И по последната средба во Солун на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров, како дел од интензивните заложби на двете страни да најдат компромис за наметнатиот спор за името, по сѐ изгледа дека грчкото барање за ерга омнес, односно име за севкупна употреба, останува и понатаму да биде главен проблем т.е. камен на сопнување во обидите да се најде решение. Состанокот во Солун на министри од Грција, Македонија, Бугарија и од Албанија, кој се одржа вчера и завчера, беше уште една можност шефовите на дипломатиите Димитров и Коѕијас да разговараат за прашањето за името и да го надминат овој проблем за да може Македонија на самитот на ЕУ во јуни да добие датум за преговори, а на самитот на НАТО во јули да стане земја-членка.

Двата министри пред почетокот на состанокот вешто одбегнаа да одговорат на новинарските прашања кога влегуваа во центарот каде што се одржа овој министерски состанок. Коѕијас кратко одговори дека не разговарале за името на неформалната вечера поради тоа што таму биле и други министри, на Бугарија и на Албанија. Од друга страна, пак, шефот на македонската дипломатија Димитров исто така не сакаше да ги сподели своите очекувања од вчерашната средба. На новинарско прашање дали преговорите се дојдени до ќор-сокак, Димитров накратко истакна дека ќе се разговара за тоа.

Во меѓувреме македонскиот премиер Зоран Заев сѐ уште е оптимист дека може да се постигне решение пред одржувањето на Советот на министрите на ЕУ.

– Мораме да водиме грижа и да бидеме креативни во наоѓањето решение за името – рече Заев.

Тој вели дека е можно конечно решение за името при отворањето на Уставот за влез во ЕУ.

– А и во преговарачкиот процес и оставањето трага за во иднина, јас можам да кажам дека при овој дел на креативноста сите опции се отворени, веројатно. Ние и разговараме кога би се спровел референдум, дали би значело конечност на ова решение во одреден период, а не веднаш, можеби веднаш, па така е најдобро, сето тоа е дел од модалитетите за кои се разговара, така што рамката е многу важна, временската рамка за носењето на одлуките, но таа поприлично зависи и од наоѓањето на решението за проблемот за името, кој Грција го има со нас – вели Заев.
Во контекст на случувањата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повторува ставот дека нема да поддржи какво било решение што ќе значи промена на Уставот, а со цел промена на уставно име.

Паралелно на ова, пак, грчката страна, според изјавите на официјалните претставници, не отстапува од барањето името да биде за целосна употреба, што подразбира и промена на Уставот. Министерот Коѕијас во интервју за телевизијата Скај изјави дека правилно направиле што го отвориле прашањето за ерга омнес.
За тоа дали по Солун се отвора нова можност за приближување на ставовите за „името“, политикологот Милан Стефановски вели дека е можно да има, но не за најтешките прашања. Според него, „балонот со оптимизам“ кај нас полека издишува, со откривањето на максималистичките барања на Атина како што напредуваат преговорите. Сепак, Стефановски советува Владата да ги продолжи разговорите, а со тоа и можностите до последен момент да се најде прифатливо решение.

– Виена, Охрид, Солун и така понатаму се само попатни станици во кои двете страни пред јавноста ќе се обидат да ги елаборираат позициите ,кои верувам се доста различни. Дали ќе можат шефовите на дипломатиите на двете земји да соберат сили и со премиерите на Македонија и Грција да го „исковат жешкото“ решение за помалку од еден месец, тешко може да се претпостави во овој момент. Во таа насока работите не се многу сјајни по нашата евроатлантска интеграција, која треба да добие зелено светло набргу. Останува тој балон од оптимизам и понатаму да го дуваме, но да внимаваме да не пукне и да дојде до разочарување кај нашата страна. Преговорите и да не успеат, нема да биде ништо страшно, како и впрочем што изјави самиот премиер Зоран Заев неодамна – заклучува Стефановски.

Инаку, на состанокот во Солун присуствуваа и министрите на Бугарија Екатерина Захариева, и на Албанија, Дитмир Бушати. За време на двата дена во Солун, според најавеното, теми за разговор меѓу другото беа како да се подобри соработката за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, за предизвиците со кои се соочува регионот, последиците од мигрантите и бегалците.


Хан: Изјавата за решение за две недели беше погрешно пренесена

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан порача дека неговата изјава дека спорот за името може да се реши за две недели била погрешно разбрана.
– Тоа беше грешка, има и снимка. Јас реков дека имам верба дека за неколку недели може да се најде решение, а не за две недели. Тоа значи дека сметам дека во блиска иднина е можно решение за спорот за името – изјави Хан.
Тој повтори дека по препорака на Европската комисија за почеток на преговори „најважно е сега да се најде решение за спорот за името“ за земјите-членки да ја одобрат оваа препорака.