Фото: Маја Јаневска-Илиева

За десетина дена, колку што трае пописот во Македонија, се случија редица технички грешки, хакерски напади или друг тип пропусти, поради што операцијата одреден период беше и прекината. Најновиот инцидент поврзан со пописот во Македонија доаѓа од САД, при што поранешниот конзул на Бугарија во Чикаго, Иван Анчев, излезе со податоци дека во досегашниот тек на пописот во Македонија, 72 лица се изјасниле како Бугари. Сето ова го отвора прашањето како во оваа фаза стигнале доверливи податоци до странскиот дипломат, се работи ли за софтверски пропуст и протекување податоци од него или можеби станува збор за уште еден дипломатско-политички блеф и шпекулација од страна на Бугарија, со цел да ѝ се наштети на Македонија. Според експертите, сите опции се во игра

СЕРИЈА КОНТРОВЕРЗИИ ГО СЛЕДАТ ПРЕБРОЈУВАЊЕТО ВО МАКЕДОНИЈА

Неодамнешните хакерски напади врз страницата на Државниот завод за статистика само ги потврдија претходните предупредувања на „Нова Македонија“ за можноста и опасноста оваа статистичка операција да биде злоупотребена од центри што воопшто не ѝ мислат добро на Македонија.
Уште на почетокот на пописот во јавноста се крена голема прашина околу безбедноста на самиот софтвер, кој го изработи македонска фирма што е дел од бугарска компанија со седиште во Софија, на што од ДЗС тогаш смируваа дека софтверот е безбеден и него го контролираат домашни компјутерски експерти.
Но се покажа дека уште на почетокот на пописот системот падна, поради што целата пописна постапка беше забавена, а некаде и прекината. Првиот човек на ДЗС, Апостол Симовски, неодамна, реферирајќи за првичните технички проблеми на почетокот на пописот, призна дека страницата на Заводот за статистика е постојано цел на хакерски напади и дека се работи на нивно спречување, без да прецизира од каде доаѓаат тие напади.
И додека надлежните смируваат дека податоците се безбедни и дека никој не може да упадне во системот и да влијае врз попишувачкиот процес, поранешниот конзул на Бугарија во Чикаго, Иван Анчев, вчера излезе со податоци дека во досегашниот тек на пописот во Македонија, 72 лица се изјасниле како Бугари.
Сето ова го отвара прашањето од каде вакви доверливи податоци кај странски дипломат, во време кога македонската јавност има податоци само за вкупната бројка на попишани граѓани на дневна основа, но не и за етничкото изјаснување на граѓаните. Како поранешниот бугарски конзул дошол до бројките, дали тие се веродостојни, протекуваат ли податоците од софтверот некаде или се работи за нова шпекулација, со цел да му се наштети и девалвира пописот во Македонија.
Потврда дека податоците во базата треба да се агрегираат само како вкупни бројки дојде и од поранешниот директор на ДЗС и добар познавач на пописната проблематика Дончо Герасимовски.

– Граѓаните немаат никаква причина да се сомневаат дека некој ќе влезе во системот и ќе ги штелува резултатите. Сите податоци од попишувачите се прибираат во една база и сомнеж не треба да има во поглед на веродостојноста и квалитетот на податоците. Податоците од пописот се агрегирани. Не се даваат податоци за ниту еден граѓанин, домаќинство или слично, туку тие се како една бројка и затоа невозможно е да се влезе и да се прави корекција, некој да се избрише или додаде – категоричен е Герасимовски.
Ако податоците се заштитени во базата како што тврдат надлежните, тогаш енигма е како бугарскиот дипломат дошол до информацијата за тоа колку лица се изјасниле како Бугари, во досегашниот тек на пописот.
Познавачите на состојбите тврдат дека при секое креирање софтвер е можно да се остави скриено прозорче преку кое можат да се следат податоците, а токму ваквите обвинувања од страна на САД беа причина за притисокот што Вашингтон го направи врз поголемиот дел од светот да се откаже од користење на опремата на кинеската компанија „Хуавеј“ за да се избегне шпионирање на податоците.

– Технички може да се направи секој софтвер да има такви функционалности преку кои ќе може да се пристапи и до податоците, да се добијат и извештаи, ако треба да се менуваат, да се внесуваат однадвор податоци, да се оневозможи работење на целиот софтвер и на негови делови, а сето тоа доколку при изработката на самиот софтвер се вградат такви функции и таков код – вели Орце Симов, професор на Факултетот за информатика.
Според него, корисникот што го нарачал софтверот не мора да забележи дека има вакви вградени скриени кодови во софтверот и нема да знае дали некој го злоупотребува однадвор.
– За да се забележи такво нешто е многу тешко. Треба да мониторира постојано дали некој пристапува однадвор, дали се поврзува, малку е тешко забележувањето, не велам дека е невозможно, но во секој случај е комплицирано. Треба да се мониторира сообраќајот што доаѓа однадвор во неговата мрежа – појаснува Симов.


ДЗС: Системот не дозволува увид во податоците

Од Државниот завод за статистика тврдат дека изнесувањето бројка за досега попишани Бугари во земјава е чиста шпекулација и дека системот не дозволува увид во податоците.
– Апсолутно станува збор за шпекулации. Секој си дозволува што сака да пишува и да изјавува. Базите се затворени до 30 септември. И попишувањето од странство и ова што сега се попишува тука едноставно никој нема увид внатре. Самиот попишувач кога ќе го заврши попишувањето во семејството, со самото тоа податоците се трансферираат во облак, нема шанси некој да погледне. Дури и самиот попишувач не може да се врати назад, компјутерот му е празен. Ниту, пак, системски од овде од центарот за техничка поддршка може да се влезе во базата – вели Јасмина Ѓорѓиева, портпаролка на ДЗС.
Според неа, станува збор за ноторни невистини.
– И најмал познавач на пописна активност знае дека нема теорија во тек на спроведување попис да се излегува со такви бројки. Мора да помине процес на обработка, а за такви податоци ќе можеме да зборуваме дури следната година. Во моментот она што може да го кажеме е колку лица, домаќинства и станови се попишани вчера и на дневна основа, но повеќе од тоа апсолутно е невозможно. Луѓето си собираат поени на различни начини, само жално е што народот им верува – истакнува Ѓорѓиева.