддржуваше западните санкции кон Пекинг иако трпеше директна штета од таквите потези.
Немањето вистински лидери низ годините ја доведоа земјата да го загуби името, да ѝ се случи војна, економски да опустоши и постојано да ги трпи навредите што стигаат од разни европратеници, министри и премиери на соседни земји, плашејќи се дека ако го крене гласот, можеби ќе ги навреди.
– Премногу сум мал за да можам да им се спротивставам на сите во опкружувањето што сакаат крај и исчезнување на Србија, или на најголемата светска сила што од нас бара меѓусебно признавање, но премногу сум голем за да дозволам понижување на сопствениот народ и уривање на сопствената држава – порача неодамна српскиот претседател Александар Вучиќ, одговарајќи на честитката што му ја испрати новиот американски претседател Џо Бајден, во која уште еднаш изрази очекување Србија да го признае Косово.
Без оглед на различните гледишта за начинот на владеење на Вучиќ, сепак, тој успева да се наметне како вистински српски лидер залагајќи се за нивните национални интереси, пркосејќи му и на Западот, но и на Русија. Едноставно игра на картата да го добие тоа што е најдобро за државата. Затоа не треба да зачудува дека во овие кризни времиња Србија стана прва земја во Европа со најголем број вакцинирани против ковид-19, затоа што доби и американски, и руски, но и кинески вакцини. Донесе познати светски компании во земјата, а настрана фактот дека како лидер го доживуваат и Србите во Хрватска, БиХ, Црна Гора, Косово…
Кај нас такво лидерство и пркос недостигаат премногу долго, а последен таков проблесок имаше покојниот претседател Борис Трајковски, кој своевремено како заменик-министер за надворешни работи отворено му се спротивстави на Западот, кој ја обвинуваше земјава за лошото менаџирање со бегалците од Косово.
– Слушам на Си-ен-ен дека стално кружи, да не кажам за мене и навредлива констатација, дека ова е срам за Македонија. Ова е срам за меѓународната заедница. Никој од вас не прашува кои се проблемите на оваа влада и на оваа држава. Многу убаво од далеку, од Шведска ги следите настаните. Јас ќе ви предложам нешто конкретно, пратете 100 авиони на скопскиот аеродром и пренесете ги во Стокхолм – порача тогаш Трајковски предизвикувајќи аплаузи кај присутните во прес-салата, со што си го трасираше патот за претседателската функција.
Професорот Љупчо Ристовски смета дека во Македонија во изминатите 30 години многумина се гледале како лидери, но во суштина вистински лидер никогаш немало.
– Кај нас сите себеси се гледаат лидери. Веројатно таква ни е генетската основа. Лидерот се раѓа во принцип, но нацијата е таа што го препознава лидерот, а веројатно ние патиме од Титовиот комплекс и менталитет и оваа генерација Македонци веројатно ги има изгубено компасот и чувството да препознае што значи вистинско лидерство – вели Ристовски.
Тој додава дека вистинското лидерство значи служење на другиот, а не владеење преку надменост и ароганција.
– Можеби ние имаме меѓу нас лидери или лидер што треба да бидат препознаени на политичката сцена, но за тоа е потребно повеќе време. Македонецот е премногу долго лажен овие 30 години, измамуван, изигруван безброј пати и веројатно довербата во политиката, воопшто и во политичкото лидерство му е сведена на најниско можно ниво. Ќе успее да се наметне за лидер оној што ќе издржи на долги патеки и што ќе работи со срцето на нацијата да биде препознаен – истакнува Ристовски.
Според него, основата за лидерство е вредносниот модел, моралната доблест и љубовта за својот народ и татковината.
– Надвор од овие три постулати не смее и не може да се бара лидер – категоричен е професорот Ристовски.
За пиар-експертот Синиша Пекевски немањето лидер е од едноставна причина што во оваа земја не се избира квалитет.
– Во суштина во Македонија квалитетот никогаш не успева. Овие триесетина години колку што сме независни, тешко некој ќе се сети на некој министер, премиер или претседател да направил нешто по што ќе се памети. Секогаш тие личности се врзуваат со голем број афери, скандали и негативни работи. Тоа е затоа што и самиот систем намерно се крои така за да не им се дава простор на квалитетни луѓе оти ќе се покаже дека тие околу нив се неквалитетни и неспособни – вели Синиша Пекевски, пиар-експерт.
Според него, секогаш во земјава се избираат луѓе со мал капацитет, кои постојано излегуваат со тврдење дека толкав е нашиот капацитет како држава.
– Тоа апсолутно не е точно. Самиот систем не дозволува да се појават лидери. Кога се избираат и на конкурси и во самите партии не се избираат најдобрите кандидати, туку се избираат оние што се најсервилни, најмногу можат да се контролираат и слично – појаснува Пекевски.
Тој додава дека меѓународната заедница ништо не ѝ наложува на земјава, туку нашите политички лидери се однесуваат сервилно.
– Нема лидерство бидејќи ние сакаме да бидеме сервилни – истакнува Пекевски, притоа нагласувајќи дека и големите земји сакаат да разговараат со личности што се проактивни и поагилни, кои се кооперативни, но и личности што бараат решенија, а не чекаат некој да им го наметне решението.