Во современата политичка наука постојат стотици дефиниции што се однесуваат на изборните системи што ги практикуваат државите, кои во основа претставуваат институционален внатрешен модус преку кој гласачите ги изразуваат своите политички преференцирања во облик на глас, кој, пак, натаму се претвора во мандат.
Изборниот систем, всушност, е дел од поширокото изборно право, кое пак ги вклучува изборниот образец (мнозински или пропорционален), изборните единици, изборното натпреварување, гласањето, методите на претворањето на гласовите во мандати и изборните цензуси.
Во меѓувреме, теоријата и практиката разликуваат поголем број изборни системи.
Во согласност со типологијата што е изработена од група експерти на Институтот за демократија и електоратска асистенција (ИДЕА), изборните системи се поделени во четири категории: мнозинско-мајоритетен, пропорционален, комбиниран (мешан) и други системи. Дополнително, во кругот на мнозинско-мајоритетните понатаму системите се подгрупираат на оние со системско релативно мнозинство, оние со системско блоковски гласови, системско партиски блок на гласови, системско алтернативни гласови и двокружен мнозински систем.
Од друга страна, групата на пропорционални системи опфаќа: систем на партиски листи и систем на поединечно пренесување на гласот.
Во групата на комбинирани системи, пак, влегуваат мешаниот систем на пропорционалниот член и паралелниот систем. Во последната група во науката, класифицирана под името „други системи“, влегуваат системи што поради својата специфичност не можат да бидат опфатени во некоја од наведените претходни три групи. Тоа се системот на поединечно непреносливиот глас, системот на лимитиран глас и системот на брода-броењето.
Во согласност со овие научни поделби, во Македонија се практикува пропорционален изборен модел со затворени листи, каде што распределбата на мандатите се врши со употреба на системот со најголем просек во согласност со Донтовиот модел.
Во меѓувреме, идната година е редовниот термин за парламентарните избори, а конечен договор за промена на изборниот модел меѓу политичките партии сѐ уште нема. Постојат само редица иницијативи, меѓу кои и најновата, на група од 12 пратеници, кои се залагаат за една изборна единица со отворени листи.
Во јавноста остануваат дилемите каков точно изборен модел ѝ е потребен на земјава што ќе обезбеди квалитетни кадри што ќе ги претставуваат интересите на граѓаните и ќе работат за доброто на државата. На почетокот на мандатот, владејачката партија, предводена од премиерот Зоран Заев, најави дека изборни реформи ќе има и дека е добро да има една изборна единица со отворени листи.
Тоа е запишано и во изборната програма „План за живот во Македонија“, а неодамна и самиот Заев најави дека ќе има промена на моделот.
– Ќе предложиме пратениците да се избираат по принципот на отворени листи, што ќе значи демократизација во изборните процеси. На тој начин секој глас ќе вреди еднакво, а граѓаните директно ќе ги избираат своите претставници – рече Заев.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски на оваа тема констатира дека во земјава моментално се гласа по пропорционален изборен модел со шест изборни единици, а од секоја се избираат по 20 пратеници.
Според него, ваквиот начин не е доволно репрезентативен и во вакви услови мали се шансите за помалите политички партии, кои, и покрај тоа што освојуваат одреден број гласови, сепак остануваат без пратеничко место.
Арсовски смета дека на државата повеќе би ѝ одговарал систем што поточно би ги отсликувал гласовите на гласачите и најдобро би било во земјата да има една изборна единица.
– Со една изборна единица е многу важно што губитокот на помалите партии драстично ќе се намали. За споредба, ако досега се губеле меѓу 6 и 7 илјади гласови по пратеник, и тоа во секоја изборна единица, значи на државно ниво се губат и до 36 илјади гласа. Но кога ќе се спојат сите изборни единици во една, тие гласови ќе значат 4 пратеници. Кога би имало ваква поставеност на гласањето, поголеми се шансите за малите партии да влезат во Собранието и така составот ќе биде порепрезентативен, односно реално ќе биде отсликана волјата на гласачите. Мислам дека е неопходно да има една изборна единица, а отворените листи ќе ги заживеат партиите и ќе ги доближат до граѓаните – вели Арсовски.
Аналитичарот додава и дека би било добро на гласачките ливчиња граѓаните да избираат за кого сакаат да гласат со т.н. преференцијални гласови и се надева дека државата би нашла капацитет и механизам, со што би ја подобрила демократијата во земјата.