На тронот на Српската православна црква (СПЦ) ќе седне оној владика што ќе биде извлечен со апостолска ждрепка. Тоа е начинот на кој СПЦ го избира својот патријарх, како прв човек на тамошната световна власт. Но за нас е уште позначајно дали избраниот патријарх на СПЦ во својата агенда си прибележал дека има јасна, чесна и правична намера да направи исчекор во односите со нашата МПЦ.
Дали има надеж дека по Соборот на српските архијереи и изборот на нов поглавар би се променило нешто во политиката на црковен Белград кон прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА? Ова се само некои од дилемите во црковната јавност во Србија, а уште повеќе и во црковната јавност во Македонија
Нов српски патријарх со апостолска ждрепка од тројца владици
Вчера почна процедурата за избор на нов поглавар на Српската православна црква (СПЦ). Чинот на избор првпат ќе се одржи во криптата на православниот храм „Св. Сава“ во Белград, а не во седиштето на Српската патријаршија. Според процедурата, кандидати за патријарх можат да бидат сите архијереи на СПЦ што имаат најмалку пет години епархиски стаж. За тоа кој ќе биде избран, одлучуваат владиците на СПЦ. Рокот во кој мора да се избере новиот поглавар е три дена, односно истекува утре, на 20 февруари. Минатиот избор на патријарх се заврши во вториот круг, односно на вториот ден на изборот. Според досегашното искуство, помала веројатност е дека веднаш, уште денеска, во доцните попладневни часови ќе биде избран новиот поглавар на СПЦ.
Имено, широката процедура за избор на патријарх на СПЦ, која започна вчера, на 18 февруари, предвидува избор на тројца потенцијални кандидати за патријарх, од кои на тронот на СПЦ ќе седне оној што ќе биде извлечен со апостолска ждрепка. Тоа е начинот на кој СПЦ го избира својот патријарх, како чин што треба да оневозможи влијание на световната власт врз изборот на прв човек на црквата.
До потесниот круг од тројца владици се доаѓа преку тајно гласање на Соборот на СПЦ, на кој учествуваат сите архијереи на СПЦ со право на глас, од нив дури 34 ги исполнуваат базичните услови да бидат избрани за патријарх, но само тројца би влегле во потесниот круг.
Српските медиуми деновиве лицитираат со неколку имиња, односно петмина владици на СПЦ се речиси најмногу спомнувани.
Првиот е бачкиот епископ Иринеј Буловиќ, вториот е митрополитот од Загреб Порфириј, третиот е администраторот на Црногорско-приморската митрополија Јоаникије, дабробосанскиот митрополит Хризостом и бањалучкиот Јефрем.
И српската политичка и државна власт посакува „свој човек“
Српските медиуми, но и српските верски аналитичари посочуваат дека битката за избор на патријарх ќе се води меѓу поддржувачите и противниците на политиката на претседателот Александар Вучиќ. Најголем фаворит како близок до властите е токму бачкиот епископ Иринеј Буловиќ. Бидејќи изборот е со ждрепка, главната цел на приврзаниците на Буловиќ е во потесниот круг од тројца, да се најдат сите тројца или најмалку двајца (тој и уште еден) што имаат идентични позиции и делат исти ставови.
Кандидати од едната струја за патријарх се епископите Иринеј (епископ бачки), Порфирије (епископ за Загреб) и Јефрем (епископ од Бања Лука), додека најсигурни кандидати на другата струја се епископот Јоаникије (епископ за Будва – Никшиќ), Јован (епископ за Шумадија) и митрополит Хризостом (Дабро – Босна).
Епископите Игнатиј (бискуп од Пожаревац – Бранишево) и Григориј (епископ во Дизелдорф и цела Германија) засега се наведени како соло-играчи.
МПЦ би сакала разумен и умерен прв човек за СПЦ
Според верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски, изборот на новиот патријарх нема да биде проследен со нешто радикално, односно дека ќе се добие личност што отскокнува од досегашниот лик и карактер на српските владици.
– Единствен што отскокнува е владиката Григориј, кој нема големи шанси да ја добие натполовичната поддршка за да влезе меѓу тројцата кандидати. Изборот ќе се сведе на избирање постара личност со приврзаност на досегашните ставови на СПЦ по сите прашања (односот кон власта во Србија, односот кон Косово, односот кон Вселенската патријаршија и односот кон МПЦ) или на избор на помлада личност (ако се сака да не менуваат патријарси на секои пет до 10 години), но која пак ќе ги има истите ставови – објаснува Ѓорѓевски.
Така, посочува Ѓорѓевски, во таква рамка влегуваат сите кандидати, и оние од постара возраст и оние од помлада возраст.
Владиката Петар неодамна изјави дека МПЦ очекува СПЦ со изборот на новиот патријарх да погледне пореално во однос на Македонската православна црква.
– Ако СПЦ сака да го потврди своето достоинство кон МПЦ, мора да ѝ погледне в очи на вистината дека ова прашање не може поинаку да се реши, освен СПЦ да ја предложи до Цариградската патријаршија нашата црква за да ѝ се додели автокефалност – вели владиката Петар.
Посочува дека се моли да не биде избран некој архиереј од радикалното крило, односно од оние што не ја признаваат МПЦ-ОА како автокефална, односно како црква што има право на автокефалност.
– Најдобро би било доколку нов патријарх биде некој од владиците што биле секогаш добро наклонети за решавање на црковниот проблем и кои немаат претензии за загрозување на нашето опстојување како македонски народ. Сè зависи од тројцата кандидати што ќе влезат во потесниот круг – посочи тој.
Профили на најсериозните кандидати за српски патријарх
– Иринеј Буловиќ, епископ бачки, е роден во 1947 година и е еден од највлијателните владици на СПЦ. Постојано е перципиран како патријарх во сенка. Во поглед на македонското црковно прашање е со тврди радикални позиции и ја застапува идејата дека МПЦ-ОА не може да добие автокефалност и дека автономниот статус е највисокото ниво на кое СПЦ може да се согласи. Тој е дел од српската комисија што беше формирана за преговори со МПЦ и важи како еден од луѓето со кои во СПЦ тешко може да се зборува за автокефалноста на МПЦ-ОА. Голем поддржувач е на политиката на српскиот претседател Александар Вучиќ. Најпосакуван за српските власти како иден патријарх на СПЦ.
Според Ѓорѓевски, Иринеј бачки е најсериозен кандидат за влез меѓу тројцата кандидати. Вели дека кај него ќе има само една дилема, со оглед на тоа што е човек што игра од сенка, дали сега ќе сака да биде прв или, пак, да си го задржи првото место во сенката.
– Порфириј, епископ загрепски, е дел од средната генерација владици на СПЦ, роден е во 1961 година, а во 1999 година е избран за владика на СПЦ. Важи за човек од доверба на бачкиот епископ Иринеј Буловиќ.
Ѓорѓевски смета дека Порфириј е фаворит кога е во прашање помладата генерација. Тој е духовно дете на Иринеј бачки и ги има сите особини што се потребни – наследник е на ставовите на СПЦ, обезбедува влијание на Иринеј бачки, има добри односи со државен врв, со Католичка црква, роден е во Србија.
– Јефрем, епископ бањалучки, е роден во 1944 година, а во 1980 година е избран за епископ бањалучки. Аналитичарот вели дека Јефрем бањалучки не е од територијата на Србија, роден е во Босна, и тоа му е хендикеп. Бил во најтесен избор на минатите избори, но има 76 години и не е млад. Сепак, важи за близок човек до Иринеј Буловиќ.
– Јоаникије е администратор на Црногорско-приморската митрополија по смртта на Амфилохије. Во основа станува збор за човек што важи дека се држи до своите принципи, дел од генерацијата владици што во СПЦ влегуваат на почетокот од деведесеттите години на минатиот век и за човек што не е под влијание на актуелните политички структури во Србија и не е близок до бачкиот епископ Иринеј. Јоаникије, освен што е епископ на СПЦ, го врзува еден интересен момент со МПЦ, а кој многумина не го знаат. Овој владика на СПЦ светата тајна крштение ја добил во МПЦ, и тоа на 23 години, од рацете на владиката г. Петар во манастирот Трескавец, крај Прилеп.
Како припадник на Христијанската црква станува во 1982 година, во период кога СПЦ ја има прекинато комуникацијата со МПЦ и по нејзино барање ги има прогласено за расколници владиците на МПЦ. Јоаникиј, осум години подоцна ќе биде замонашен во СПЦ, секако со важечко крштение од МПЦ. За викарен епископа будимнски е избран во 1999 година.
– Хризостом добробосански е исто дел од групата противници на Иринеј Буловиќ. Роден е во 1952 година, а како епископ во СПЦ е избран во 1980 година.
Хризостом е умерен, но хендикеп му е што доаѓа од Босна, каде што е роден, а новиот патријарх најверојатно ќе биде роден на територијата на Србија.
– Јован шумадиски, според Ѓорѓевски, е искусен, голем богослов, роден е во Србија, а сега управува со Белградската епархија по смртта на Иринеј, има 70 години и не е престар. Тој може да ги помири сите крила во СПЦ.