Главна цел на светската организација е одржување на меѓународниот мир и безбедноста, развивање пријателски односи меѓу народите, меѓусебна соработка, како и унапредување и почитување на човековите права и слободи.
Но дали и колку ОН ја оправдаа оваа своја улога и мисија, откако не успеаја да спречат многу други војни по Втората светска војна, a често конфликтите започнуваат и без консензус и без одлука на Советот за безбедност. Во однос на Македонија, пак, ОН направија низа преседани и условувања што се надвор од сите начела што ги прокламира светската организација, а прекршија и едно од своите основни начела во Повелбата – почитувањето на човековите права и правото на самоопределување

Светската организација одбележува 76 години од постоењето

„Ние, луѓето од Обединетите нации, обединети заради подобар свет…“, се почетните зборови на Повелбата на Обединетите нации, светска организација што официјално почна да постои на 24 октомври 1945 година, кога Повелбата, меѓу другите, ја ратификуваа Кина, Франција, СССР, Велика Британија, САД… Тој ден се одбележува како Денот на Обединетите нации.
Претходница на ОН беше Лигата на народи, организација основана во 1919 година, која дејствуваше во текот на Првата светска војна, за да „ја унапредува меѓународната соработка и да може да се постигнат мир и безбедност“. Лигата го запре дејствувањето откако не успеа да ја спречи Втората светска војна.
Според Повелбата, главна цел на светската организација е одржување на меѓународниот мир и безбедноста, развивање пријателски односи меѓу народите, соработка во решавањето на меѓународните, економските, социјалните, културните и хуманитарните проблеми, како и унапредување на почитувањето на човековите права и основните слободи.
ОН и натаму опстојуваат на своето мото дека светската организација е единственото место на планетата каде што нациите можат да се соберат и да дискутираат за заедничките проблеми, наоѓајќи решенија што се од полза за целото човештво. Но дали е навистина така?

ОН потфрлија во справувањето со предизвиците

Во моментот, во ОН има 193 земји-членки и се покажа дека сè помалку ја оправдува својата улога на чувар на светскиот мир. ОН веќе го загубија кредибилитетот откако не успеаја да спречат многу други војни по Втората светска војна, а често конфликтите започнуваат без консензус и без одлука на Советот за безбедност. Таков беше случајот во поновата историја со бомбардирањето на поранешна Југославија, со нападот врз Авганистан, со манипулацијата со ирачкото биолошко оружје, што резултира со крвав конфликт во Ирак. Војните и конфликтите на Блискиот Исток се само потврда дека светската организација е немоќна во справувањето со глобалните конфликти, а конците продолжуваат да ги влечат големите играчи на светската геостратегиска мапа, кои кога се во прашање нивните интереси, ги заобиколуваат резолуциите на ОН и дејствуваат на своја рака. ОН не одговорија соодветно ниту во справувањето со гладот во светот, нема единство ниту за климатските промени, а пандемијата само потврди дека кога станува збор за некаква опасност, човештвото не може да покаже ниту заедништво, а најмалку солидарност. Повеќето мали и сиромашни земји беа оставени без вакцини и сами да се справуваат со пандемијата.

Македонија на своја кожа ги почувствува неправдите

Македонија во оваа светска организација се зачлени на 8 април 1993 година, врз основа на Резолуцијата 817 на Советот за безбедност од 7 април 1993 година, и уште на самиот старт ја почувствува неправедноста што ја доживуваат новите земји-членки, да бидат условувани со разни барања што се надвор од сите начела што ги прокламираа ОН. Приемот на земјава беше со препорака привремено да биде ословувана со референцата „поранешната Југословенска Република Македонија“, а не со нејзиното уставно име Република Македонија, само поради противењето на Грција да го прифати уставното име на земјава, со банално образложение дека земјава имала територијални претензии кон неа. Иако стануваше збор за билатерален спор, сепак со овој чин ОН направија преседан и прекршија едно од своите основни начела во Повелбата, почитувањето на човековите права и основните слободи, односно правото на самоопределување на народите. ОН го игнорираа и фактот што над 130 земји го имаа признаено уставното име на земјава, вклучувајќи и три постојани членки на СБ, САД, Русија и Кина. Згора на тоа, светската организација замижа и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кој е нејзино тело за спроведување на правдата во меѓународни рамки и кој утврди и пресуди дека Македонија е во право во спорот со јужниот сосед. Тие продолжија да инсистираат на преговори со Грција и назначија неколку свои специјални пратеници што посредуваа во решавањето на тридеценискиот спор за името, што на крајот резултира со потпишување на Преспанската спогодба во 2018 година во Нивици.
Според професорот Игор Јанев, научен советник на Универзитетот во Белград и одличен познавач на меѓународното право, ОН направиле своевиден преседан при приемот на земјава.
– Македонија во постапката за членство во Обединетите нации е принудена на два дополнителни и нелегални услови: Прием со привремено обраќање реферирање (поранешна Југословенска Република Македонија) и принуда за разговор (што е преговарање) за своето име со друга држава. Деноминацијата „поранешна Југословенска Република Македонија” (former Yugoslav Republic of Macedonia) во Обединетите нации претставува нелегална дискриминација (во членството и претставувањето), односно нелегална обврска повеќе само за една држава-членка на ООН – е ставот на професорот Јанев.
Тој предлага начин како ОН да ја исправат неправдата кон земјава и од аспект на Преспанскиот договор.
– Преспанскиот договор како нелегален акт мора еднострано да се раскине со дипломатска нота за раскинување испратена до Владата во Атина и до генералниот секретар на ООН, Советот за безбедност, претседавачот на Генералното собрание и сите држави-членки на Обединетите нации! Во нотата до Обединетите нации треба да се побара продолжување на членството под името „Република Македонија“! Оваа нота до Генералното собрание на Обединетите нации треба да биде со предлог-резолуција на Генералното собрание за продолжување на членството под идентитетот: Република Македонија (Republic of Macedonia) – предлага Јанев.

И спорот со Бугарија може да заврши во ОН

По долгогодишниот спор со Грција, сега Македонија се соочува со сличен спор и со Бугарија, кој исто така е билатерален, но сè повеќе добива поширок размер и не е исклучено и тој на крајот да заврши со некаква медијација од страна на ОН. Прашање е дали овој спор треба да заврши пред СБ на ОН, но во секој случај Македонија можеби треба да е подготвена и за нов специјален пратеник, така што новите сојузништва во рамките на светската организација само би ја подобриле македонската позиција во иднина.
– Ако сакаме да ја решиме оваа ситуација, прво мора да се раскине договорот со Бугарија. Дури потоа можеме да се повикуваме на меѓународното право, односно на правото на самоопределување, суверена еднаквост, политичка независност, немешање во внатрешната јурисдикција, недискриминација и забрана за асимилација (етноцид) – вели професорот Јанев, алудирајќи на она што се основни постулати на ОН.


Чувар на посебноста и интегритетот на македонскиот јазик

Во време кога Бугарија врши засилен притисок врз посебноста на македонскиот јазик, токму ОН се гарантот дека македонскиот јазик е посебен и признаен уште во 1974 година, и никој не треба да отстапи од тоа. Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на македонската држава и нација во евиденцијата на ОН, и така е до денес, што на противниците на земјава им претставува голема пречка.
– Посебноста на македонскиот јазик е светски признаена и потврдена во Обединетите нации – истакна во една пригода поранешниот посредник за спорот за името Метју Нимиц.
Потврда дека македонскиот јазик е признаен од ОН и дека тој не може да биде предмет на преговори и некакви поинакви формулации даде и поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев.
– Македонскиот јазик е реалност признаена и од Обединетите нации – истакна Плевнелиев.
Пред нешто повеќе од десетина години, под притисок на Грција, прекуноќ „исчезна“ македонскиот јазик од регистарот на јазици на ОН, но по брзата реакција на македонската дипломатија „грешката“ беше поправена.
Како и да е, ОН се засновани врз принципот на суверена еднаквост на државите. Во таа насока, различноста и почитувањето на посебноста на државите претставени во овој форум, односно обележјата на државите, вклучувајќи го и јазикот, се едни од најзначајните начела на функционирање на Организацијата. Овој принцип е од исклучително значење за работењето на Организацијата и за спроведувањето на нејзините одлуки. Во спротивно, ОН ја губат смислата на нивното постоење.