Фото: Игор Бансколиев

Од Здружението на пазарџии велат дека пандемијата си го направила своето, доста тезги се затворени поради разни причини, намалена е раздвиженоста на граѓаните, понудата е помала, а сето тоа заедно влијае и за повисоките цени на земјоделските производи

ПАНДЕМИЈАТА УДРИ И ПО ЏЕБОТ НА ГРАЃАНИТЕ

Цела зима на зелените пазари, па и во гранапите и во маркетите, цените на зеленчукот и на овошјето се доста повисоки за разлика од претходно. Граѓани велат дека што и да помислат да купат, ништо не е евтино. Многу од нив секојдневно се засегнати за своето здравје, бидејќи, како што вели народот, тоа доаѓа преку устата. Пандемијата, пак, од друга страна, уште повеќе ги притиска, бидејќи за да се одржува имунитетот, потребно е и здраво да се хранат. За една категорија граѓани тоа е невозможно, поради беспарицата што ја чувствуваат, затоа што останале без работа, па високите цени на најпотребните намирници за исхрана им создаваат главоболки. Некои од пазарџиите се откажале од тезгите поради слабата посетеност на пазарите и малата заработувачка, па оттаму и помала понуда и повисоки цени. Најбараните производи зимава, ѓумбирот и медот, достигнуваат мошне високи цени. Па, така, еден килограм ѓумбир се нуди дури и по цена од 300 денари. Бидејќи исхраната во зимскиот период не може ни да се замисли без медот, најбараниот производ во пандемискиве услови достигна и до 600 денари за тегла мед. На зелените пазари тетовскиот грав се продава по цена од 200 до 250 денари за килограм. Костените, во зависност од тоа дали се домашни или увезени, се нудат по цена од 100 до 250 денари. Килограм маслинки може да се купат по цена од 260 до 300 денари, а високи се цените и на другите производи во категоријата овошје и зеленчук.

– Коронавирусот си го направи своето, речиси на сите зелени пазари има затворени тезги, пазарџиите ги имаат откажано. На Бит-пазар, најголемиот пазар во Скопје, има затворени тезги и поради неговата изградба, која се изведува фазно, но и поради послабата посетеност и намалената заработувачка. Всушност, поради пандемијата нема повеќе такво движење на луѓе како што беше пред тоа. Луѓето некако сега имаат други навики, пазарат повеќе во маркетите, каде што исто така има овошје и зеленчук и добро се снабдени. Одат таму пред сѐ затоа што имаат каде да се паркираат и ќе купат сѐ на едно место. Од друга страна, пак, на пазарските тезги останаа само оние повозрасните, бидејќи младите не сакаат на студов цел ден да бидат на тезга за мали пари. Повеќето од нив, иако е пандемија, заминаа во странство, во Германија, во Швајцарија, земји каде што ќе заработат многу повеќе за својата егзистенција. Оттаму понудата и на пазарите е помала, а цените се повисоки – смета Екрем Долек, претседател на здружението „Просперитети“ и на Комората на трговци.

Долек додава дека во зависност од понудата, во текот на еден ден се менуваат и цените на еден производ. Ако брокулата цела зима не се продава под 100 денари за килограм, има денови со поголема понуда, кога може да се купи и за 50 денари. Килограм спанаќ, многу ценет и баран производ периодов, кога сите внимаваат на вредноста на железото во крвта, се продава по цена од 50 до 70 денари за килограм. Црвените домати, иако е зимски период, се продаваат како налето, три килограми за 100 денари, додека пиперките се нудат од 100 до 120 денари за килограм.
Купувачите се жалат дека се високи и цените на овошјето, па некои од нив велат дека не можат ниту да пробаат круши, кои во зависност од видот се продаваат по цена од 70 до 100 и повеќе денари. Килограм банани не се подолу од 60 денари, колку што чинат и мандарините без семки. Оние другите може да се најдат три килограми за 100 денари, додека портокалот чини од 35 до 50 денари. Лимонот зимава имаше доста варијации во цената, а сега се нуди за 80 денари. Оревите се од 450 до 500 денари, додека бадемите и лешниците достигнуваат и до 600 денари.